Македонија
До вчера судии со дициплинска и неуредна документација, денес на чекор да станат членови на Судскиот совет – Георгиев и Нанев влегоа на кандидатската листа
Врховниот судија Наке Георгиев и претседателот на Основниот суд Кавадарци Лазар Нанев се кандидати за нови членови на советот, откако денес со мнозинство гласови беше утврдена листата за избор на двајца нови членови.
Со тоа, Нанев, Антоанета Димовска од Основниот граѓански суд Скопје и врховниот судија Георгиев се тројцата кандидати за членови на Судскиот совет за пополнување на двете празни места.
Судскиот совет претходно водеше постапка за утврдување одговорност на Георгиев, но вчера, седум членови на советот на затворен дел од седница изгласале запирање на дисциплинската постапка.
Против кандидатурата на Георгиев гласаше само експретседателката на Судскиот совет, Весна Дамева која рече дека одлучила гласно да молчи и со молчење да го брани својот глас против утврдување на листата со овој кандидат од Врховниот суд.
Лазар Нанев првично не беше на кандидатската листа поради тоа што не поднел комплетна документација. По дебата на членовите на Судски со два гласа против и 8 за беше прифатен неговиот приговор. Членовите се согласија дека Нанев, сепак, ги приложил потребните документи во електронската форма.
Судскиот совет кој брои 15 члена изминатиот период се соочи со голем број критики во јавноста. Се почна со писмото на амбасадта на САД во кое беше изразена загриженоста и разочараноста при постапувањето на судовите. Потоа, почнаа караниците на седниците. Потпретседателот Селим Адеми кажа дека тогашната претседателка Весна Дамева го криела писмото и за него дознале од медиумите. Таа се правдаше дека била на одмор и тој требало да го презентира писмото.
По ова, следеше разрешување на Дамева. На јавна седница за нејзина смена гласаа седум членови. Потоа, во четири ѕида, била повлечена одлуката за разрешување на Дамева со седум гласови, па повторно се гласало и со девет гласа ја тргнале од функцијата. Сашко Георгиев, новиот избран претседател, уште неседнат, кажа дека свесно била исклучена јавноста.
Жестоки реакции имаше и од правната фела, кои констатираа низа нерегуларности.
Критики упати и холандскиот амбасадор кој го оцени ова тело како нелегитимно, а кусо потоа, пред околу еден месец судиите Зоран Герасимовски и Мирјана Радевска-Стефкова поднесоа оставки од функциите членови на Судскиот совет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсен врховен судија поради сомненија за примање поткуп
Врховниот судија Наке Георгиев е уапсен поради сомнеж за примање поткуп.
„Денеска 20 мај, лишен од слобода е судија од Врховниот суд поради сомневања за сторено кривично дело Примање награда за противзаконито влијание. Судијата е лишен од слобода на лице место при извршување на кривичното дело. Се чекаат натамошни насоки од надлежен јавен обвинител“, велат од МВР.
Засега не е позната локацијата каде што е приведен судијата, ниту пак, за колкава сума станува збор.
Македонија
Сиљановска доби честитка од кралот Чарлс
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Метју Лосон.
На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, при што претседателката Сиљановска Давкова истакна дека нашата држава придава особено значење на развојот на пријателските односи и соработката со Обединетото Кралство, вклучувајќи го сојузништвото во НАТО алијансата. Претседателката Сиљановска Давкова посочи на нејзината подготвеност за натамошно унапредување на билатералната соработка со Обединетото Кралство во сите сфери од заемен интерес.
Претседателката Сиљановска Давкова истакна дека како држава особено ја цениме британската поддршка во исполнувањето на стратешката цел – членство во Европската Унија, која продолжи и по Брегзит.
Амбасадорот Лосон на претседателката Сиљановска Давкова и предаде честитка од Кралот Чарлс Трети по повод нејзиното стапување на функцијата, во која упатува најискрени честитки за нејзиниот избор.
„Уверен сум дека ќе го вложите целиот Ваш капацитет за време на Вашиот мандат како Претседател за справување со големите предизвици на нашето време, почнувајќи од справувањето со климатските промени до продлабочувањето на евроатлантската интеграција на Северна Македонија. Многу сум задоволен што нашите две земји имаат воспоставено цврсти трговски и безбедносни односи. Оттука, се надевам дека за време на Вашиот мандат како Претседател односите, кои се веќе толку блиски, уште повеќе ќе се продлабочат“, се вели во честитката од Кралот Чарлс Трети.
Македонија
Сиљановска Давкова се сретна со украинската амбасадорка Дир
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ја прими амбасадорката на Украина, Лариса Дир.
На средбата, беше изразено задоволство од традиционалните пријателски односи, засновани на заемна почит и меѓусебно разбирање. Претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи нејзината заложба за продлабочување на соработката во сите области од заеднички интерес, реафирмирајќи ја поддршката за Украина против руската агресија, со која се поткопува европската глобална безбедност и стабилност.
Двете соговорнички разменија мислења и за стратешките определби и перспективите на двете земји, истакнувајќи ја потребата од натамошна заемна помош, споделување искуства и експертиза. Претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи македонската поддршка за Украина на нејзиниот пат кон Европската Унија и НАТО.
Амбасадорката Дир, упатувајќи честитки за изборот на претседателката Сиљановска Давкова ѝ посака успешно извршување на функцијата.