Македонија
Ешерихија коли се појави кај фонтаната во парк: „Сакаме да ја подигнеме свеста дека во Скопје нема јавни тоалети“

Во утринските часови во градскиот парк кај фонтаната ,,Лотос“ имаше уште една од повеќето предвидени герила-акции од уметникот Озбек Ајваз. Овој пат тој преку скулптура визуелно ја претставува бактеријата ешерихија коли.
„Проширувањето на бактеријата ешерихија коли поради недостиг на јавни тоалети во Скопје како метропола на оваа држава претставува сериозна здравствена опасност“, велат активистите.
Ешерихија коли е патогена бактерија, која се наоѓа во долниот дел на човековиот дигестивен тракт и не смее да дојде во горниот дигестивен тракт (желудник, хранопровод, тенки црева) бидејќи во тој случај таа може да предизвика сериозни гастроинтестинални инфекции кај луѓето.
Со недостигот на јавни тоалети граѓаните се ставени во неудобни ситуации бидејќи не може да одржат адекватна хигиена, што зголемува ризик од заболувања што се пренесуваат преку контакт, како што е наведената бактерија. За да се намали овој ризик и да се обезбедиат подобра хигиена и здравје за граѓаните, неопходно е да се инвестира во изградба и одржување доволен бројјавни тоалети во градот. Освен тоа, потребни се и стратегии за подигнување на свеста кај граѓаните за значењето на хигиената и користењето на јавните тоалети.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Филипче тргнал по стапките на Заев, на Македонија не ѝ требаат нови предавства

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ жестоко реагираше на денешното интервју на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, во кое тој зборуваше со гордост за поранешниот премиер Зоран Заев.
Според ВМРО-ДПМНЕ, Филипче покажал „безрезервна лојалност“ кон Заев, кого го нарече пример од кого треба да се учи.
Од партијата обвинуваат дека Филипче го велича човекот кој, според нив, извршил најголемо предавство на националните интереси.
„За какво искуство и учење зборува Филипче? Единственото наследство на Заев е предавството и распродавањето на националните интереси“, стои во реакцијата.
ВМРО-ДПМНЕ тврди дека со вакви ставови, Филипче покажува дека е „верна сенка и продолжена рака на Заев“, и оти тргнал по истиот пат, барајќи попустливост во односите со Бугарија.
Реакцијата уследи по изјавите на Филипче во кои тој повика на продолжување на преговорите со Бугарија, додека истовремено, поранешниот министер за надворешни работи, Бујар Османи, призна дека во минатото преговарал со Бугарија за етнички прашања со дозвола на СДСМ.
„Дали за Филипче храброст значи прифаќање на сите барања што водат кон распродажба и нарушување на националниот идентитет?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата потенцираат дека вистинска храброст и државничко однесување е заштита на етничките, културните, историските и јазичните интереси на Македонија, а не попуштање под странски притисоци.
Македонија
Филипче: ВМРО-ДПМНЕ ја носи државата во економска и општествена бездна! СДСМ ќе се бори за враќање на довербата

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во гостувањето во „Тема на денот“ на Сител Телевизија порача дека судот за тоа дали тој ќе успее да ја направи СДСМ повторно победничка партија ќе го дадат граѓаните. Тој нагласи дека неговата задача е да ја консолидира партијата и да продолжи по започнатиот пат на обнова.
„Сè уште има многу простор за работа, а ние сме решени да продолжиме, не само во пресрет на локалните избори, туку и во следните години“, истакна Филипче.
Тој потенцира дека СДСМ никогаш не се борела за власт по секоја цена, туку за доверба што ќе им овозможи да работат во интерес на граѓаните.
Филипче упати сериозни критики кон актуелната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ, укажувајќи на неконтролираниот раст на цените, стагнацијата на платите, намалениот животен стандард и доцнењата во исплатата на плати и ДДВ за компаниите.
„Живееме во време на тешка економска и општествена криза. Владата е неспособна да ги реши проблемите што граѓаните секојдневно ги чувствуваат. Платите не се зголемуваат, а во многу институции дури и не се исплаќаат навреме“, рече Филипче.
Дополнително, тој ја обвини власта за груба партизација на институциите, каде, како што тврди, неподобните кадри се казнуваат со прераспоредување на работни места далеку од своите домови.
„Ако не сте член на ВМРО-ДПМНЕ или партија од владејачката коалиција, бидете сигурни дека ќе ве преместат да работите 100 километри подалеку“, предупреди лидерот на СДСМ.
Според него, владата ја прикрива тешката состојба преку силна пропаганда, но реалноста на граѓаните е сурова.
„Од плата до плата се живее максимум до 10–15-ти во месецот, потоа почнува вистинската борба за опстанок“, подвлече Филипче.
Тој порача дека токму поради оваа состојба, СДСМ има уште поголема обврска да работи, да ја зацврсти својата структура и да ја врати довербата на граѓаните.
Како што истакна Филипче во интервјуто, општините под раководство на СДСМ се запоседнати од инспекции.
„Ние имаме 17 градоначалници и сите можни инспекции се во општините во пресрет на локалните избори. Од Управата за јавни приходи, организиран криминал, различни други институции коишто се под Министерството за внатрешни работи”, потенцира Филипче.
Како што додаде тој, тоа се случува исклучиво во општините кои се раководени од луѓе од СДСМ, а не и во другите општини каде што има градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
УХМР предупредува на пороен дожд, грмежи и можна појава на град

Попладневниот развој на нестабилна облачност донесе пороен дожд, грмежи и засилен ветер во западните планински предели, Охридско-Преспанскиот регион и Пелагонија. Локално имаше и услови за појава на град, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
До крајот на денот, нестабилното време ќе продолжи со променлива облачност, пороен дожд и грмежи на повеќе места низ државата, а ќе дува и засилен ветер.
Според прогнозите на УХМР, и утре времето ќе биде слично – променливо облачно со повремени врнежи од дожд и грмежи. На одредени места се очекуваат и поинтензивни процеси во форма на невреме, со обилен дожд, силен ветер и можност за изолирана појава на град. Минималните утрински температури ќе се движат меѓу 4 и 10 степени, а максималните дневни ќе достигнат од 15 до 23 степени.
Во Скопје, попладнето ќе донесе нестабилност со локални поројни врнежи и грмежи, проследени со засилен ветер и услови за појава на град. Температурите во главниот град ќе се движат од 9 до 23 степени.
Од УХМР најавуваат дека променливото и посвежо време ќе продолжи и во следните денови, со повремен локален дожд. Сепак, од вторник се очекува стабилизирање на временските услови, претежно сончево време со пониски утрински температури, а дневните ќе бидат во постепен пораст.