Македонија
До денеска пријавени 1725 граѓани од дијаспората за гласање на референдумот
Заклучно со денеска до 12 часот, преку веб-апликацијата www.dijaspora.sec.mk до Државната изборна комисија доставени се вкупно 1725 пријави од граѓани за гласање во дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија во странство, соопшти ДИК.
„Од нив, 1612 пријави се прифатени, 27 се одбиени, а останатите пријави се во обработка. Најголем број пријави се доставени за гласање во Берн – 170, во Љубљана – 137, во Лондон – 103, во Торонто – 98 и Канбера 71.Најмал број пријави поднесени се за гласање во Киев, Подгорица и Приштина – по една пријава, и Њу Делхи, Каиро и Доха – по две пријави“, се наведува во соопштението.
Гласањето во странство ќе се спроведе на 29 септември во дипломатско-конзуларните претставништва и конзуларните канцеларии на Република Македонија во кои се прифатени најмалку 10 пријави за гласање.
„Во однос на податоците од јавниот увид во избирачкиот список, заклучно со вчерашниот ден вкупно 3996 граѓани извршиле увид во податоците во подрачните одделенија и канцеларии на ДИК. Најголем број граѓани увид извршиле во Битола – 411, во Струмица – 364, Карпош -300, Радовиш – 217 и во Охрид и Прилеп по 199“ се додава во соопштението.
Јавниот увид во Избирачкиот список ќе трае заклучно со четврток, 23 август, до кога можат и да се поднесуваат барања за запишување, промена или бришење на податоци во Избирачкиот список.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

