Македонија
Докторот од Македонија, кој прегази куче во Софија, обвинет за сурово однесување кон животно
Окружното обвинителство на Софија го обвини докторот Ненад Цоневски за намерно сурово однесување кон животно, обвинение што спаѓа под кривична одговорност предвидена во Кривичниот законик, јавија бугарските медиуми.
Денес, во 16.30 часот, пред централниот влез на Воено-медицинската академија во Софија ќе се одржи протест со слоганот „Правда за Маја“, насочен кон борба против суровоста кон животните и поддршка на построги законски санкции во вакви случаи.
Повод за организирање на протестот е инцидент во кој Цоневски прегази куче во Софија. Кучето, со име Маја, беше тешко повредено и последователно беше евтаназирано.
Името на Цоневски е поврзано со Воено-медицинската академија, каде што работел. Порано оваа недела раководството на болницата објави дека докторот е привремено суспендиран од својата позиција додека случајот не се расветли.
Бугарските медиуми вчера објавија дека Цоневски се вратил во Македонија. „Специјалистот по торакална хирургија, д-р Ненад Цоневски, кој беше снимен на 9 ноември како го прегазува кучето Маја во населбата Разсадника во главниот град со својот ‘фолксваген пасат’, се врати кај своите родители во родниот град Делчево, Северна Македонија“, објави „Телеграф“.
Пред да ја напушти Бугарија докторот бил испрашуван во полициска станица по што бил ослободен.
Случајот предизвика сериозна јавна реакција на социјалните медиуми и на онлајн-платформите. Петицијата со која се бара целосна и непристрасна истрага собра над 220.000 потписи. Луѓето бараат ефикасно спроведување на законот и воведување посериозни санкции за намерно насилство, кое резултира со смрт или тешко страдање на животните.
„Сакаме да испратиме јасна порака дека ваквите дејства нема да се толерираат и дека мора да има реални последици за сторителите“, коментираа организаторите на протестот, цитирани од Бугарското национално радио.
На социјалните мрежи се јавија и граѓани со поддршка за Цоневски.
„Ние, група граѓани за поддршка на д-р Ненад Цоневски, сакаме и јавно да ја изразиме нашата морална поддршка за докторот Ненад Цоневски – наш сограѓанин, кој е млад и перспективен човек, а кој неодамна ненамерно згазил улично куче во Бугарија – несреќен настан што може да му се случи на секој возач. Сметаме дека е неправедно овој несреќен случај да се користи за јавна осуда и навреди кон еден човек кој својата кариера и животот ги посветил на помагање на другите. Доктор Ненад Цоневски е првенец на својата генерација, завршил медицински факултет со исклучителен успех и моментно специјализира хирургија. Познат е по своите посветеност, хуманост и скромност“, се вели, меѓу другото, во писмото испратено од групата за поддршка на д-р Цоневски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одронот е исчистен, сообраќајот на автопатот Скопје – Велес се одвива нормално
Во 20:38 часот на патниот правец Скопје-Велес, тунел Бадар, одронот е исчистен и сообраќајот се одвива нормално, информира АМСМ.
Претходно, од таму информираа дека сообраќајот се одвива по една лента поради одрон во тунелот.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Одлуката за домашен притвор на Груби е на обвинителството со 2 отсто доверба
Правда мора да има и таа мора да биде неселективна и конечна. Одлуката за домашен притвор е на обвинителството. Истото она со 2 посто доверба и за кое СДС се бореше да биде несменето до последниот здив. Сите забелешки може да ги испратат до таа адреса, и до омилените на Венко обвинители, велат од ВМРО-ДПМНЕ, по одлуката на скопското обвинителството да побара замена на мерката притвор со куќен притвор за Артан Груби.
„СДС треба да се договори со себе бидејќи се исклучително недоследни. Изутрина тврдат дека ДУИ одработува за ВМРО-ДПМНЕ, а сега дека е обратно. А всушност СДС се вистински во паника затоа што нивниот криминоген другар Артан Груби може да проговори за сите ортачки криминали на владите на Зоран и Вице, на Венко и Ковачевски, за бизнисите на Зечевиќ. Зошто врхушката на СДС денес заседаваше и “вртеше” телефони интересирајќи се за исказот на Артан Груби во обвинителство. Ова е и причината зошто СДС во случајот со Груби се однесува по логиката иста на онаа: “лопов вели држете го лоповот”. Црната кутија за криминалите на СДС и ДУИ падна. Прашање на време е кога “исплашените” од СДС ќе му прават на судските клупи друштво на Артан Груби“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Куќниот притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, велат од СДСМ
Одредувањето куќен притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, сметаат од СДСМ. Според партијата, затоа судството и обвинителството се ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ.
„Дилот ВМРО–ДУИ се спроведува пред очите на јавноста. Прво со договореното враќање и режираното снимање на граничниот премин. Не работеа камерите кога Груби си замина преку граница, слободно, со пасош, иако бил на стоп-листата. Но, за договореното враќање на Груби камери има на секој чекор – од граница, пречек, па сè до Обвинителството и Судот. Потоа следуваше веќе подготвената кампања по медиумите под контрола на Орбан, а сега и одлуките за куќен притвор. Ако некој еднаш избегал од државата, зошто му се одредува куќен притвор?“, прашуваат од СДСМ.
Од таму велат дека ништо не е случајно и останува само да видиме која е цената.
„Пеш преминал преку граница и побегнал. А бил на стоп-листа. Сега, после 14 месеци бегство – се враќа и му се одредува куќен притвор. На кого уште не му е јасно ова сценарио? Ништо не е случајно. Ова е дел од договорот меѓу ДУИ и ВМРО-ОКГ. Останува само да видиме која е цената“, велат од СДСМ.

