Македонија
Една година постоење на Ротари клубот Скопје Север
Ротари клубот Скопје Север ја прослави првата година од своето постоење со виртуелен настан на кој се направи ретроспектива на сите проекти кои беа сработени во изминатата година, но и на актуелни проекти на кои се фокусирани.
Ротари клубот Скопје Север е основан на 29.11.2019 година во Скопје и функционира со 25 членови – професионалци од повеќе области и лидери во заедницата подготвени своите вештини и можности да ги стават во служба на заедницата во која битисуваат. На настанот покрај членовите и пријателите од другите Ротари клубови во земјава, присуствуваа и претставници од институции со кои Ротари клубот Скопје Север соработуваше изминатата година.
„И покрај тоа што постоиме само една година, особено сме горди што успеавме да реализираме неколку проекти за поддршка на заедницата, како донација на аудиометар за ЈЗУ Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас, Скопје; два проекта наменети за штитениците од специјалниот завод ‘Демир Капија’ со кои им се обезбедија неопходни средства, како и проект за поддршка на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби за справување со Ковид-19, а учествувавме и во проектот организиран на ниво на Сојуз на ротари клубови во Македонија со кој заеднички обезбедивме материјали за полесно справување со Ковид-19. Нашиот клуб останува посветен на поддршка на заедницата со цел да изградиме подобро општество за сите“ – изјави Ернест Дебрешлиоски, претседател на Ротари Клуб Скопје Север за ротаријанска година 2020/2021.
Ротари клубот Скопје Север го најави и реализирањето на својот нов проект наречен „Светот преку сетилата“ преку кој ќе помогне да се опреми сензорната соба на посебното основно училиште „Д-р Златан Сремец“.
„Сензорната соба е специјално дизајнирана соба која се користи во терапевтски цели кај лицата со посебни потреби, со цел да ѝ се помогне на личноста да ги развие сетилата и перцепцијата, најчесто преку светло, музика и реквизити и опрема. Благодарни сме на Ротари клубот Скопје Север за своите заложби за поддршка на нашето училиште“ – истакна директорката на училиштето, Марија Делетиќ.
(ПР текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Почна постапката за воведување директна авиолинија со Саудиска Арабија
Министерството за транспорт ја започна постапката за склучување на Спогодба за воздушен сообраќај со Кралството на Саудиска Арбија, информира министерот, Александар Николоски.
Тој вели дека целта на Спогодбата е воспоставување на правна рамка што ќе овозможи отворање на редовни авиолинии меѓу Македонија и Саудиска Арабија и потенцира дека досега меѓу двете држави не се одржувал воздушен сообраќај.
„Со Спогодбата се создаваат либерални и фер услови за работа на авиопревозниците, преку поттикнување на конкуренција, пониски цени за патниците, како и можност за воведување нови и поквалитетни услуги. Истовремено, Спогодбата гарантира највисоко ниво на безбедност и сигурност во воздушниот сообраќај во согласност со меѓународните стандарди“, вели Николоски.
Тој додава дека се очекува со воспоставувањето на редовни авиолинии меѓу двете земји да придонесе за зголемување на економската соработка, туризмот, трговската размена и севкупните билатерални односи.
Николоски најави дека Министерството за транспорт во следниот период ќе ги преземе сите неопходни активности за започнување на официјалните процедури за регулирање на воздушниот сообраќај, согласно националните прописи и меѓународните стандарди во областа на цивилното воздухопловство.
Македонија
(Фото) На повеќе локации низ Скопје паднаа дрвја, Ѓорѓиевски: Екипите се на терен, реагираме навремено
Поради засилениот ветер и неповолните временски услови, на повеќе локации низ градот беа регистрирани паднати и оштетени дрвја.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски извести дека градските служби веднаш излегле на терен и постапуваат со целосна мобилизација, со цел отстранување на опасностите и обезбедување безбедно движење за граѓаните.
„Се сечат и расчистуваат паднатите дрвја, се отстрануваат скршените гранки и се нормализира сообраќајот таму каде што имаше застој. Приоритет ни е безбедноста на граѓаните и непреченото функционирање на градот“, рече Ѓорѓиевски.
Тој апелираше до сите на зголемена внимателност додека траат активностите на терен.
Македонија
(Фото) Силниот ветер откорна покрив во училиште во Гевгелија
Преку Единствениот број за итни повици 112 е примена пријава дека поради силен ветер летнала лимената конструкција од покривот на основното училиште „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија, соопшти Центарот за управување со кризи.

Според информациите, нема повредени лица. Побарана е интервенција од службени лица од МВР, како и од надлежните институции.

Силниот ветер направи проблеми и во Скопје. На шест локации се пријавени паднати дрвја и искинати кабли, при што е причинета материјална штета на повеќе автомобили.
За состојбата се известени СВР Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“, кои преземаат мерки во рамки на своите надлежности.

