Македонија
(Видео) Дончев за смртта на малата Ева: Не добивме понуда од германската болница
Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Ден Дончев, на прес-конференција на која ја образложи процедурата за лекување во странство за случајот со Ева Крстановска рече дека стапиле во контакт со германската болница, но оттаму не добиле никаква понуда за лекување и со оглед на тоа од стручната служба на ФЗОМ не можеле да ја одберат таа болница.
Како што рече Дончев, до ФЗО пристигнале вкупно три понуди за лекување, две од Турција и една од Италија, откако барателот, односно семејството на Ева, на 25 јуни доставило барање до Фондот.
„ФЗО е законски обврзан да донесе одлука во рок од 48 часа за болницата каде што ќе се лекува пациентот. Ние тоа и го направивме. На 28.06 ја донесовме одлуката Ева да се лекува во турската болница каде што со издвоените средства од 145 илјади евра требаше да се изврши трансплантација на коскена срцевина и хемотерапија“, рече Дончев.
Семејството на Ева ја одбило оваа понуда од ФЗО по што приложило приговор до Фондот.
„Службите од ФЗО излегоа во пресрет на барателот и стапија во контакт со германската болница, но оттаму повторувам не добивме никаква понуда“, рече Дончев по што додаде дека шпекулациите за цената за лекувањето во Германија од 200 илјади евра не се точни.
Тој истакна дека при целата процедура се запазени сите законски постапки и дека од сите три понуди не е избрана најевтината.
Прашан дали чувствува одговорност, Дончев рече дека прашањето е тенденциозно.
„Ова е трагедија, лично сочувствувам, прашањето дали чувствувам одговорност е тенденциозно, Ева беше во многу тешка, животно-загрозувачка состојба“, рече Дончев.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Алијанса за Албанците на 27 декември ќе одржи собрание за реогранизација на партијата
На последниот состанок на Претседателството на Алијансата за Албанците, каде што се дискутираше за политичките случувања во земјата и понатамошните чекори кон структурирање на органите, членовите на Претседателството едногласно гласаа за одлуката за свикување на партиското Собрание, соопштија од партијата.
Според најавата, Собранието ќе се одржи на 27 декември и ќе се дискутира за реорганизација на структурите и органите на партијата, партиските политики и важните стратешки документи.
„Алијансата за Албанците продолжува да останува во одбрана на националната кауза, гласот на артикулирање на уставните и законските права на Албанците и зачувување на евроатлантската ориентација на земјата како единствен пат за перспективата на граѓаните“, пишува во соопштението.
Македонија
Повторно во прекин сообраќајот на „Богородица“
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ кон Грција (ГП „Евзони“) од 17:00 часот повторно е во прекин, информира АМСМ.
Сообраќајот беше во прекин од 11:00 часот поради штрајк на земјоделците.
Во 15 часот повторно беше нормализиран, а сега повторно е затворен.
На ГП „Дојран“ има задржувања за влез во државата.
Македонија
Левица: Очекуваме власта утре да покаже доблест и да се појави на Анкетна комисија за Кочани
Во пресрет на утрешната седница на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, повторно апелираме до пратениците од владејачкото мнозинство и поканетите претставници од власта, да не измислуваат изговори и да се појават на седницата, велат од Левица.
„Повторуваме дека оваа седница е свикана по претставка на родителите на трагично загинатите деца од Кочани, а датумот е успгласен токму со нив, бидејќи единствено утре не е закажано судско рочиште за „Пулс”. Оттука, утре е единствен ден кога родителите би можеле конечно да се обратат од Собранието кон претставниците на институциите од кои зависат одговорноста и промената на системот“, велат од партијата.
Од Левица наведуваат дека три пати се обиделе да закажат седница за трагедијата во Кочани.
„Три пати беше блокирана со директна улога на спикерот Гаши и ДПМНЕ. Власта која не најде сила ниту за комеморативна седница во Собранието, сега нема никаков легитимен изговор да ја кочи расправата. Досегашните изјави на власта дека токму утре било предвидено да се започне расправата за Предлог-буџетот, наоѓајќи алиби за повторно избегнување на седницата, е несоодветен и невистинит. Буџетската расправа трае пет дена, што е повеќе од доволно за да се исцрпи целата дискусија, а рокот за донесување на Буџетот е најдоцна до 31 декември“, велат од Левица.
Од таму упатија апел утре да не се повтори уште еден институционален срам.
„Седницата мора да се одржи, без одлагања, празни изговори и политички калкулации. Родителите доаѓаат да го кажат она што државата со месеци одбива да го слушне. Од власта и државниот врв се очекува, најмалку, да се појават и да погледнат во очи луѓе кои бараат правда, одговорност и промена. Секое ново бегање и саботирање би било уште една навреда за семејствата, но и народот, како и уште еден чекор кон одржување на системот кој дозволува да се повторуваат трагедии“, се наведува во соопштението.

