Македонија
Единствена Македонија: Скандал, Врховниот суд на 26 април го усвојува а на 3 мај го одбива Барањето на осудените за 27 април за ново судење

Единствена Македонија изразува шокираност од случувањето во Врховниот суд по повод Барањето на осудените за 27 април за Вонредно преиспитување на правосилна пресуда.
Одлуката на петчлениот судски совет на седницата од 26 април била во насока на усвојување на Барањето и укинување на пресудите на Основниот и Апелациониот суд Скопје. Но, под влијание од надвор првичната одлука се стопира и на седницата од 3 мај се носи одлука за одбивање на Барањето.
Важно е да се каже, се до писменото изготвување и потпишување на одлуката, во секое време може да се промени првична одлука и да се одржи нова седница на која предметот повторно се изнесува пред советот, што и се прави во случајот по брзопотезното влијание кое дошло надвор од судската зграда.
Ова е преседан и скандалозно однесување на највисокиот суд. За првпат од 1945 година кога е основан Врховниот суд се расправа двапати на нејавна седница за ист предмет, во случајот на 26 април и 3 мај. Дотолку повеќе, нема потреба од втора седница ако се знае дека пред одржување на нејавна седница се е разјаснето во смисла дека судијата известител го има изработено писмениот извештај кој им бил доставен на сите судии во советот со сите потребни списи најдоцна 8 дена пред денот на одлучување, така што, на седницата само се носи одлуката бидејќи судиите претходно веќе имаат оформено свое мислење и си носат одлука на 26 април, но, за жал, следува нов собир на судскиот совет на 3 мај.
Цела Македонија знае дека марионетската власт во Скопје ги осуди лицата за 27 април со лажен заштитен сведок Ц1 преку непристоен пазар – осуда за 27 април во замена за судска функција. Според логиката на политиката има осуда, според логиката на правото треба да има слобода и правда. Одговорност за неправено осудените за 27 април мора да има, и ќе има, велат од Единствена Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Наградени ќе бидат полицајците кои вчера ја спасија жената во Вардар

Министерот Панче Тошковски, се сретна со полициските службеници Кристијан Стефановски и Жико Ѓорѓиевски – хероите кои вчера ја спасија жена во водите на реката Вардар.
Министерот на средбата со нив уште еднаш потенцираше дека важноста на полицијата и нејзината вистинска сила и влијание врз животот и благосостојбата на граѓаните се гледа во најтешките човечки моменти.
„Херојските дела како вашето, кога директно се спасува човечки живот е повеќе од службено постапување, тоа е вистинска пожртвуваност и посветеност кон мисијата да се чува безбедноста и сигурноста на секој граѓанин и целото општество.“, потенцираше министерот Тошковски при честитките до двајцата полициски службеници за нивната херојска постапка.
Тој нагласи дека во рамките на законските можности тие ќе бидат наградени за нивната херојска постапка која е инспирација за сите нас унапредувањето на хуманиот аспект на нашите дела и постапки како обични луѓе и професионалци.
Македонија
Повозрасните да не наседнуваат на измами со лажни сообраќајки, порача Тошковки

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски заедно со полициски службеници од Одделението за превенција при СВР Скопје денеска реализираа превентивна акција „Внимавај телефонски измами“ насочена кон едукација на нашите повозрасни граѓани кои се најчеста жртва на таквите измами.
Преку непосреден разговор и делење на едукативен материјал граѓаните беа едуцирани дека најчест вид на измама е измамата со лажна сообраќајна незгода во која измамниците претставувајќи се на телефон како полициски службеник, адвокат, обвинител или доктор ги лажат жртвите дека нивното дете повредило некого во сообраќајна незгода и се обидуваат да извлечат пари од жртвата така што за одредена сума би му помогнале на детето кое е во неволја.
„Измамниците на тој начин се обидуваат да ги злоупотребат повозрасните лица. Денес во градскиот паркот во Скопје успеавме да разговараме со голем број повозрасни лица и да ги информираме за таквите измами и модус операнди или начинот на работа на измамниците. Апелираме доколку некој добие таков повик е потенцијална жртва на таква измама, никако да не дава пари, да го прекине разговорот веднаш да ја повика полицијата на 112 или 192 и да ги извести и своите најблиски“, апелираше министерот Тошковски.
Во првата половина на оваа година досега се пријавени вакви 16 настани а за период од пет години досега се расветлени 40 настани, при што се поднесени кривични пријави против 16 лица, за сторени 40 кривични дела „измама“, додека за останатите настани се преземаат мерки за нивно расчистување и поднесување на соодветни кривични пријави.
Македонија
(Видео) Избегната катастрофа кај Брезница, пожарот се движи кон Козјак

Денес се регистрирани десет пожари на отворен простор, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, предупредувајќи дека бројката може да се зголеми до крајот на денот.
Ангелов упати нов апел до граѓаните, особено до земјоделците и сточарите, да бидат исклучително внимателни додека ги извршуваат своите активности во овој критичен период.
Најтежок за гаснење и натаму е пожарот што со денови гори во „Јасен“. Според Ангелов, едниот крак бил ставен под контрола во ноќна битка со огнот, при што била спречена негова експанзија кон селото Брезница.
„Не дозволивме пожарот да премине преку шумски пат, со што понатаму ќе беше загрозено селото. Исчистени беа дрвјата долж патот и линијата беше гаснета целосно. Благодарение на Единицата за брзо распоредување (ЕБР), пожарникарите од Македонски Брод и вработените во ‘Јасен’, овој крак е стопиран“, изјави Ангелов.
Тој додаде дека состојбата на другата страна на гребенот, кон езерото Козјак, е многу потешка поради непристапниот терен. Таму пожарот се движи, а очекувањата се дека ќе биде стопиран кај карпестиот предел, а за таа цел таму поставени се надлежните служби.
Покрај „Јасен“, активни пожари се регистрирани и во Лозово, каде што гори шумска површина, во Долнени – со пожар на ниска вегетација, како и во Куманово, во атарот на селото Липково, каде што активни се два пожари, од кои едниот е реактивиран.