Македонија
ДОМ: Новиот нацрт-закон за Рударство е директна закана за здравјето на луѓето
Зелената партија ДОМ категорично го отфрла новиот нацрт-закон за Рударство предложен од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Наместо да поставува линии за стратешки развој, според ДОМ, овој закон е директна закана за животната средина, здравјето на граѓаните и демократските принципи на одлучување.
ДОМ цени дека ова законско решение силно ја централизира моќта во Владата, дозволувајќи ѝ да прогласува минерали за „стратешки“ без јавна дебата и учество на граѓаните и граѓанките.
„Спорна е и можноста за дозволување на концесии до 60 години, како и овозможување на експропријација на приватно земјиште, што ќе претставува правна основа за удар врз имотните права. Со предложените одредби ќе се врши и привилегирање на државни и странски компании, без спроведување на јавен повик. Особено загрижува воведување на можност за користење на опасни технологии во постојните рудници, како и признавањето на загадување, но не и понуда на механизми за превенција. ДОМ оценува дека моделот на „управување со ризик“, не преставува правен механизам за заштита на животната средина и здравјето на граѓаните и граѓанките“, велат од ДОМ.
Според партијата, ова законско решение не е во јавен интерес, туку истото е насочено и дизајнирано за задоволување на корпоративни структури и финансиски интереси, притоа создавајќи остри ризици за здравјето на идните генерации, распродавајќи ја земјата и претворајќи го природното богатство во профит за малкумина.
ДОМ порачува дека Македонија не е ничија лична сопственост и апелира до граѓаните и граѓанките активно да се вклучат во јавната расправа за која преостануваат уште девет дена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Обезбедени се средства за набавка на 150 електрични автобуси за Скопје и општините
Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа каков е планот за набавка на најавените нови еколошки автобуси, изјави:
„Па ние на владина седница донесовме одлука, во рамките на „Влада со Влада“ договорот којшто го имаме со Унгарија. Дел ќе биде кредит, под оние исти услови коишто ги имавме и во претходниот случај, односно 3 години грејс период, дополнителни 12 години отплата, значи 15 години со истата каматна стапка“.
Градот Скопје во претходна анкета побара 250 вакви автобуси, кажа Мицкоски.
„За него ќе бидат отстапени 100, со 50 полначи, а останатите општини коишто имаат организиран градски превоз, побараа, мислам дека побараа 89, а ќе добијат 50, со 25 полначи“.
Македонија
Минчев: ИСУЧР како единствен систем, носи транспарентност и буџетски заштеди
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, се обрати на седница на Управниот одбор на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), на која го истакна значењето на Информациониот систем за управување со човечки ресурси (ИСУЧР) како единствен, централен и задолжителен систем за сите институции во јавниот сектор, вклучително и општините и јавните установи.
„ИСУЧР не е уште еден информатички проект, туку темелна реформа која обезбедува законита пресметка на платите, транспарентност и реална контрола на јавните трошоци“ истакна министерот Минчев.
Тој информираше дека Владата донела одлуки со кои ИСУЧР станува единствениот извор на податоци за вработените и за пресметка на платите, при што државата по првпат стекна сопственост врз изворниот код на системот, со што се обезбедува долгорочна стабилност и целосна контрола.
Министерот нагласи дека со користењето на еден унифициран систем се остваруваат значителни буџетски заштеди и на централно и на локално ниво, преку укинување на паралелни софтверски решенија и дополнителни трошоци.
Министерството за јавна администрација обезбедува континуирана поддршка и обуки за институциите.
„Приклучувањето кон ИСУЧР не е прашање на избор, туку на одговорност и заштита на јавните финансии“ порача Минчев, нагласувајќи ја клучната улога на ЗЕЛС како партнер во реформата.
Македонија
ССМ следната недела ќе го блокира Собранието: Пратениците ќе мораат на работа пеш и без патни трошоци, ќе ги удриме по џебот како тие нас
Прва институција која ќе ја блокираат работниците како продолжение на протестот за 600 евра минимална плата и зголемување од 100 евра на сите останати плати е Собранието. Блокадите ќе почнат следната недела, а деталите околу блокадите Синдикатот ќе ги објави по средба со владин претставник во понеделник. Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов јавно повика владин претставник да дојде во ССМ и да го потпише колективниот договор со кој не во 2028 туку во 2026 година ќе ги покачи за 40 % платите, по обвинувањето дека ССМ одбиле толкаво зголемување на платите на работниците за две години.
Претседателот Трендафилов објасни дека одлучиле првата блокада да биде на Собранието оти пратениците цела година го чуваат законот во фиока и не сакаат да ги зголемат платите на работниците.
„ Ќе мора да одат пешки за почеток, како што работниците одат пешки на работа. Или ќе треба да дојдат со јавниот градски превоз, како што одат на работа работниците. И дента нема да можат да наплатат патни трошоци. Ќе побараме од претседателот на Собранието да не информира кој пратеник за тој ден побарал патни трошоци. Ќе ги удриме по џебот. Онаму каде што не удираат нас работниците цела година, пред да им ја намалиме платата. Ќе ги чекаме да ги поздравиме дека треба да гласаат, да ги потсетиме дека таму се заради нас и дека ние сме ги бирале“, рече претседателот Трендафилов.
Блокирањето ќе биде следната недела за да им се остави простор на властите да ја покачат минималната плата.
„Зошто наредната недела? Затоа што имаат време да се соберат, онака сложно како што сложно сега молчат за нивните плати кои ќе се зголемат, еве гувернерот на Народна банка кажа за 9,2% затоа што порастот на просечната плата е 9,2%. Да го поздравам и него затоа што и неговата плата ќе се зголеми за повеќе од 300 евра. И кога коментирате за работниците и за тоа како треба да им се зголемат работничките плати излезете на улица и погледнете ги во очи. Ако не искористете ги медиумите од прилозите кои ги прават затоа што луѓето ви кажуваат дека тешко се живее. Срам да им е“, рече претседателот Трендафилов.
Тој и денес нагласи дека протестот не е политички организиран, ниту пак организиран за да ѝ се наштети на Владата туку дека работниците се обединија околу сиромаштијата, околу мизерните плати и околу борбата за достоинствен живот.
Им се заблагодари на работниците за масовната поддршка и јавно кажа дека притисоци да не излезат на протестот имало во Македонски пошти, тутунски комбинат Прилеп, во СОНК Делчево, а најави дека листата ќе ја дополни откога синдикалните организации ќе му достават информации.
Доколку и по блокирањето не се покачи минималнат аплата, ССМ веќе работи на подготовка на генерален штрјак.

