Македонија
„ДПМНЕ фатена и во спорни набавки и во лага, една машина набавена по астрономски суми“, велат од СДСМ
„ДПМНЕ е фатена во нова афера со спорни јавни набавки на машини по астрономски цени, десетини илјади евра над реалните. Документите во прилог покажуваат дека општина Битола и општина Велес, раководени од ДПМНЕ набавиле по една машина за бележење хоризонтална сигнализација, а не две како што лажеше ДПМНЕ“, вели СДСМ.
„Во спецификацијата јасно е наведено дека Општина Битола набавила машина за бележење хоризонтална сигнализација за речиси 50.000 евра, иако таква машина може да се купи за 2-3 илјади евра.
Разликата во цената е дури 47.000 евра. Иста таква машина, од истата фирма набавила и општина Велес, по астрономска сума од 42.000 евра. Цена за 40.000 евра повисока од реалната.
Што и да кажат и лажат од Белата палата, јасно е дека градоначалници на ДПМНЕ се фатени со рацете во медот.
Наместо да се обидуваат да ја манипулираат јавноста, од ДПМНЕ да кажат во чии џебови завршиле астрономските разлики“, соопшти СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Топло со умерена облачност, температурата до 25 степени
Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. На североистокот ќе има услови за појава на краткотраен дожд.
Ќе дува слаб до умерен, а по должината на Повардарието краткотрајно засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 20 до 25 степен.
Во Скопје сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 23 степени.
Ќе настапи преодно стабилизирање на времето со позначителен пораст на дневната температура. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекува нестабилно време со локален пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме. Повремена претежно попладневна нестабилност со пороен дожд и грмежи, со променлив интензитет, ќе има сѐ до средината на следната недела.
Скопје
108 санкционирани возачи во Скопје
Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден продолжи со контролите во областа на сообраќајот.
„На територијата на град Скопје изречени се вкупно 108 мерки, меѓу кои девет мерки за возење без возачка дозвола, четири санкции за минување на затворен сигнал – црвено светло, седум мерки за користење мобилен телефон при возење, осум санкции за некористење на сигурносен појас…“, извести МВР.
Од таму додаваат дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.