Македонија
Друштвото на писатели бара што поскора санација на спомен куќата на Владо Малески
Од Друштвото на писателите на Македонија велат дека будно и со длабока загриженост го следат случајот со спомен куќата на Владо Малески во Струга, која претрпе сериозни оштетувања поради небрежност при градежни работи во нејзина непосредна близина.
Куќата на Владо Малески, еден од деветмината основачи на Друштвото на писателите на Македонија, има статус на поединечно заштитено добро, а за неговата добробит се одговорни Заводот и музеј на Охрид, Управата за заштита на културно наследство и Комисијата за управување со Охридскиот регион.
„Со оглед на тоа што една од основните заложби на Друштвото на писателите на Македонија е грижата за книжевното и културното наследство што ја негува колективната културна меморија и го афирмира ликот и делото на неговите основачи, воедно и втемелувачи на современата македонска државност и култура, Управниот одбор на Друштвото на писателите на Македонија бара од надлежните институции координирано да овозможат да се преземат сите неопходни мерки за што поскора санација на настанатата штета и враќање на спомен куќата на Владо Малески во Струга во нејзината првобитна состојба“, се наведува во соопштението.
Од таму велат дека советниците, директорите, градоначалниците и функционерите се менуваат, но Друштвото на писателите на Македонија останува тука, и ќе продолжи да го следи текот на развојот на овој нестан, и во никој случај нема да дозволи оваа небрежност и предмет да залута по бирократски лавитинти и ќорсокаци, туку ќе продолжи да инсистира на преземање на сите неопходни мерки сè додека не се дојде до конечна позитивна разрешница.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Oблачно со повремени локални врнежи од дожд, на повисоките места од дожд и снег
Oблачно со повремени локални врнежи од дожд, на повисоките места од дожд и снег, а на планините од снег. Ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува слаб ветер претежно од северозападен прaвец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 10 степени.
Во Скопје, облачно и магловито, а попладне со повремен дожд. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 6 степени.
Времето во наредните денови
До почетокот на следната седмица следува период на претежно облачно време со локални врнежи од дожд на пониските и дожд и снег на повисоките места.
Македонија
(Видео) Симнете ги розовите очила и погледнете ги работниците – порачаа синдикатите до функционерите на протестот за повисоки плати, се бара 600 евра минималец
Со транспарентот „Протестираме за плата“, голем број граѓани излегоа на улиците за да го поддржат протестот на Сојузот на синдикатити и да го изразат незадоволството од ниските плати во земјава.
Синдикалците бараат зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување од по 100 евра за сите останати плати.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, порача дека доколку барањата не бидат исполнети, ќе следуваат блокади и генерален штрајк. Тој најави и собирање 10.000 потписи со кои синдикатот би станал овластен предлагач на закон за намалување на платите на функционерите за 80 проценти и зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување на другите плати за најмалку 6.000 денари.
„Ќе ве ставиме на тест, ќе гласате за себе наспроти луѓето кои ве гласаат вас, или ќе гласате за луѓето кои со нивниот глас ви го овозможуваат вашиот луксуз, а доколку не се случи тоа и вие ќе стоите од оваа страна на зградата, заедно со нас и ќе не поддржувате за да ви се зголеми вашата плата,“ додаде Трендафилов.
На протестот беше испратена пораката и дека Владата води најсиромашен народ и најсиромашна држава во Европа, со повик до функционерите да ги симнат розовите очила и да ја согледаат реалната состојба на работниците.
Од ССМ најавија дека протестите ќе продолжат сè додека не се исполни целта за зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на сите останати плати.
Македонија
СДСМ ќе предложи зголемување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите
Социјалдемократскиот сојуз ќе поднесе законски решенија во Собранието за зголемување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите, соопштија од партијата.
Како што наведуваат, предлог-законите се подготвуваат имајќи ја предвид тешката положба на работниците, намалениот животен стандард на граѓаните, како и барањата изнесени од Сојузот на синдикатите. Според најавата, СДСМ ќе предложи зголемување на минималната плата на 600 евра, зголемување на платите за 100 евра во останатите сектори, како и законски решенија за замрзнување на платите на функционерите.
Од партијата наведуваат дека ги поддржуваат барањата на работниците и на Сојузот на синдикатите, истакнувајќи дека секој работник заслужува достоинствена плата за живот.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека деталите за предложените законски решенија ќе ги образложи на прес-конференција.

