Македонија
Договорени активности за уште поголема афирмација и развој на македонистиката во Полска
Веќе од следната година ќе започнат нови заеднички проекти за уште поголема афирмација на македонскиот јазик, литература и култура во Полска. Цврста е взаемната решеност за поголеми вложувања во развојот на македонистиката на Шлезискиот универзитет во Катовице. Заеднички ќе се работи на остварување веќе конкретни планови за натамошно зголемување на интересот за македонистиката на Факултетот за хуманистика во Сосновјец. Традицијата од 35 години изучување на македонскиот јазик на овој реномиран универзитет обврзува заеднички да се создадат и нови перспективи за полската македонистика.
Ова меѓу другото беше договорено и истакнато на работниот состанок на директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска со делегација на Факултетот за хуманистика при Шлезискиот универзитет, предводена од директорката на тамошниот Институт за русистика и славистика, проф. д-р Мирослава Михалска-Суханек. На состанокот учествуваа и проф. д-р Роберт Боњковски од Одделот за јужнословенски јазици при Институтот за славистика и доц. д-р Уршула Михалик од Институтот за англистика од Факултетот за хуманистика во Сосновјец, како и проф. д-р Лидија Танушевска и лекторката по полски јазик, Наталија Лукомска од Катедрата за славистика на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ.
Во разговорот на професорите од двете земји беа разменети идеи и беа договорени конкретни активности за натамошно развивање на македонистиката на Шлезискиот универзитет и воопшто во Полска. Особено значајно е што беа договорени активности за поттикнување поголем број нови студенти на Шлезискиот универзитет да се посветат на изучувањето на македонскиот јазик уште во првиот циклус студии, за што клучен ќе е придонесот и на Лекторатот по македонски јазик, кој е темел на изучувањето на македонистиката на Универзитетот. Како што посочија соговорниците, со договорените активности ќе се оствари влог во нови генерации афирматори на македонистиката во Полска, кои во следните децении преку наставата, научната работа и книжевниот превод ќе ги промовираат македонскиот јазик, литература и култура во полската културна средина.
Но, како што беше истанато, исто толку важно е што на Факултетот за хуманистика во Сосновјец има и докторанти по македонски јазик и што полски студенти, македонскиот јазик, мошне интензивно го изучуваат и на вториот циклус, магистерски студии, а како резултат на проектот за модерни славистички студии во кој се вклучени двата универзитета, веќе може да се очекува уште поголем интерес за македонистиката и на овие повисоки академски рамништа. Заради тоа, на состанокот беа прецизирани и активности за заеднички залагања со кои ќе се создадат и нови перспективи за студентите на Шлезискиот универзитет кои македонскиот јазик го изучуваат на повисоко академско рамниште уште повеќе да се вложат во натамошната афирмација на македонистиката во Полска.
Меѓу другото, на состанокот се разговараше и за унапредувањето на наставата по македонски јазик, литература и култура на Шлезискиот универзитет, при што беше посочено дека клучни се учебниците и воопшто материјалите кои ги овозможува МСМЈЛК при УКИМ.
Во текот на следниот семестар од оваа академска година, достојно ќе биде одбележан значајниот јубилеј 35 години македонистика на Шлезискиот универзитет во Катовице. Како што беше истакнато и на состанокот, важно е што одбележувањето на јубилејот ќе се оствари не само со пригодна свеченост, туку и со низа активности кои ќе придонесат за нови научни потфати на полските слависти и македонисти посветени на македонскиот јазик, литература и култура, значајни за натамошниот развој на полската македонистика. Професорите од двете земји разговараа за голем дел од активностите кои по повод јубилејот ќе се остварат на Шлезискиот универзитет, во содејство со МСМЈЛК при УКИМ.
На Шлезискиот универзитет, македонистиката е присутна од академската 1987/88 година, кога започнува со работа Лекторатот по македонски јазик. На Факултетот за хуманистика при Универзитетот има неколку реномирани професори кои се големи посветенци и познавачи на македонистиката, кои и ја држат наставата по македонска литература и по превод од и на македонски јазик. На состанокот беше нагласено дека договорените проекти кои ќе започнат да се остваруваат следната година и воопшто планираните заеднички активности ќе бидат влог и во перспективите на следбениците на овие професори – идните културни амбасадори на нашата земја во Полска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

