Македонија
Наметнатото раководство на ДПМНЕ е за прифаќање на понижувачкиот договор, сметаат од Демократската фракција
Премиерот Заев нема мандат, легалитет, ниту легитимитет во име на целата нација да договара промена на нашето вековно име, велат од Демократската фракција на ВМРО-ДПМНЕ притоа повикувајќи се на член 119, ставови 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, на лично дадените гаранции што Заев ги вети при добивање на мандатот за мандатар, како и на изборната програма на СДСМ.
Од Фракцијата додаваат дека со објавениот финален документ од преговорите за името Република Македонија и Македонците се клекнати на колена.
„Македонија поради личната каприциозност на нашиот премиер е доведена во ситуација земи или остави. Договорот е историски само во поглед на целосното исполнување на грчките предуслови и срамната отстапка на македонските преговарачи. Република Македонија не доби ништо, туку го задржаа она што го имаше и досега. Република Македонија и Македонците го изгубија Уставот, добивме ново име, ги поделија Македонците од Грција на грчки Македонци и словенски Македонци и со тоа ги прекинаа нивните крвни врски и потекло“, се наведува во соопштението.
Понатаму се истакнува дека прифаќањето ерга омнес и уставната ревизија е голем дипломатски успех за Грција и пораз на Македонија бидејќи тоа значи користење на новото договорено име не само во меѓународните односи, меѓународните организации, форуми и документи туку и во рамките на земјата и во сите домашни документи и исправи.
Од Фракцијата истакнуваат дека се посебно иритирани од бенигниот и нејасен став на, како што велат, наметнатото раководство на ДПМНЕ, кое, според нив, е во функција на промената на името и прифаќање на понижувачкиот договор.
„Ставот да се чека референдумот и на него да се каже ‘не’ само ја покажува мрачната договорена нечесна игра во која резултатот е однапред познат. Целта е со помош на членовите на партијата да се постигне одѕив на референдумот. И затоа членството и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не смеат да потпаднат на оваа манипулација на Мицкоски и наметнатото партиско раководство“, стои во соопштението.
Во него се упатува и апел до пратениците на ВМРО-ДПМНЕ со факти и аргументи да се спротивстават на најавеното гласање на договорот Заев – Ципрас во Собранието на РМ и пред неговото изгласување да си поднесат неотповиклива оставка и да побараат нови избори.
„Само на нови избори еден лидер и политичка партија може да добијат легимитет од граѓаните за промена на името. Немањето консензус за содржината на договорот го сметаме за основа да го прогласиме за нелегален и нелегитимен и во блиска иднина да бараме негово целосно поништување“, велат од Демократската фракција на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.
Македонија
(Видео) Филипче: Врските на Стоиљковиќ со Москва и кинеските кредити се сериозен сигнал
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по обраќањето на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, оцени дека пораките упатени од највисоката адреса на Алијансата се јасни и недвосмислени и директно се однесуваат на актуелната влада. Филипче вели дека врските на вицепремиерот Иван Стоиљковиќ со структури блиски до Москва како и кинеските кредити претставуваат сериозен сигнал за загриженост.
„Фактот дека вториот човек во Владата има отворени контакти со лица и организации кои се во директна комуникација со Кремљ, во време кога Русија води агресија врз Украина, е нешто што не може да се игнорира“, нагласи Филипче.
Тој посочи и на финансиските аранжмани на Владата, потенцирајќи дека заемот од една милијарда евра преку Унгарија, за кој европските институции во свој извештај нотирале дека станува збор за средства со кинеско потекло, отвора сериозни прашања.
„Кога на тоа ќе се додадат и кинеските пари кои пристигнаа преку заемот од Унгарија, станува јасно дека станува збор за политики кои испраќаат погрешни сигнали во рамки на Алијансата. Нашиот одбранбен чадор знае точно какви политики води оваа влада и јасно укажува на нив“, истакна Филипче.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 17 степени
Утре претпладне времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди, информира УХМР.
Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.

