Македонија
„Еколошки геноцид врз Охридското Езеро: Владата го жртвува јавниот интерес поради коруптивни бизнис-зделки“, велат од партијата Левица
„Левицата најостро ја осудува неодговорната, корумпирана и клиентелистичка политика на Владата предводена од ДПМНЕ и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, кои со доделувањето концесии за стопански риболов вршат директен еколошки геноцид врз Охридското Езеро“, велат од партијата Левица.
„Фактот што две од шесте концесионерски компании се основани во текот на самиот огласен рок претставува класичен пример на непотизам, незаконско фаворизирање и злоупотреба на јавните добра за остварување лични и партиски профити. Овој скандалозен потег уште еднаш покажува дека владејачката гарнитура нема никаков интерес за заштита на националното природно богатство, туку исклучиво се раководи од тесните бизнис-интереси на поединци блиски до власта.
Дополнително, доделувањето концесии е направено без сериозна научна основа, без темелна процена на состојбата на рибниот фонд и без одобрување од релевантните институции и експерти. Оваа непромислена и штетна политика директно го загрозува опстанокот на автохтоните видови, особено охридската пастрмка и белвицата – видови што се наоѓаат во критична состојба поради долгогодишната небрежност на властите.
Особено алармантен е фактот што Владата дозволува годишен улов од десет тони риба во услови кога вештачкиот мрест и порибувањето се прекинати веќе шест години. Оваа катастрофална одлука е директен напад врз екосистемот на Охридското Езеро, кое е под заштита на УНЕСКО и претставува светско природно наследство.
Владата свесно ги игнорира предупредувањата на еколошките здруженија, научната заедница и на граѓаните, кои со години алармираат за драстичното опаѓање на рибниот фонд и за деградацијата на екосистемот. Со ова не само што се уништува природното богатство на државата туку се доведуваат во директна егзистенцијална опасност традиционалните рибари и иднината на одржливиот риболов во регионот“, соопштуваат од партијата Левица.
Тие бараат итно поништување на концесиите за стопански риболов во Охридското Езеро, враќање на рибниот фонд под строг државен надзор и воведување трајна забрана за комерцијален улов додека не се обнови природната рамнотежа, спроведување итни мерки за ревитализација на езерскиот екосистем, вклучително и повторно активирање на вештачкиот мрест и контролиран процес на порибување и кривична одговорност за сите инволвирани во оваа еколошка катастрофа, како и ревизија на целиот процес на доделување на концесиите.
„Охридското Езеро не е приватен имот на корумпираните политички елити – неговата заштита е одговорност на сите нас“, додаваат од партијата Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Мали остатоци од снег има на планинскиот превој од (село Лисец – Попова Шапка) кои се задржани на коловозот, извести АМСМ.
Врнежи од снег со слаб интензитет има на патниот правец (Крива Паланка – г.п.Деве Баир) кој не се задржува на коловозот и намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 30 метри, Ѓавато до 100 метри и планинскиот превој Крушево до 40 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд. Претпладне, врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и во некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, а попладне наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица следува период на претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на повисоките планини, ќе преминуваат во врнежи од снег. Повремено наместа врнежите ќе бидат пообилни. До сабота ќе дува југоисточен и југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот и ќе дува засилен северен ветер.

