Македонија
Доделени благодарници за младите научници
На свечен прием во Клубот на пратеници во Скопје, директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС), Дарко Каевски, придружуван од посебниот советник за млади и спорт на премиерот Зоран Заев, Ѓорги Тасев, на неколку десетици ученици им врачи благодарници за нивните учества и освоени награди и медали на меѓународни олимпијади од областа на хемијата, физиката, математиката и информатиката.

На настанот, освен учениците, учествуваа нивните родители, професори, ментори и претставници на Друштвото на физичарите, Здружението на информатичарите и Сојузите на хемичарите и технолозите, како и на математичарите, на кои исто така им беа доделени благодарници.
„Владата силно верува и ги поддржува младите во нивната слобода, креативност, знаење и во можностите за нивно изразување од кои бенефит имаат сите граѓани и целото општество. Искористувањето на иновативниот потенцијал кај поединецот е суштинска основа за градење на општество, базирано на знаење“, рече посебниот советник за млади и спорт, на премиерот Заев, поздравувајќи ги присутните во свое лично име и во име на Владата на Република Македонија и нејзиниот претседател.
Истакнувајќи ја важноста на потенцијалот на младите и талентирани луѓе, Тасев рече дека Владата, Агенцијата за млади и спорт и сите надлежни институции ќе продолжат со интензивирањето на поддршката за подобрување на условите за стекнување на нивните знаења, истражувања и подобри резултати.
Директорот Каевски на присутните им ги честиташе резултатите што ги постигнале на меѓународните натпревари, заблагодарувајќи им се на сите учесници и тимовите што ги подготвувале за несебичното залагање.
„Од позиција на директор на Агенцијата за млади и спорт, како највисока институција која е надлежна за креирање младински политики во државата и пред сè како млад човек, секогаш несебично ќе се залагам за поддршка на младите таленти, чија единствена грижа треба да биде нивното надоградување и остварување поголеми успеси, а државните институции се тие што треба да се грижат за сето она друго останато“, истакна Каевски.
Директорот Каевски истовремено го претстави новиот правилник со кој се дефинираат критериумите и постапката за поддршка на млади таленти и со кој се планираат двојно повеќе средства за идната година.
Правилникот, според Каевски, е основа за изнаоѓање системски решенија за оваа област, кои ќе се заокружат со донесувањето на Законот за млади, кој е во подготовка и чиј предлог-текст веќе се креира заеднички од страна на пратениците, Владата, граѓанските организации и сите засегнати страни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пратениците на СДСМ утре ќе поднесат предлог за надзорна расправа и Анкетна комисија за Кочани
Пратениците на СДСМ и Коалицијата утре ќе поднесат предлог до Собранието за надзорна расправа и формирање посебна Анкетна комисија за целосно и независно испитување на трагедијата во „Пулс“ објави претседателот на СДСМ, Венко Филипче повикувајќи ги сите пратеници да ги поддржат.
„Пратениците на СДСМ и Коалицијата ги поддржуваат барањата на семејствата на загинатите и повредените во Кочани и утре ќе поднесат предлог до Собранието за надзорна расправа и формирање посебна Анкетна комисија за целосно и независно испитување на трагедијата во „Пулс“, за утврдување на вистината и одговори на сите прашања.
На денешната координација на пратеничката група на СДСМ и раководството на партијата оценивме дека ова се неопходни чекори за проверка на постапувањето на сите институции, утврдување на политичка одговорност, како и подготовка на понатамошни мерки и решенија за вакви трагедии никогаш повеќе да не се случат во Македонија.
Ги повикувам сите пратеници од сите политички партии да ги поддржат овие иницијативи во македонското Собрание.“ стои во објавата.
Македонија
Минчев во Рим: усвоена новата декларација за реформи на јавната администрација во Западен Балкан
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, учествуваше на 17. седница на Управниот одбор на Регионалното училиште за јавна администрација (ReSPA) на министерско ниво, која се одржа во рамките на конференцијата „Партнерство за реформи: Министерски дијалог Западен Балкан – Италија“ во Рим, Италија.
На седницата беа презентирани и усвоени Годишниот извештај за периодот од 19 октомври 2024 до 19 октомври 2025, кој ги акцентира постигнувањата во реформите на јавната администрација, како и Буџетот за 2026–2027 година, кој обезбедува континуитет во активностите и поддршката за земјите од регионот.
Изгласана беше и Министерската декларација за реформа на јавната администрација, која потврдува заложбата за регионална соработка.
Оваа година декларацијата се фокусира на модернизација, дигитализација и унапредување на соработката со земјите членки на ЕУ.
Седницата заврши со предавање на претседателството на Управниот одбор на ReSPA беше свечено од министерот за јавна администрација на Црна Гора, Мараш Дукај, на министерката за јавна администрација и локална самоуправа на Србија, Снежана Пауновиќ.
Во рамките на оваа значајна регионална иницијатива, министерот Минчев со своето учество повторно ја потврди континуираната поддршка на Република Македонија за унапредување на реформите во јавната администрација, зајакнување на регионалната соработка и интеграцијата во европските административни стандарди.
Македонија
Два авиони наместо во Скопје пренасочени во Приштина поради силен ветер
Два вечерни лета кои требаше да слетаат на скопскиот аеродром, се пренасочени кон Приштина поради неповолни услови за слетување.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, изјави дека во скопскиот регион дува силен јужен ветер, кој создава проблеми за безбедно слетување:
„Поради силен јужен ветер, кој го зафати скопскиот регион, два авиони се пренасочени за слетување кон приштинскиот аеродром, додека други два сè уште кружат и чекаат насоки за слетување“, рече Ангелов.
Според информациите, ветерот дува на поголема височина, што дополнително ги отежнува процедурите за приод и слетување на скопскиот аеродром.

