Македонија
ДУИ: Локалните избори се и референдум за европската ориентација на државата
Демократската унија за интеграција оценува дека претстојните локални избори не се само натпревар за управување со општините, туку се политички референдум за стратешката иднина на државата и за нејзината ориентација кон европското семејство.
„Денес, повеќе од кога било, јасно е дека битката за општините е битка за државата. Последниот извештај усвоен од Европскиот парламент, со огромно мнозинство од 461 европратеници од сите политички групации, официјално потврдува дека Северна Македонија сè повеќе се изложува на дестабилизирачки влијанија од Србија и Русија – дел од геополитичкиот проект познат како „Српски свет“. Ова е сериозен аларм за сите граѓани кои веруваат во евроатлантските вредности и во демократската иднина на државата. Веќе не станува збор за партиски став или политичка реторика, станува збор за реалност потврдена од нашите европски партнери“, велат од ДУИ.
Дополнително, додаваат од партијата, во овој период на владеење без етнички легитимитет, државата влезе во опасен циклус на институционален регрес и влошување на меѓуетничките односи.
„Меѓуетничките односи се сериозно нарушени, се врати политичката мајоризациза, се укина правичната застапеност, се прекршуваат колективните права на Албанците, а дискриминацијата во државните институции е продлабочена. Оваа состојба не е само чекор назад, туку сериозна закана за уставниот поредок, соживотот меѓу заедниците и европските вредности. Затоа, ДУИ бара итно покренување на институционална истрага и свикување итна расправа во Собранието на Северна Македонија, со цел темелно разгледување на оваа опасност што го загрозува европскиот курс на државата. Како водечка проевропска политичка сила, ДУИ останува цврсто посветена на одбраната на демократијата, стабилноста и евроатлантската ориентација на државата. Овие локални избори се моментот кога се одлучува не само за улиците и училиштата во општините, туку и за патот по кој ќе тргне самата држава: патот кон Европа или патот кон мрачен и опасен источен правец. Секој глас на овие избори е глас за ориентацијата и иднината на државата“, велат од ДУИ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

