Македонија
„Договорот со ‘Бехтел и Енка’ останува тајна – ДПМНЕ го погази ветувањето за декласификација“, велат од партијата Левица
„Министерот за транспорт Александар Николоски на 26 јуни 2024 упати ветување до јавноста дека ќе го декласифицира договорот со „Бехтел и Енка“. По само две недели изјави дека тоа нема да се случи. Како политичка партија која се залага за транспарентност и одговорно управување со државните ресурси, #Левица изразува длабока загриженост поради договорот со „Бехтел и Енка“ кој е финансиран со пари на граѓаните, а останува класифициран како државна тајна“, велат од партијата Левица.
„Оваа влада, со своето прикривање на клучни информации од јавноста, покажува дека се обидува да спроведе проект кој потенцијално може да има огромни негативни последици по државниот буџет и економската стабилност на Република Македонија.
Го прашуваме министерот Николоски: Зошто продолжува да спроведува таен договор со приватен субјект, а финансиран со народни пари? Што е толку скандалозно и шокантно во договорот меѓу државата и приватна градежна компанија? За што се до сега издвоени 240 милиони евра народни пари? Какви други натамошни обврски презела државата кон приватниот субјект за кој граѓаните не треба да знаат? Дали прифаќањето на одредби кои можеби содржат криминални компоненти, нема да бидат кривично гонети? И на крајот, дали власта во држењето на овој договор во тајност штити од кривичен прогон одредени личности од минатата владејачка гарнитура, воедно и создава терен и за слични вакви идни постапки?
Граѓаните на Прилеп секојдневно протестираат против овој договор, изразувајќи го својот оправдан револт и загриженост. Ова е јасен сигнал дека јавноста бара актуелната Влада да опстои на своите ветувања дека ќе биде транспарентна и одговорна. Граѓаните не се подготвени да дозволат нивните имоти и животна средина да бидат загрозени преку сомнителни договори.
#Левица бара министерот Николоски да го одржи ветувањето, односно веднаш да се декласифицира договорот и сите услови од договорот да бидат јавно објавени! Само со целосна транспарентност можеме да спречиме потенцијални злоупотреби и штетни договори кои ќе ја чинат државата милионски суми.
Дополнително, го повикуваме Основното јавно обвинителство да започне соодветна истрага во врска со овој договор, како што беше ветено од министерот Николоски. Владата мора да е свесна дека одговорноста за држење на овој договор како таен, сега е нејзина.
Остануваме на страната на граѓаните и нема да дозволи државните интереси да бидат жртвувани поради нечиј личен или политички профит. Ќе се бориме за целосно разоткривање на сите детали од овој договор и ќе направиме сè што е во наша моќ за да спречиме штетни проекти кои можат да имаат катастрофални последици за нашата земја.
Време е власта да покаже дека нема што да крие и да го објави договорот со „Бехтел и Енка!. Граѓаните заслужуваат одговори, а не прикривање и молк, затоа што на крајот, тие ја плаќаат цената“, соопшти партијата Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Мали остатоци од снег има на планинскиот превој од (село Лисец – Попова Шапка) кои се задржани на коловозот, извести АМСМ.
Врнежи од снег со слаб интензитет има на патниот правец (Крива Паланка – г.п.Деве Баир) кој не се задржува на коловозот и намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 30 метри, Ѓавато до 100 метри и планинскиот превој Крушево до 40 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд. Претпладне, врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и во некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, а попладне наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица следува период на претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на повисоките планини, ќе преминуваат во врнежи од снег. Повремено наместа врнежите ќе бидат пообилни. До сабота ќе дува југоисточен и југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот и ќе дува засилен северен ветер.

