Македонија
Додатокот за родител што чува дете со попреченост се зголемува до 50 отсто од просечната нето-плата

Со новиот Закон за социјалната заштита, кој е дел од социјалната реформа, се воведуваат две целосно нови услуги за лицата со попреченост – лична асистенција и услугата домашна нега. Правото за попреченост се проширува и за лицата со интелектуална попреченост, а додатокот за надоместок за плата за скратено работно време за родител што чува дете со попреченост се зголемува до 50 отсто од просечна нето-плата, соопшти Министерството за труд и социјална политика.
„Како поддршка на биолошките семејства што имаат деца со попреченост се зголемува износот на утврдената висина на правото на посебен додаток 15 отсто. Воедно, се воведува и таканаречениот траен надоместок за родител, кој се грижел за детето со попреченост до неговата 26-годишна возраст, без да го смести во институција, кој е невработен и не користи право на пензија, по наполнување на 62 години за жена, односно 64 години за маж“, соопшти Министерството.
Исто така, се развива и услугата за замена на семејна грижа, која ќе обезбедува краткотрајно згрижување зависни членови од семејството поради одмор, лични и професионални потреби на членови на семејството што се грижат за нив, што е исто така дел од новиот Законот за социјалната заштита.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ѓорѓиевски и Тошковски на пешачење во Градски парк: секој чекор е здравје

Градскиот парк денеска беше изборот на градоначалникот на Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски. Двајцата утрото го започнаа со пешачење низ алеите на паркот, во спортска опрема и ведро расположение.
„Најубаво е денот да започне со утринско пешачење низ Градскиот парк, свеж воздух, мир и позитивна енергија. Секој чекор е здравје, секој здив е нова сила. Започни го денот со природа, а денот ќе ти врати со радост“, напиша Ѓорѓиевски во својата објава на социјалните мрежи.
Македонија
За влез и излез од државава на граничните премини се чека до 15 минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за влез и излез е околу 10-15 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
Македонија
Свежо утро, а преку ден до 33 степени

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, а вдолж Повардарието повремено засилен северен ветер.
Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 19, а максималната ќе достигне од 25 до 33 степени.
Во Скопје, сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 30 степени.
До средината на следната седмица ќе преовладува претежно стабилно време со дневни температури малку под просекот за овој период од годината. Потоа времето ќе биде сончево и потопло со пораст на дневната температура.