Македонија
ДУИ: Одлуката на ЕУ да ја одвои Албанија од Македонија е најголемиот неуспех за владата

Демократската унија за интеграција смета дека губитниците на претседателските и парламентарните избори од Влен секојдневно не оддалечуваат од интеграцијата во Европската унија и ја приближуваат државата до стратешко партнерство и финансиска зависност од Кина и Русија.
„Одлуката на Европската унија да ја одвои Албанија од Северна Македонија во нашиот европски пат е најголемиот неуспех за владата со моноетнички легитимитет.
Ги потсетуваме граѓаните дека албанските партии кои ги загубија изборите потпишаа предизборна декларација и ветија дека никогаш нема да станат дел од влада без промена на уставот и деблокирање на европскиот пат на земјата.
Ветија и дека за три до шест месеци ќе го сменат уставот, во спротивно ќе излезат од владата.
Но, повторно ги излажаа и ги измамија граѓаните.
За само 100 дена ја оддалечија земјата од Европа, предизвикаа непријателства со Грција, Бугарија, Косово и Албанија, а притоа ја доближија до Србија, Унгарија, Русија и Кина.
ДУИ останува цврсто определени да продолжи да биде гардиан на нашето евро-американско партнерство и по ниедна цена нема да дозволи промена на западниот курс на државата“ се наведува во соопштeнието на ДУИ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На Клиника задржана жителка на Трубарево, лекарска помош побарале и директорот на ЦУК, војник и полицаец

Во моментот на Клиниката за токсикологија е хоспитализирана една жителка на Трубарево, која живее во непосредна близина на магацинот за електронски отпад каде избувна пожарот. Министерот за здравство, Азир Алиу, информира дека таа е задржана поради симптоми на вртоглавица и кашлица, но е надвор од животна опасност и се очекува наскоро да биде пуштена на домашно лекување.
Според Алиу, останатите три лица кои побарале лекарска помош – припадник на Армијата, директорот на Центарот за управување со кризи Мухамед Али и еден полициски службеник – веќе се пуштени на домашно лекување.
Министерот истакна дека Министерството за здравство уште вчера формирало кризен штаб кој ја следи состојбата, а Институтот за јавно здравје изготвил препораки кои и денеска остануваат во сила.
Алиу апелираше сите граѓани кои чувствуваат симптоми како вртоглавица или кашлица да побараат лекарска помош.
Македонија
Анализа на вода, ограничување на ученици и мерење на загадувањето – Министерството за животна средина по пожарот во Трубарево

Министерството за животна средина и просторно планирање, во соработка со Институтот за јавно здравје, Кризниот штаб на Владата и Државниот инспекторат за животна средина, ја информира јавноста дека се преземени итни мерки за заштита на здравјето на граѓаните поради пожарот што настана во магацинот за електронски отпад во Трубарево.
Согласно препораките од Државниот инспекторат за животна средина, се преземаат следните активности:
• До Институтот за јавно здравје е доставено барање за извршување на анализа на вода од бунари што ги користат домаќинствата во непосредна близина на опожарениот магацин;
• Министерството за животна средина и просторно планирање издаде забрана за пристап и движење на локацијата на пожарот;
• Во наредните 7 дена, акредитирана лабораторија ќе врши 24/7 мониторинг на квалитетот на амбиентниот воздух;
• До Основното општинско училиште „Крум Тошев“ во Трубарево е испратена препорака за ограничување на движењето на учениците на отворен простор сè до стабилизирање на состојбата.
Апелираме до граѓаните внимателно да ги следат официјалните соопштенија и да ги почитуваат насоките од надлежните институции со цел заштита на сопственото здравје и здравјето на нивните најблиски.
Македонија
Бујар Османи: Изет Меџити мора да си поднесе оставка

Кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, денеска упати остри критики до актуелниот министер за животна средина Изет Меџити, обвинувајќи го дека не само што ги користи државните ресурси за сопствена кампања, туку и директно го загрозува здравјето на граѓаните со својата неактивност.
„Двапати размислував дали денес треба политички да зборувам. Но не можам да не кажам: најпрво, сметам дека тој требаше да поднесе оставка уште истиот ден кога се кандидираше, за да биде натпреварот еднаков“, изјави Османи.
Тој потенцира дека Изет Меџити, наместо да ја напушти функцијата кога влезе во изборна трка, остана министер со полн капацитет и буџет на располагање, нешто што, според Османи, е длабоко неморално и нефер.
„Се кандидира со платата на министер и прави кампања во Чаир со ресурсите на министерството“, предупреди Османи.
Но, Османи додаде дека сега постои уште посериозна причина за оставка, неспособноста да се справи со еколошка и здравствена криза каква што се случи вчера во Трубарево, кога цело Скопје беше обвиено со токсичен чад од горење на пластика и кабли.
„Со тоа што не ја врши работата за која е платен од граѓаните, и обидувајќи се политички да преживее, тој го загрозува здравјето на луѓето и тоа не само привремено, туку со долгорочни последици“, нагласи Османи.
Во ситуација кога јавноста со право очекуваше реакција, инструкции и информации од Министерството за животна средина, Изет Меџити не се појави ниту пред јавноста, ниту на терен, додека граѓаните во Трубарево мораа да се евакуираат доцна во ноќта, а целиот град се задушуваше во отровен чад.
„Затоа ова е и повик за неговата оставка“, заклучи Османи. „Тој покажа дека не ја врши својата работа како што треба, го загрозува здравјето на луѓето, а притоа ги злоупотребил државните ресурси за изборна кампања.“