Македонија
Државниот врв со честитка до христијаните, кои денес го празнуваат Божик
Претседателот Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски упатија честитка до верниците на Католичката црква и граѓаните што денес го празнуваат Божиќ според грегоријанскиот календар.
Пендаровски на верниците им посака празничните денови да ги помина, пред сè, во добро здравје, мир, хармонија и љубов, исполнети со радост и среќа.
„Божиќ како еден од најголемите и најсветли христијански празници ни носи верба и надеж исполнувајќи ги нашите домови со топлина, а нашите срца со љубов. Токму на денот на Христовото раѓање да ја покажеме нашата добродетел и да бидеме солидарни и грижливи за нашите блиски. Да си даруваме љубов и внимание и да се почитуваме и помагаме. Само сплотени и со длабока меѓусебна почит и заедништво ќе постигнеме просперитет и напредок на македонското општество. Христос се роди. Нека ни е честит Божиќ“, напиша Пендаровски.
Премиерот Димитар Ковачевски во име на Владата и во свое име посака спокојот и вербата што ги носат празничните денови да го насочат вниманието кон вистинските вредности, почитта, љубовта, разбирањето, трпението, грижата едни за други, на што посочува и Христовото дело.
Тие вредности, вели Ковачевски, се поттик и за совеста и духовната сила, за одговорноста на секого поединечно, во изградбата на општество на среќни луѓе, кои мотивирано придонесуваат во напредокот.
„Во годината што е пред нас има потреба повторно цврсто да се сплотиме околу приоритетите. А тоа денес е целта да осигураме заедничка перспективна иднина, за сегашните и идните генерации, во својата родна земја – Република Северна Македонија. Убеден сум дека како и досега заедно ќе успееме и во овој наш заеднички предизвик. По примерот на Христос, да правиме добри дела, што се светол патоказ за нашите деца, но и за следните генерации. Пожелувам божиќните и новогодишните празници да ги поминете во мир и радост, меѓу своите сакани. Христос се роди! Среќен Божиќ!“, напиша премиерот Димитар Ковачевски во честитката до бискупот Киро Стојанов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Бутел, Карпош и Кисела Вода
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.00 до 10.00 часот, корисниците од улицата Марко Крале лоцирани околу објектот бр. 51, општина Бутел;
– во периодот од 08.30 до 10.00 часот, корисниците од улицата Козле лоцирани позади фабриката Реплек, општина Карпош;
– во периодот од 08.35 до 11.00 часот, корисниците од улицата Радишанска, општина Бутел;
– во периодот од 12.00 до 16.00 часот, дел од корисниците од улицата 1439 во населба Пинтија, општина Кисела Вода.
Македонија
Без вода денеска дел од Кисела Вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување водоводен приклучок од ф – 100 мм – во близина на Макпетрол, без вода ќе останат корисниците од улицата Христо Татарчев лоцирани на потегот од улицата Народни Херои до улицата Франк Харкорд-Манинг, општина Кисела Вода.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата
Македонија
Следува период на стабилно време, дневната температура ќе биде во пораст
Времето денеска ќе биде сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до 2, а максималната ќе достигне од 9 до 15 степени.
Во Скопје, сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до -2, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на стабилно време, освен во вторник кога кон крајот на денот претежно во североисточните делови ќе има услови за повремен локален дожд. Утрата ќе бидат постудени, а дневната температура ќе биде во пораст.

