Македонија
Емил Јакимовски осуден на една година и осум месеци затвор
Емил Јакимовски, поранешен вработен во Централниот регистар, е осуден на една година и осум месеци затвор за загрозување на сигурноста на својата поранешна сопруга и за заканите упатени кон новинарката Мери Јордановска.
Пресудата денеска беше изречена во скопскиот Кривичен суд од страна на судијката Џенета Бегтовиќ. Обвинителството предложи, а судот прифати тој да остане во притвор до правосилноста на пресудата.
Јакимовски ќе треба да лежи во психијатриската установа во Бардовци додека лекарите не утврдат дека е во подобра здравствена состојба пред тој да биде вратен во затвор. Вештакот Александар Марцикиќ утврдил дека за Јакимовски е потребно задолжително лекување бидејќи може да го повтори делото со оглед на тоа што страда од психичко нарушување.
Јакимовски беше уапсен на 17 јануари по пријавите за навреди и закани кон новинарките Мери Јордановска и Искра Коровешовска.
Тој беше пријавуван дека ѝ се заканувал и на директорката на Централниот регистар, Марија Бошковска-Јанковски, а закани му упатуваше и на градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев.
Речиси сите рочишта од овој судски спор беа затворени за јавноста бидејќи се изнесуваа информации што се од приватниот домен на животот на обвинетиот и оштетените.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на Гаши со шеикот Махир Муајкали
Претседателот на Собранието, Африм Гаши оствари средба со Имамот на Каба, шеикот д-р Махир Муајкали, кој за првпат е во четири дневна официјална посета на државата.
На средбата беше присутен и Реис ул Улема Шаќир еф. Фетаху, поглавар на Исламска верска заедница (ИВ).
„Во срдечната и конструктивна атмосфера, соговорниците се осврнаа на значењето на неговата посета, како и на важноста од меѓусебното почитување и разбирање. Притоа беше изразена искрена благодарност до државните власти на Кралството Саудиска Арабија за нивната досегашна поддршка и соработка. Во разговорот беше нагласено и значењето на зајакнувањето на врските и вредностите што ги споделуваат двете земји и народи, како и заедничката подготвеност за унапредување на институционалните односи и продлабочување на меѓусебната соработка“, соопшти Собранието.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ утре на 18. Конгрес ќе ја донесе новата „Стратегија за Македонија 2030“
ВМРО-ДПМНЕ утре во Кавадарци ќе го одржи својот 18-ти редовен Конгрес. Од партијата велат дека овој Конгрес претставува ново поглавје во политиката, во која првенствено треба да се обезбеди стабилно, предвидливо и државничко водство.
На Конгресот ќе биде донесена новата Стратегија на партијата: „Ново поглавје – Стратегија Македонија 2030“ (правци за дејствување, развој и државно водство), како и пропратни документи на истата.
„За да опстои и да напредува, македонската држава мора да има јасен стратегиски правец: стабилна државност, функционални институции, модерна економија и цврсто заштитен македонски идентитет. Оваа стратегија ја дефинира улогата на ВМРО-ДПМНЕ токму во таа насока: партија што предвидува, а не следи; партија што гради систем, а не мандат; политичка сила што поставува долгорочна архитектура на државата. Со оваа Стратегија ВМРО-ДПМНЕ се дефинира како водечка европска, демократска и вредносно ориентирана политичка сила во Македонија“, велат од партијата.
Македонија
Во завршна фаза комплетното реновирање на КАРИЛ и на четири операциони сали
Министерот за здравство, Азир Алиу, беше во обиколка на Клиника за ТОАРИЛУЦ и информира дека е во завршна фаза комплетното реновирање на КАРИЛ и на четири операциони сали во хируршкиот оперативен блок
„Комплетното реновирање на КАРИЛ е во завршна фаза и во најскоро време очекуваме овој простор да биде пуштен во употреба за пациентите. Се финализира и реновирањето на хируршкиот оперативен блок, каде се опфатени четири операциони сали во прва фаза. Во втора фаза е предвидена и нова операциона сала во рамки на Ургентниот центар, со што оваа Клиника ќе добие уште една сала за помали интервенции“, истакна министерот за здравство, Азир Алиу по денешната обиколка на Клиниката за ТОАРИЛУЦ.
На средбата со директорот на Клиниката, д-р Игор Мерџаноски беа разгледани можностите за набавка на нова најсовремена медицинска опрема наменета за КАРИЛ и за оперативниот блок, во насока на унапредување на условите за третман на пациентите.

