Македонија
ДУИ: Членовите го напуштаат ВРЕДИ, Албанците се откажуваат од лагите на Меџити
Секој нов ден е нов пораз за ВРЕДИ. Членови, активисти и цели структури си заминуваат, оставајќи зад себе вештачка, празна и дискредитирана коалиција. Само во текот на овие денови, членови и структури од три општини јавно се оградија од оваа групација. Ова е јасен доказ дека Албанците не можат да се водат со лаги и дека политиката изградена врз лични интереси секогаш завршува со пораз, велат од ДУИ.
„Меџити и неговиот тесен круг ја претворија партијата, без оформени структури, во приватен бизнис – без идеја и без визија. Тие што вчера веруваа дека ВРЕДИ носи промени, денес ја гледаат вистинската слика на алчноста, поделбите и трговијата со албанските интереси. Албанците знаат да ја казнат политиката што ги потценува. ВРЕДИ е пропаднат политички експеримент на Мицкоски и граѓаните тоа го препознаа. Меџити се обидува да ја прикрие катастрофата со напади и празни изјави преку просрпската пропаганда на неговиот пријател Стоилковиќ, кој самиот призна дека во две-три ситуации го спасил од јавен срам. Сепак, Албанците повеќе не го слушаат и ја знаат вистината“, се наведува во соопштението.
Според ДУИ, додека ВРЕДИ се распаѓа пред очите на јавноста, Националната алијанса за интеграција стои цврсто и ги обединува Албанците.
„Тоа е вистинската политичка сила што расте секој ден и што ќе го води албанскиот народ напред – обединет и достоинствен. Октомври се ближи. Се ближи и часот на политичка и правна одговорност. Народот на референдум ќе им ја изрече казната“, велат од ДУИ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Жерновски и Филипче се доказ дека во СДС нема нов почеток, туку кадри што се симбол на неуспех, предавство и скандали
Кадри како Жерновски и Филипче се симбол на неуспех, предавства и скандали. Доказ за тоа дека во СДС нема нови лица, ниту пак некакви реформи е тоа што Андреј Жерновски е дел од раководството на Филипче. Прелетач од ЛДП во СДС на Заев, дојден за функција, истакна на прес-конференција Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
Жерновски, како што вели тој, е неуспешен и скандалозен дипломат.
„Шеташе по Букурешт, претставувајќи се како амбасадор на Македонија, а притоа немаше добиено акредитации за истото. Јавноста добро го памети Жерновски и по тоа што е неуспешен градежник, затоа што долго време говореше дека трибината на новиот стадион во Скопје кај и да е ќе се урне, ама ете ја таа стои и беше домаќин на најголемото европско фудбалско финале во 2017тата година.
Народот го памети Жерновски и по многуте скандали и партизацијата во времето кога беше градоначалник на општина Центар. Своевремено, Жерновски ја превработи општината, но и претпријатието „Паркинзи Центар’’ со роднини на активисти и членови на раководството на СДС“.
Центарци, додава Манасиевски, го паметат и по тоа што постави хаусмајстор да биде главен инспектор, а со тоа не ги испочитувал решенијата на Државниот управен инспекторат.
Како што оценува, на штета на македонскиот идентитет и позиции, Андреј Жерновски, неуспешниот политичар, јавно говореше во полза на бугарскиот наратив за Македонија, но со оглед на тоа што неговото семејно потекло и фактот дека неговиот дедо бил бугарски кмет, не му било тоа воопшто проблем.
„Жерновски и Филипче се имиња кои се поврзуваат со СДС од транзицијата. Тие не се нови кадри, туку се кадри кои неколку пати се виновни за поразите на СДС низ годините. И по сите неуспешни обиди во политиката, од градоначалнички избори до дипломатски активности се стави на располагање заедно со Филипче да биде најголемиот поборник на бугарските агенции и бугарските интереси во државата.
Новите сили на СДС се потрошени кадри кои веќе биле дел од раководни позиции и фукционери кои не покажале никакви резултати и ја изневериле довербата на граѓанит“.
Македонија
Од 1 јануари повисоки сметки за струја, РКЕ објави за колку ќе поскапи
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) информира дека изврши корекција на доставената предлог-одлука за финалната цена од страна на универзалниот снабдувач „ЕВН хоме“.
Од 1 јануари 2026 година, наместо предложеното зголемување од 7,66 % што „ЕВН хоме“ го достави во одлуката, РКЕ по спроведените анализи и повторни пресметки, одлучи во првиот блок да има корекција од 2,45 % . Во вториот блок цената ќе се зголеми 2,87 %, а предлог-зголемувањето на „ЕВН хоме“ е 8,54 %. Во третиот блок цената ќе се зголеми 3,32 % иако беше предложено да има зголемување од 9,63 % и во четвртиот блок зголемувањето е 3,84 % наместо предложените 11,86 %.
Во однос на евтината тарифа, „ЕВН хоме“ предложи зголемување за 3,96 %, а РКЕ одлучи таа да се коригира за 2,50 %.
„Водејќи се од начелото на транспарентност и имајќи го во предвид јавниот интерес кога се во прашање цените на енергијата и енергентите што РКЕ ги регулира или контролира, како и досега така и денес, ги споделуваме во детали одлуките, односно во конкретниот случај одлуката за ‘ЕВН хоме’. Регулаторните анализи покажуваат дека сметките на домаќинствата што користат електрична енергија во првиот и во вториот блок ќе се зголемат за 2,59 %, а оние што имаат потрошувачка и во третиот блок – сметката ќе се зголеми 2,79 %“, изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
РКЕ оценува дека „ЕВН хоме“ го има применето тарифниот систем, но во предлог-одлуките за нови цени и распоредот на трошоците по блокови не е применет клучниот регулаторен принцип, а тоа е урамнотежување на интересите на вршителите на енергетски дејности и корисниците, односно потрошувачите.
Од РКЕ велат дека регулаторот има цел да дефинира крајни цени што ќе гарантираат услови за непречено снабдување со електрична енергија, при што внимава да се заштитат потрошувачите од ценовен шок. Податоците покажуваат дека вкупно 64 % од потрошувачите имаат потрошувачка во првиот блок, речиси 21 % им се тарифира и во вториот блок, а третиот блок го користат 1,73 % од потрошувачите.
Македонија
Магла и намалена видливост од Тетово до село Гајре
Поради појава на магла, се бележи намалена видливост од 40 метри од Тетово до с. Гајре.
Сообраќајот на државните патишта се одвива по претежно влажни коловози.
Од 15.11.2025 година почна законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата, без оглед на моментната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.3.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува приспособена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што има можност од појава на одрони. Ова осебено се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

