Македонија
Доделени ЕУ-наградите за истражувачко новинарство за 2020 година
Наградите од Европската Унија за истражувачко новинарство за најдобри остварувања во 2020 година во Македонија беа доделени синоќа во Скопје.
Првата награда ја доби новинарски тим од „Радио МОФ“ – Јасмина Јакимова, Бојан Шашевски, Даниел Евросимоски и Емилија Петреска – за истражувањето со наслов „По трагите на балканскиот рис – истражувачка сторија во две продолженија“, која жирито ја оцени како производ базиран на извонредно истражување.
Втората награда ја освои новинарската екипа на Истражувачката репортерска лабораторија – Македонија за серија истражувања поврзана со медицинска опрема, тестови и маски во екот на пандемијата со наслов „Пандемиско профитерство – другата страна на приказната со Ковид-19“.
Третата награда ја доби сторијата со наслов „Работат 44, а плата земаат 1.410 лица – истражувачки серијал за работата на Министерството за политички систем“, објавена на www.pina.mk и www.samoprasaj.mk од авторите Кристина Озимец и Влатко Стојановски.
„Истражувачкото новинарство е од голема важност, бидејќи придонесува во заштита на јавниот интерес и бара отчетност од оние кои се на власт. Новинарството како професија има одговорна задача да ја информира јавноста на објективен начин и истовремено да го одразува мноштвото на гледишта коишто се јавуваат во јавноста и секако да бара отчетност“, рече во своето обраќање заменик амбасадорот на Европската делегација во Скопје, Џулијан Васало.
За наградите, за кои беа пријавени 13 стории, одлучуваше жири комисијата со која претседаваше уредничката од Сакам да кажам, Марина Костова како и членките Тамара Чаусидис (БИРН Македонија) и Милица Шариќ главен уредник во Центарот за истражувачко новинарство – Србија.
ЕУ наградите за истражувачко новинарство имаат за цел да ги поттикнуаат и промовираат извонредните постигнувања на истражувачките новинари во земјите на Западен Балкан и Турција, како и да ја подобрат видливоста на квалитетното истражувачко новинарство во овие земји во јавноста.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Центар денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 07:30 до 15:30 часот, дел од корисниците на улицата Новопроектирана 2, дел од локали и згради на булеварот, Партизнаски Одреди бр.15-17 и дел од локали и згради на булеварот Климент Охридски, општина Центар.
Македонија
Делови од Карпош и Бутел денеска без вода
Од ЈП водовод и Канализација известуваат дека поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на улицата Демир Трајко 51, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демир Трајко и Партизанска крак 1,3,5,7,9 и 11, општина Карпош. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Од ЈП водовод и Канализација исто така известуваат дека поради дефект на огрлица ф-300 мм на улицата Хо Ши Мин 292, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица, општина Бутел. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст
Сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 12 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Времето во наредниот период
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст. До средината на следната седмица ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, а по одредени котлини ќе има појава на магла.

