Македонија
Експерти од германската Федерална криминалистика ќе го истражуваат пожарот во Тетово
Германија, како земја сојузник во НАТО, утрово ја потврдила својата поддршка во однос на истрагата за фаталниот пожар кој ја зафати модуларната ковид-болница во Тетово, информираат од Владата.
Нашите власти одобриле во земјава да пристигнат стручни лица со највисок степен на експертиза во истраги при несреќи, за да помогнат во утврдувањето на причините за пожарот.
„Станува збор за експертски тим кој доаѓа од Германија, поточно од Бундескриминаламт или Федералната криминалистичка полиција, чиј делокруг на работа е токму во национална и меѓународна соработка, истраги, истражувања и развој. БКА е со висока експертиза во поддршката при истраги, особено во делот на форензички науки, ДНК-анализи, електронски истраги и идентификација“, појаснуваат од владината прес-служба.
Во специјалните задачи кои ги работи БКА е и тим кој работи на истраги со жртви во катастрофи и несреќи.
Станува збор за институција која во Германија има 60-годишна традиција на дејствување, со околу 7.000 вработени.
Тимот експерти ќе соработува со МВР и ќе ја помага истрагата која ја води ОЈО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Автомобили заглавија во снег на патот меѓу Пантелејмон и Средно Водно – „Непроодно е, по трасата не е фрлена сол“
Патот меѓу Пантелејмон (Горно Нерези) и Средно Водно во моментов не е безбеден за движење со моторно возило и се апелира да не се користи поради голомразица.
Утрово на овој потег беа регистрирани повеќе возила заглавени во снегот.
„Надлежен за одржување на овој пат е ЈП за Одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта, но за жал досега по трасата ниту е фрлено сол, ниту е поминато со било какво возило за расчистување на снегот“, велат од ЦУК.
Патот во моментот е безбеден само за пешачење и секое тргнување со возило е на ризик на возачот, се додава.
Според информациите од ЦУК, во моментов едно возило останало заглавено во снегот. Од ЈП Македонијапат велат дека овој пат е од четврта категорија на приоритет, а сега немаат машини за интервенција бидејќи тие се на патот Кичево-Охрид како и на Попова Шапка. Утре од 9 до 10 часот ќе има испратено машина и ќе се интервенира.
Македонија
Се запали бутик во зграда во Карпош, огнот се прошири кон уште еден стан и два автомобили
Пожар избувна доцн синоќа во бутик во Карпош, на улицата Разловечко востание.
Бутикот кој е во сопственост на И.М.(54) од Скопје бил лоциран на приземјето од станбена зграда. Повредени лица нема.
Од пожарот била зафатена фасада од зградата, делумно зафатен стан кој се наоѓал над бутикот, клима уред и дел од прозори на уште еден стан.
Исто така, изгореле две патнички возила кои биле паркирани во непосредна близина.
Од Бригадата за противпожарна заштита пожарот бил локализиран. Извршен е увид и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Македонија
(Видео) Честитка на Филипче за Водици: Во духот на солидарноста да го унапредуваме општеството
Во име на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и во мое лично име на сите православни верници им го честитам денешниот христијански празник Богојавление – Водици, порача претседателот на опозициската партија, Венко Филипче.
„Му честитам на момчето Мартин Гоџовски, од населбата Варош ,којшто денеска го фати крстот.
Посакувам здравје, среќа, успех оваа година. Исто така и на сите коишто денеска скокнаа во ладните води на Охридското езеро по крстот. Тоа е знак дека имаат многу голема ментална и физичка сила.
Овие празници секогаш треба да не потсетуваат да во име на солидарноста, работиме заедно, го унапредуваме општеството и создаваме подобри, еднакви можности за сите без дискриминација на ниту еден човек“, порача Филипче.