Македонија
Единствена Македонија: Полицијата прво му издаде, а потоа му го одзеде пасошот на Вранишковски
Единствена Македонија упати порака дека, како што велат, наметнатата игра во која расколникот Вранишковски наводно бега, а властите божем го гонат, претставува опасна авантура.
„Ова му овозоможува на Вранишковски и понатаму слободно да го спроведува своето субверзивно дејствување врз Македонската православна црква која е еден од темелите на државноста и вековен чувар на идентитетот на македонскот народ и македонската држава и главен столб на македонското опстојување. Дотолку повеќе, во случајов не се работи за било кој, туку за еден расколник, отпадник и шпион на соседна разузнавачка служба, кој работи на разнебитување на македонската нација и црква“ велат од Единствена Македонија.
Вината за ова, како што рекоа, треба да се бара на домашен терен.
„Пред два дена слушнавме дека битолската полиција му ја одзела патната исправа на Вранишковски при обид за излез од државата на граничниот премин „Меџитлија„ поради постоење на осудителни пресуди.Меѓутоа, внимавајте добро, претходно, токму битолската полиција му издава на Вранишковски патна исправа под број 1904171. Што е поинтересно, покрај издадената патна исправа, битолската полиција дури и го наоружува Вранишковски со тоа шо му издава и одобрение за пиштол марка берета 9 мм“ беше соопштено на денешната прес-конференција на партијата.
Според Законот, додаваат од Единствена Македонија, кога постојат кривични постапки и пресуди патна исправа не се издава, туку напротив, се одзема, а за одборување на пиштол и не се помислува, а камоли да се издава оти при криивчно-правен прогон во никој случај не може да се поседува оружје.
„Го повикуваме министерот во МВР, Спасовски, да и објасни на јавноста како битолската полиција му издава на Вранишковски патна исправа и пиштол во време кога против него постојат кривични постапки и осудителни пресуди, иако во таков случај согласно законските прописи патна исправа и пиштол не се издаваат, туку се одземаат“ побараат од партијата.
Од таму го повикаа Спасовски да постапи согласно своите надлежности и да ги расветли овие штетни игри не само за МПЦ и за народот, туку и за државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Советот на Општина Центар не ја изгласа одлуката за техничка исправка на ДУП за дел од локалитетот Буњаковец 1
Советот на Општина Центар на денешната седница не ја изгласа одлуката за техничка исправка на Деталниот урбанистички план за дел од локалитет Буњаковец 1, конкретно за ГП 13.1 и ГП 13.11, со локација кај поранешната печатница „Нова Македонија“.
Сите 23 советници гласаа против донесувањето на предлог-одлуката.
,,Ние, како администрација, имаме обврска точката да ја ставиме на дневен ред и воедно да ги посочиме сите импликации. Советниците се тие што гласаат и ја носат одговорноста. Нема потреба од прозивки, медиумски пи-ар и театар. Овде станува збор за буџетот на граѓаните, а не за партиски интереси. Советот мора да носи одлуки во интерес на граѓаните, а не за дневнополитички калкулации“, рече градоначалникот на Општина Центар. Горан Герасимовски
Претходно, Комисијата за урбанизам на Општина Центар даде позитивно мислење за предлог-одлуката.
Од оптината појаснуваат дека согласно законот за техничка грешка, исправката во донесен урбанистички план не подразбира никакви измени во планирањето или параметрите на планот туку станува збор исклучиво за корекција на грешка во техничкиот дел на исцртување на планот. Во конкретниот случај, како што додаваат, градежната парцела во мал дел не била целосно затворена, односно оформена.
Македонија
Мицевски се сретна со францускиот амбасадор: Фокус на борбата против корупцијата и реформите
Денес во Собранието, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, оствари средба со амбасадорот на Франција, Кристоф Ле Риголер и првиот советник Филип Маршето.
Во фокусот на средбата беа заложбите на владејачкото мнозинство за бескомпромисна борба против корупцијата и остварување на видлив економски развој за граѓаните и земјата. Дополнително, координаторот Мицевски ја истакна подготвеноста на Собранието и понатаму да биде силен двигател на реформските процеси кои не’ приближуваат до европските стандарди.
Во разговорот се нагласи дека заедно со нашите европските пријатели чекориме кон градење на просперитетна и сигурна европска иднина за сите.
Македонија
„Авиончето на браќата Рајт“ отвори расправа: СДСМ ја прашува Сиљановска зошто со колегите од Европа не разговара за платите
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија реагира на изјавите на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во врска со потребата од нов, поголем владин авион.
Од СДСМ велат дека претседателката најчесто летала со владиниот авион -13 пати, а притоа не соопштила колку тие летови ги чинат граѓаните.
„Сите тие сакаат да се луксузираат на грбот на народот, ништо не им е доволно големо, ништо не им е доволно. Само за платите на работниците кога ќе стане збор, тие се доволни, никако да ги покачат. 600 евра минимална плата за нив е премногу, авионите им се мали“, велат од партијата.
СДСМ тврди дека лет со владиниот авион може да чини и до 40 илјади евра, и дека комерцијален лет во економска класа е значително поевтин.
„Кој претседател досега воопшто ја отворал темата за големината на авионот? Ги праша ли Гордана Сиљановска нејзините колеги претседатели што мислат за тоа што македонските работници имаат најниски плати и во Европа? Што мислат за тоа што минималната плата во Македонија е најмала во регионот? Или што животниот стандард на македонските граѓани е најнизок? За тоа не и се зборува за Сиљановска, само за луксузи и авиони“, велат од СДСМ.
Претходно денес, претседателската Гордана Сиљановска-Давкова рече дека владиниот авион е стар 25 години, купен на старо, и дека според неа треба да се размислува за набавка на нов, но поголем авион.
Говорејќи по свеченоста во Институт за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“, таа во деминутив го нарече „владиното авионче“, посочувајќи дека нејзини колеги претседатели од регионот го нарекувале „авиончето на браќата Рајт“, бидејќи е најмало и најстаро.
Сиљановска-Давкова изјави дека користењето на владиниот авион понекогаш овозможува пофункционално извршување на државните обврски и дека може да биде и поевтино од комерцијалните летови. Сепак, додаде дека не е пријатно што авионот е стар 25 години и купен на старо.

