Македонија
ДСПДП: Отпорот во Тимјаник ја доведе до прашање хуманоста
Државниот совет за превенција од детско престапништво (ДСПДП) соопшти дека го поддржува Министерството за труд и социјална политика во настојувањето за целосно имплементирање на планираната реформа за унапредување на социјалната инклузија и поддршка на преминот од институционална грижа кон поддршка на социјалните услуги во заедницата, како и подобрување на квалитетот на социјалната грижа на децата во социјален ризик.
Поддрршката на Советот доаѓа по настаните во Тимјаник, каде што оценуваат дека состојбата е зачудувачка и загрижувачка.
– Поаѓајќи од принципот на најдобар интерес на детето, а во насока на превенција и рана интервенција, цениме дека политиките на Министерството се насочени кон напуштање на праксата на сместување деца во установи и нивно понатамошно институционализирање‘. На овој начин ќе се изгради еден поактивен, компетентен, отворен, одговорен и ефикасен фактор на општествена организација во областа на работа со децата и тој ќе овозможи минимална сегрегација и максимална инклузија и интеграција на децата во пошироката социјална средина – се вели во соопштението на ДСПДП.
Државниот совет понатаму во текстот посочува дека очекувале целосна поддршка на овој проект од страна на граѓаните од тој дел од земјата со оглед на тоа дека се работи за деца со посебни потреби, на кои повеќе од потребни им се насмевка, подадена рака и чувство дека не се сами.
„Со последниот отпор на граѓаните од Тимјаник, за жал, доведени се во прашање хуманоста и хуманите вредности, како и солидарноста меѓу луѓето, кои во овој случај се подгазени токму од возрасните што ја покажуваат својата дволичност и себичност на сметка на својот комодитет и слобода. Овој немил чин испраќа лоша порака до сите млади за тоа дали и колку денес треба да се почитуваат хуманоста и хуманите вредности и солидарноста“, наведува Советот.
ДСПДП додава дека според досегашните искуства како во земјата така и во странство покажуваат дека задоволувањето на потребата од згрижување и заштита на дете што се наоѓа во социјален ризик дава поголем и подолготраен ефект доколку тоа биде згрижено во помала заедница или група, која поседува структура и динамика на семејно живеење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

