Македонија
„Држава што не постапува е држава што силува“ – марш за женските права по повод 8 Март
Денеска по повод Меѓународниот ден на жената, со почеток во 15 часот, од пред Министерство за внатрешни работи ќе започне петтиот Марш за женските права.
Под слоганот: „Држава што не постапува е држава што силува“, на маршот ќе биде упатена порака дека не може жените да бидат слободни, кога сè уште се борат за своите работнички права, достоинство и почит и живеат под закана од насилство и системска дискриминација.
„Маршираме бидејќи држава што не постапува е држава што силува. Маршираме за поддршка на сите жртви на криминалната група ‘Јавна соба’ и сите жртви на родово засновано насилство. Маршираме за да ги потсетиме институциите, МВР и Јавното обвинителство дека нема да застанеме додека не ги исполнат нашите барања“, велат од организаторите на маршот.
Тие порачуваат дека Јавното обвинителство неодложно и темелно треба да го расчисти случајот „Јавна соба“, кој претставува кривично дело во кое огромен број жени се жртви на родово засновано насилство. Бараат кривичен прогон на администраторите на групите, како и сите членови кои праќале и сè уште праќаат фотографии и објавуваат лични податоци на девојки и жени. Организаторите на маршот се децидни дека сексуалното вознемирување преку интернет посебно треба да се регулира и во Кривичниот законик. Неопходно е и професионално постапување, помош и поддршка на жртвите на родово засновано насилство од страна на сите надлежни институции.
Маршот за правата на жените ќе се одвива според однапред определена рута, тргнувајќи од пред МВР, каде ќе има обраќање, а потоа до паркот Жена борец, каде што ќе заврши маршот со обраќање до јавноста и институциите.
Маршот е во организација на Платформата за родова еднаквост и активистките за женски права.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост на патниот правец Тетово – Скопје, врнежи од снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, извести АМСМ.
Врнежи од снег со среден интензитет се бележат на Попова Шапка, но во моментов не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот. На планинскиот превој Пресека се бележат слаби врнежи од дожд и снег – (лапавица).
Намалена видливост поради појава на магла до 100 метри има на патниот правец Тетово – Скопје.
Сите патни правци во државата се проодни.
.Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Без струја денеска делови од Аеродром, Карпош и Илинден
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 08:30 до 13:30 часот дел од корисниците на улиците 8 и 11 Белимбегово, општина Илинден;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од потрошувачите од улицата Струма, општина Карпош;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од корисниците на булевар Јане Сандански бр. 30, општина Аеродром.
Македонија
Претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Во југоисточните делови ќе има врнежи од дожд (над 20 l/m²), а на повисоките планини во северозападните делови врнежи од снег. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 7, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на променливо облачно до сабота и релативно топло време со повремени врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни. Во текот на ноќва во југоисточните делови ќе наврне над 20 l/m², а во петок поинтензивни врнежи ќе има во крајните западни делови. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Од недела ќе настапи заладување и врнежи од снег се очекуваат на планините и во некои од повисоките места.

