Македонија
Едно од девет возрасни лица во Северна Македонија има дијабетес
Во Северна Македонија едно од девет возрасни лица има дијабетес или околу 175 илјади луѓе, објави Асоцијацијата за детски дијабетес на Македонија „Баланс мк“.
Од таму наведуваат дека бројот на лица со дијабетес во светот продолжува да расте. Во споредба со 2017 година кога се публикувани последните резултати од осмото издание на Дијабетес-атласот, бројот на лица со дијабетес од 425 милиони е пораснат на 463 милиони, односно зголемен е за 38 милиони, според најновото деветто издание на Меѓународната федерација за дијабетес (International Diabetes Federation – IDF).
Ова зголемување на бројот на лица со дијабетес е еднакво на бројот на жители во една голема европска држава како Полска или повеќе од двојно од бројот на жители во земјите од Западен Балкан (Македонија, Србија, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора). Се проценува дека до 2045 година оваа бројка ќе надмине 700 милиони или секој деветти човек во светот ќе има дијабетес.
Меѓународната федерација за дијабетес (IDF) годинава го издава деветтото издание на Дијабетес-атласот, кој претставува авторитативен извор на податоци за глобалната тежина на дијабетесот.
Според податоците од овој атлас, процените за 2019 година се следниве: едно од 11 возрасни лица (20-79 години) има дијабетес (463 милиони), односно 38 милиони луѓе повеќе во споредба со 2017 година, 3.600 повеќе деца и адолесценти заболени од дијабетес во споредба со 2017 година, односно 1.110.100 деца и адолесценти на возраст под 20 години имаат дијабетес тип 1.
Едно од две лица со дијабетес не е дијагностицирано, 22 милиона луѓе повеќе се на ризик да развијат дијабетес во споредба со 2017, речиси две третини (63 отсто) oд лицата со дијабетес се во активна работна доба (под 60 години), едно од пет лица со дијабетес е на возраст над 65 години, 33 милијарди долари повеќе се трошат на дијабетес во споредба со 2017 година, 10 отсто oд светските здравствени трошоци се трошат на дијабетес (760 милијарди долари) и едно од шест раѓања (20 милиони) е засегнато од зголемен крвен шеќер, од кои 84 отсто се должат на гестациски дијабетес (дијабетес во бременост).
Од „Баланс мк“ наведуваат дека зголемената преваленца на дијабетес тип 2 е резултат на забрзаното темпо на урбанизација, стареењето на популацијата, седечкиот начин на живеење, зголемената телесна тежина, недоволната физичка активност и поголемото внесување нездрава храна.
Во светски рамки половина од луѓето со дијабетес не се дијагностицирани, односно не знаат дека имаат дијабетес. Стапката на дијагностицирани случаи може да се подобри со зголемена свесност за симптомите за дијабетес тип 1 (жед, зголемено мокрење, замор, ненадејно губење на телесната тежина, глад) и зголемени можности за скрининг на лица со висок ризик за дијабетес тип 2 (напредна возраст, зголемена телесна тежина, компликации, ниско ниво на физичка активност и нездрава исхрана).
Во нашата земја е подготвена национална стратегија за справување со дијабетесот, која „Баланс мк“ очекува да се имплементира многу бргу.
Асоцијацијата објави и петиција за јавна поддршка на барањето за набавка на сензори за безболно мерење гликемија на 500 деца и адолесценти, како и исполнување на ветувањето за нивна набавка од Министерството за здравство, Владата и ФЗОМ што побргу.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Судија бил разрешен во времето на СДСМ откако одбил да донесе мислење во случај поврзан со Јанкулоска, рече Манасиевски
Членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, на прес-конференција изјави дека постои ново сведоштво за притисоци врз правосудството и политички прогон кон поранешни функционери на партијата.
Како што посочи Манасиевски, поранешниот судија на Врховниот суд, Ристо Катевеновски, во гостување на поткаст на социјална мрежа изјавил дека бил разрешен откако одбил да донесе позитивно мислење во одреден случај, за кој, според него, немало правна основа.
Според кажаното, станува збор за предмет поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска. Манасиевски наведе дека Катевеновски тврди оти во 2019 година го добил случајот од поранешното Специјално јавно обвинителство и дека не постоела правна можност за позитивно мислење.
По одложување на одлуката со цел консултација со колеги, како што беше посочено, Судскиот совет го разрешил Катевеновски веќе следниот ден. Тој, според Манасиевски, одговорноста за разрешувањето ја лоцирал кај тогашната влада предводена од СДСМ и ДУИ.
Манасиевски во обраќањето изјави дека се зголемува бројот на лица кои сведочат за притисоци врз правосудството и упати обвинувања кон поранешната влада, наведувајќи дека реформите ќе продолжат и дека ќе има одговорност.
Македонија
(Фото) Германија донира техничка опрема и возила од 600.000 евра на МВР
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска во кругот на Министерството за внатрешни работи присуствуваше на церемонија на примопредавање на донација од Германија, на која присуствуваше и амбасадорката Петра Дрекслер, како и претставници од Канцеларијата за врски на Сојузната полиција на Германија.
Донацијата, во вкупна вредност од околу 600.000 евра реализирана во претходниот период, опфаќа моторни возила, термовизиски камери, компјутерска опрема и софтвери, специјализирани уреди за проверка на документи, како и специјални возила за воздухопловната единица.

Оваа опрема е наменета за унапредување на капацитетите на Министерството во делот на граничното управување, борбата против трговијата со луѓе и криумчарењето мигранти, криминалистичко-разузнавачката анализа и форензичките испитувања.
Министерот Тошковски истакна дека донацијата претставува симбол на довербата и силното партнерство меѓу двете земји.

„Оваа церемонија не е само формално примопредавање на опрема, туку јасна порака дека Германија стои рамо до рамо со Македонија во заедничката борба против организираниот криминал, во заштитата на нашите граници и во обезбедувањето на сигурноста на граѓаните. Поддршката што ја добиваме не се мери само во материјални средства, туку и во знаење, обуки и размена на искуства, што значи долгорочно зајакнување на капацитетите и професионализација на македонската полиција“, нагласи Тошковски.
Тој изрази благодарност до Сојузната полиција на СР Германија и до Амбасадата на Германија во Скопје за континуираната поддршка, посочувајќи дека шесте реализирани обуки за македонските полициски службеници се доказ за стратешката и долгорочна соработка меѓу двете институции.

Министерот потенцираше дека ваквата помош претставува значаен придонес во зајакнувањето на институционалните капацитети и унапредувањето на безбедноста, како и во остварувањето на заедничката визија за сигурна, стабилна и европска Македонија.
„Со обезбедувањето на техничка опрема ја продолжуваме нашата долгогодишна доверлива полициска соработка. Зајакнувањето на капацитетите на Северна Македонија во делот на граничниот надзор, во борбата против трговијата со луѓе, илегалната миграција и прекуграничниот криминал е во наш заеднички европски интерес. Заедно работиме на јакнење на Европа – денес и во иднина.“, истакна амбасадорката Дрекслер.
Македонија
Муцунски – Нејнски: Односите меѓу Македонија и Бугарија треба да се градат врз принципите на добрососедство и пријателство
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утрово оствари телефонски разговор со новоименуваната министерка за надворешни работи на Република Бугарија, Надежда Нејнски.
Министерот Муцунски упати искрени честитки по повод нејзиното именување и ѝ посака успех во извршувањето на функцијата.
Во рамки на разговорот, тој нагласи дека односите меѓу двете земји треба да се градат врз принципите на добрососедство, пријателство и конструктивна соработка.
Воедно, беше иницирана билатерална средба меѓу двајцата министри, која би се реализирала во наредниот период.

