Македонија
Единаесет печатени медиуми добија поддршка од 42,5 милиони денари
Министерот без ресор, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, на прес-конференција во Владата ги соопшти резултатите од реализацијата на средствата од Програмата за поддршка за печатење и дистрибуција на печатените медиуми за 2018 година.
Од вкупно 13 пристигнати барања, одобрени се 11, информираше министерот. Овие 11 новинско-издавачки компании ќе добијат 42 милиони, 568 илјади и 620 денари, од вкупно 50 милиони денари за поддршка на печатените медиуми што беа предвидени за оваа намена во буџетот.
Средствата се доделени за веќе остварени трошоци, и тоа на весниците на македонски јазик во висина од 50 проценти за направените трошоци за печатење и 50 отсто за трошоците за дистрибуција, а на печатените медиуми кои се издаваат на јазиците на етничките заедници во висина од 70 отсто за направените трошоци за печатење и 70 проценти за трошоците за дистрибуција.
„Иницијативата за поддршка на печатените медиуми дојде од страна на Здружението на новинарите на Македонија, кое потоа реализацијата на овој проект ја препушти на Асоцијацијата за заштита на печатените медиуми на (АЗПМ), кое, во соработка со Владата на РМ, ги подготви критериумите според кои Комисијата на Генералниот секретаријат на Владата на РМ, во која членуваа и двајца претставници на АЗПМ, ги распредели предвидените средства за поддршка на неделните и дневни, национални и локални весници во земјата“, соопшти министерот Поповски.
Претседателот на Асоцијацијата за заштита на печатените медиуми, Лирим Дулови, на прес-конференцијата ја изрази благодарноста за оваа поддршка за егзистирањето и работата на печатените медиуми и истакна дека Република Македонија е единствената земја од регионот која оваа иницијатива ја спроведува според модел што веќе се применува во повеќе земји членки на ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Успешно спасени двајца вработени во мобилен оператор заглавени во снег кај Лазарополе
Двајца вработени во мобилниот оператор А1 синоќа беа заглавени во снег кај село Лазарополе, во близина на базната станица на операторот, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Случајот бил пријавен во 23:30 часот, откако со лицата не можело да се воспостави контакт поради отсуство на мобилна мрежа. Веднаш по пријавата, во акцијата биле ангажирани припадници на Одделот за специјални полициски операции, Одделот за униформирана полиција, како и на Дирекцијата за заштита и спасување.
Со две теренски возила, опремени со санки за снег и спасувачка опрема, екипите се упатиле кон местото на настанот.
„Денеска (11.01.) во 08:30 часот, лицата биле пронајдени и успешно извлечени во добра здравствена состојба. Станува збор за лицата Г.Н. (47) и М.М. (37), двајцата од Скопје, кои се движеле со теренско возило марка „VW Amarok“ со скопски регистерски ознаки.
Тие биле пронајдени на локација позната како „Коритник“, во близина на предавателот на мрежата на А1, на атарот на село Лазарополе“, стои во објавата на МВР.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.

