Македонија
Жерновски – Кумуцакос: Двете земји мора да бидат сојузници во битката со миграцијата
Заменик-министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, денеска ја предводеше Делегацијата на Република Северна Македонија на првиот Глобален форум за бегалци, кој се одржува во Палатата на нациите во ООН, во Женева. На Глобалниот форум за бегалци учествуваа над 200 шефови на држави, министри за надворешни и внатрешни работи и други претставници на земјите членки на ООН, но и пошироко. Форумот го отворија генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш, и генералниот секретар на ООН задолжен за бегалци, Филипо Гранди.
За време на Глобалниот форум за бегалци во Женева, Жерновски имаше билатерална средба со Јоргос Кумуцакос, алтернативен министер за граѓанска заштита и миграциска политика на Грција. На средбата се разговараше за билатералните односи меѓу двете земји, за имплементацијата на договорот од Преспа, за европската перспектива на нашата држава, за миграциските текови, како и за внатрешно-политичките случувања.
„Како Влада сме целосно посветени на правилна имплементација на преспанскиот договор, како и на акцискиот план за интензивирање и збогатување на соработката меѓу Република Грција и Република Северна Македонија. Тоа е основа за добрососедство и затоа треба да го искористиме нашето пријателство за бенефит за двете земји, за просперитет на граѓаните, но и за регионална и европска сигурност и безбедност“, истакна Жерновски.
На средбата стана збор и за текот на имплементација на договорот за отворање на граничниот премин „Маркова Нога-Лемос”, како исклучително важен за развојот на еконосмките односи меѓу Северна Македониј и Грција.
Жерновски и Кумуцакос се согласија дека двете земји мора да бидат сојузници во битката со миграцијата, но и со другите актуелни безбедносни предизвици и тенденции. Само со зацврстена доверба и зголемена размена на информации, безбедносниот амбиент ќе стане поповолен, а со тоа и напредокот и благосостојбата на двете земји.
Жерновски во продолжение на Форумот ќе оствари и други билатерални средби на кои фокусот ќе биде европската интеграција на државата, a ќе има и обраќање каде што ќе потенцира дека Форумот е доказ дека меѓународната заедница е силно посветена на соработка и солидарност за ова прашање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утрово најстудено на Попова Шапка
Утрово најстудено на Попова Шапка каде што се измерени -7 степени, -4 било во Берово и Mаврови Анови, -3 во Kрушево, -2 во Крива Паланка, -1 во Тетово, Виница, 0 во Скопје-Петровец, Скопје-Зајчев Рид, Штип, Прилеп, 1 во Охрид, Претор, Битола, Велес, Кавадарци, 2 Демир Капија, Струмица, 3 Гевгелија.
Количина на врнежи за изминатите 24 часа до 07 часот во (l/m2)
26 Гевгелија, 20 Демир Капија, 17 Струмица, Mаврови Анови, 15 Kрушево, 13 Скопје-Петровец, Попова Шапка, 12 Кавадарци, Пожаране, 10 Берово, Велес, Ѓуриште, 9 Тетово, Битола, 6 Скопје-Зајчев Рид, Штип, 5 Виница, 3 Претор, Прилеп, Тополчани, 2 Крива Паланка, Пожар-Радовиш, 1 Охрид.
Висина на снежна покривка до 07 часот во (cm)
50 Попова Шапка, 14 Маврови Анови, 5 Берово, 2 Ѓуриште.
Времето денеска
Променливо облачно со повремен локален дожд и снег со слаб интензитет, претежно во северозападните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Максималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9 степени.
Во Скопје, претежно облачно со слаб променлив ветер. Максималната температура ќе достигне до 6 степени.
Македонија
Делови од Аеродром и Шуто Оризари денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ке останат:
· од 09.00 до 11.00 часот корисниците, од булевар Јане Сандански бр. 30. (Општина Аеродром)
· од 09.00 до 11.00 часот дел од корисниците на ул. Индира Ганди. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат.
Намалена видливост до 100 метри поради магла има на планинскиот превој Плетвар, Ѓавато и Пресека, извести АМСМ.
Од 05:25 часот на патниот правец P1105 Удово-Валандово има излевање на Калковска Река на коловозот, се воведува забрана за сообракајот на тој патен правец и се пренасочува на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

