Македонија
ЕК-извештај: Новинарите изложени на самоцензура, медиумите финансиски неодржливи, а МРТ со најнизок буџет во последните 10 години
Општиот контекст останува поволен за слободата на медиумите и овозможува критичко известување на медиумите и покрај сериозните наоди што се дел од овој извештај. Особено влијание на работата на новинарите имаше кризата предизвикана од Ковид-19, со што беше зголемена тензијата во секторот, го пренесува Здружението на новинарите на Македонија извештајот на Европската комисија, што се онесува на медиумите.
Во извештајот се наведува дека нападите кон новинарите се зголемиле, а ветената нулта толеранција не се оствари зошто степенот на неказнивност остана висок. Реформите што се ветуваа во МРТ и во Агенцијата за медиуми останаа уште една година нереализирани. Уште еден заклучок е дека потребно е да се продолжат напорите за прифаќање на саморегулација во медиумите, кои би биле проследени со конкретни резултати и кои би ги задржале професионалните стандарди на новинарството, како и тоа да се обезбеди поголема транспарентност во однос на медиумското рекламирање од страна на државните институции и политичките партии.
МРТ, освен со најмал буџет, и со истечен мандат на советници, каков што е случајот и во Агенцијата за медиуми
Финансиската самостојност како и мерит-системот за избор на менаџментот во овој медиум се два основни предуслова за независноста на јавниот сервис.
Извештајот вели дека властите од нивна страна треба да ги зголемат напорите за реформа на МРТ обезбедувајќи ја неговата независност и финансиска одржливост. Буџетот на МРТ е 13,1 милиони евра, како што е нотирано во извештајот, и тоа е најнискиот буџет во последните десетина години што го има овој медиум. Јавниот радиодифузен сервис усвои петгодишна стратегија за развој, но процесот на реформи е отежнат поради доцнењето во именувањето на членовите во неговиот Програмски совет и во Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги, кои имаат истечен мандат.
Малиот пазар и социо-економската несигурност на медиумските работници останува сериозен проблем
Дополнителни економски проблеми предизвика кризата од Ковид-19. Во извештајот се нагласува дека медиумите беа вклучени во пакетот за помош, но работничките права на новинарите сѐ уште остануваат сериозен предизвик. Финансиската одржливост на медиумите и расположливото финансирање продолжуваат да ја зголемуваат загриженоста за интегритетот и независноста на медиумите. Потребни се дополнителни мерки за поддршка на професионалното и истражувачкото новинарство. Се наведува и истражувањето спроведено од Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ), кој покажа дека 23 % од медиумските работници немаат здравствено и социјално осигурување, 19 % одговориле дека менаџментот на медиумите не дозволува работниците да формираат синдикат. Ниските приходи, како и непочитување на Законот за работните односи од страна на работодавците, се заеднички и постојани предизвици за новинарите. Поради лошите работни услови, новинарите и медиумските работници се изложени на самоцензура.
Во делот за препораките означено е дека оние што беа донесени во текот на 2020 година остануваат валидни, но се нагласува дека в година земјата потребно е да ја ревидира правната рамка во областа на медиумите во согласност со правото на ЕУ и европските стандарди, како и да ги финализира составите на Програмскиот совет на МРТ и Советот на Агенцијата за медиуми. За потсетување, мандатите на членовите во двете дела се истечени, а Собранието не ја почна постапката за избор на новите членови иако во два наврата имаше објавен повик на кој се пријавуваа заинтересирани кандидати.
Заканите и насилството врз новинарите се зголеми и нултата толеранција резултира со двоцифрен број на посериозни инциденти
Во овој дел потребно е да се спроведе пристап за нулта толеранција во врска со заплашување, закани и акти на насилство врз новинарите во остварувањето на нивната професија и да се обезбеди сторителите да бидат изведени пред лицето на правдата. Случаите на физичко и вербално насилство и закани кон новинари и медиумски работници се зголемија, а нивните работни услови, особено работничките и социјалните права, остануваат тешки.
Во извештајот е наведена и статистика во врска со напад врз новинари. Во 2020 година во Министерството за внатрешни работи се регистрирани 10 случаи на заплашување новинари, а ЗНМ регистрира 2 физички напада и 12 форми на вербални закани за животот и други заплашувања. На почетокот на 2021 година исто така се регистрирани еден физички напад и една смртна закана. Се препорачува органите за спроведување на законот и Јавното обвинителство да ги следат инцидентите со новинарите, но потребна е подобра координација помеѓу разните институции за побрзо постапување по пријавените прекршоци и спречување неказнивост на сторителите. Се предлагаат нацрт-измени на Кривичниот законик со цел да се зајакне заштитата на новинарите и другите медиумски работници со нивно сместување во групата професии што ќе добијат дополнителна заштита кога ќе бидат изложени на напади и закани поради природата на нивната работа. Оваа препорака е делумно исполнета бидејќи измените на овој закон сѐ уште не се изгласани во Собранието на РСМ.
Понатаму, се вели дека Здружението на новинарите, како и меѓународните медиумски организации, забележа зголемување на заканите кон новинарите од страна на политичари и јавни службеници, како и малтретирање преку интернет и вербални напади, вклучително и на социјалните мрежи.
Платената политичка програма останува проблем
Извештајот исто така се осврнува и на проблемот што се однесува на платената политичка програма и вели дека „можноста политичките партии да користат државно финансирање за политичко рекламирање во медиумите останува загриженост меѓу медиумските асоцијации, поврзана со можното влијание врз независноста на медиумите“. Говорот на омраза е незаконски и онлајн и офлајн, но останува распространет преку интернет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Двегодишно дете со тешки телесни повреди од Битола пренесено во Скопје, го нападнале кучиња скитници додека си играло
Лекарите од Клиничката болница во Битола вчера во полиција приавиле дека примиле двегодишно дете со тешки телесни повреди по напад од кучиња скитници.
„Доктор од Клиничка болница Битола пријави дека кај нив со тешки телесни повреди е донесено двегодишно дете од Битола, кое, според пријавеното, додека си играло во близина на семејната куќа во Битола, било нападнато од кучиња скитници. Детето е пренесено во Комплекс клиники ’Мајка Тереза‘ во Скопје“, соопшти МВР.
СВР Битола презема мерки за расчистување на настанот.
Македонија
Измамена 76-годишна битолчанка: се претставил како лекар и ѝ зел 7.000 евра за да ја спаси внуката повредена во сообраќајка
Во полицијата во Битола, 76-годишна жена вчера пријавила дека била измамена за 7.000 евра.
„76-годишна жена од Битола пријави дека била измамена од страна на непознато машко лице, кое и се јавило на телефон и ѝ се претставило како лекар, по што и кажало дека нејзината внука е тешко повредена во сообраќајна несреќа и треба да даде пари за да ѝ го спаси животот. Пријавителката заедно со сопругот однеле 7000 евра и ги дале на едно лице кое, според договорот, ги чекало кај саатот во Битола. Подоцна, пријавителката сфатила дека била измамена односно дека нејзината внука не учествувала во сообраќајна несреќа“, соопшти МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
Македонија
Панична пропаганда се за Петрушевски обвинувањата од СДСМ за реформите во ВМРО-ДПМНЕ
„Обвинувањата на СДС се класичен пример на панична пропаганда без факти и без аргументи“, рече денес пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, одговарајќи на обвинувањата од СДСМ дека место нови лица старата банда е реформата во ВМРО-ДПМНЕ.
„Факт е дека Драган Ковачки поседува валиден НАТО сертификат, што целосно ги демантира лагите дека бил ’одбиен од НАТО’ или дека не исполнувал безбедносни услови. Сѐ друго е злонамерна конструкција за дневнополитички потреби. ВМРО-ДПМНЕ спроведува внатрепартиски реформи согласно Статутот и со јасна цел, ефикасна, одговорна и европски ориентирана партија. Обвинувањата за наводна контрола врз институции и медиуми се неосновани и доаѓаат од структури кои со години ја злоупотребуваа државата и сега се плашат од одговорност“, рече Петрушевски.
ВМРО-ДПМНЕ, како што нагласи Петрушевски, останува цврсто посветена на политиките што значат Македонија интегрирана во ЕУ, стабилен НАТО партнер и заштита на државните и националните интереси.

