Македонија
ДУИ: Во понеделник ќе дефинираме мерки за да ја спречиме Владата да ја дестабилизира земјата
Вчера вечер, Тесното Претседателство на Демократската унија за интеграција одржа состанок за да ја процени, како што велат, загрижувачката ситуација предизвикана од закажаната седница на Уставниот суд на 11 декември, која има за цел да го укине Законот за употреба на јазиците и, преку тоа, да го поништи Охридскиот рамковен договор и мирот што тој го воспостави.
„Тесното раководство оцени дека овие постапки се дел од оркестрирана кампања на нелегитимната влада и претставуваат сериозна закана за стабилноста на земјата и меѓуетничката хармонија. Во пресрет на оваа неприфатлива состојба, Тесното раководство одлучи да го свика највисокото партиско тело во понеделник, за да се донесат одлуки за натамошните чекори и да се дефинираат конкретни мерки за спречување на обидите на владата да ја дестабилизира земјата.
Истовремено, уште еднаш ги повикуваме сите актери вклучени во овој монструозен и крајно опасен план да ја прекинат оваа лудост, бидејќи последиците ќе бидат незамисливи.
ДУИ останува посветена на заштитата на Охридскиот рамковен договор и на сите достигнувања што ја гарантираат еднаквоста и мирот во Северна Македонија. Во овие клучни моменти, ги повикуваме сите граѓани и меѓународните фактори да останат обединети во одбраната на мирот и стабилноста“, велат од ДУИ преку соопштение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

