Македонија
Еврејската заедница во Македонија смета дека со бришењето на терминот „бугарски“ се искривува историската вистина

Eврејската верска заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија велат дека не се согласуваат со намерата за бришење на терминот „бугарски“ во формулацијата „бугарски фашистички окупатор“, посочувајќи дека наместо бришење, би требало да се додадат термините „тогашен“ и „власт“, при што секоја формулација на настаните од Втората светска војна поврзани со бугарскиот окупатор би се именувалa како „тогашните бугарски фашистички окупаторски власти“.
Во реакцијата се посочува дека бришењето на терминот за етничка припадност значи искривување на историската вистина.
„Денешна Република Македонија за време на Втората светска војна била поделена на две окупациони зони – Западна Македонија окупирана од Италија и Централна и Источна од Царска Бугарија, во кој дел живееле Евреите, кои биле депортирани од страна на бугарскиот окупатор, а не од италијанскиот окупатор“, се вели во реакцијата на Eврејската верска заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од каде додаваат дека за да не дојде до погрешно учење на историјата, потребно е да се прифати предложеното дообјаснување кое ќе ги задоволи сите засегнати страни.
Исто така во реакцијата се посочува дека денешната модерна и демократска Бугарија треба да го апсолвира фактот со своето минато дека била дел од Оската и директно учествувала во холокаустот на Евреите.
Во реакцијата се додава и дека за да ги изземе сегашните генерации и да ги ослободи од товарот на минатото, потребно е Софија јавно да се извини за постапките на Царска Бугарија и за окупацијата и депортацијата на Евреите од денешна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Нормализиран сообраќајот на патот Битола – Прилеп

Сообраќајот на регионалниот пат Битола – Прилеп е нормализиран, соопшти АМСМ.
Претходно од таму информираа дека поради случена сообраќајна незгода со жртва, пренасочен е сообраќајот на регионалниот пат Битола – Прилеп кај местото викано „Беровци“ кај бензинската пумпа на „Макпетрол“.
Македонија
Сообраќајна несреќа со жртва на патот Битола – Прилеп

Поради случена сообраќајна незгода со жртва, пренасочен е сообраќајот на регионалниот пат Битола – Прилеп кај местото викано „Беровци“ кај бензинската пумпа на „Макпетрол“.
Како што информира АМСМ, од 20.10 часот, сообраќајот е пренасочен по стариот пат.
Македонија
Спасен повреден чешки планинар на Шар Планина

Регионалниот центар за управување со кризи (РЦУК) Тетово информира дека денеска во 16.42 часот на Единствениот повикувачки број 112 на ЦУК била добиена пријава од чешки планинар – скијач дека негов колега исто така чешки планинар е повреден додека планинареле и скијале на Попова Шапка и дека им е потребна помош.
„По примањето на информацијата дека треба да се извлекува и спасува повредениот на крајот од денот, пред да настапи ноќта, кога студот и видливоста се засилуваат и заради мракот и заради магла на одредени места, веднаш раководителот на РЦУК Тетово стапил во контакт со Националниот „Парк Шар Планина“ од каде што известиле дека тие стапиле во контакт со Горската спасителна служба на Попова Шапка, од каде потврдиле дека ги добиле координатите за локацијата на повредениот планинар. Потоа итно се упатиле со специјализирано возило за движење по длабок снег – „ратрак“, за да го извлечат повредениот планинар од местото на несреќата и да го превезат до центарот „Попова Шапка“. Кон тоа место на преземање на повредениот, паралелно со нивната спасителна акција за извлекување од повисоките снежни делови на Шара, од Итната медицинска помош од Тетово испратиле амбулантно возило за со него да биде пренесен повредениот до Клиничката болница во Тетово. Од ЦУК, преку Секторот за операции и координација, покрај ЈП „Национален парк Шар Планина“ и Итната медицинска помош, за настанот биле известени и „Елем Турс“ – државната компанија што стопанисува со Попова Шапка, Полициска станица (ПС) Попова Шапка, а и Дирекција за заштита и спасување (ДЗС) Тетово“, истакнуваат од ЦУК.
Од ПС Попова Шапка, на почетокот на ноќта, во ЦУК била добиена повратна информација дека повредениот бил безбедно извлечен од планинскиот снежен повисок дел на Шара и на првата можна точка за преземање на асфалтен пат бил префрлен во возилото на Итната медицинска помош со што почнал транспортот, со медицински надѕор и нега според потребите, до клиничката болница во Тетово.