Македонија
Државната матура повторно доведена во прашање – испитниот центар продолжува со штрајкот
Синдикатот на Државниот испитен центар објви дека го продолжува генералниот штрајк кој беше ставен во мирување во мај оваа година. Велат дека потфрлиле надлежните институции кои беа задолжени да изнајдат решение за нивниот долгогодишен проблем со платите.
„Вработените во Државниот испитен центар (ДИЦ) излегоа во пресрет на матурантите и во многу кратки рокови со надчовечки напори ја реализираа навремено и успешно државната матура како и другите процеси и активности во надлежност на ДИЦ. Во овие седум месеци откако штрајкот беше ставен во мирување, ДИЦ беше во континуирани преговори со Министерството за финансии при што беа предложени и доставени на одобрување повеќе можни решенија, но за жал ниту едно не беше прифатено“, велат од ДИЦ.
Како што се додава, активностите кои се спроведуваат во овој период во ДИЦ, а чија реализација ќе биде доведена во прашање се: стручниот испит за наставници и стручни соработници (пријавени 700 кандидати), основната обука за кандидати за директори, напредните обуки за директори, меѓународните тестирања, а доколку овој проблем не се реши повторно ќе биде доведена во прашање и државната матура која со своите активности започнува од 1.1.2024 година.
Од ДИК им се извинуваат на сите лица кои ќе имаат потреба од услугите на Државниот испитен центар а кои со штрајкот ќе им бидат ускратени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места со мали остатоци од кашест снег на коловозот
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП Македонијапат.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Мицкоски е во паника, опозицијата освои двојно повеќе гласови од власта, велат од СДСМ
„Мицкоски мора да е во голема паника штом свика прес конференција да се пофали дека опозицијата освоила повеќе гласови од владејачките партии“, велат од СДСМ.
„Дури и со сите можни злоупотреби на институциите и притисоци, кандидатите за градоначалници од опозициските партии освоија двојно повеќе гласови од кандидатите на владејачките партии.
Опозицијата освои двојно повеќе гласови, 21.394 гласови а власта само 12.534 гласа. Заклучокот е едноставен, власта на ВМРО, ВЛЕН и ЗНАМ загуби вечерва и тоа убедливо“, соопшти СДСМ.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Прилеп и околината
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, ноќеска во 01 часот и 14 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 116 км југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.9
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Прилеп и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.

