Македонија
Живеат во странство, а добивале помош од државата – пријава за вработени во Центарот за вработување Струмица
Неколку лица кои живеат во странство си добивале помош од државата. Поднесена е пријава против седум вработени во Центарот за вработување – Струмица.
Според информациите на МВР, СВР Струмица поднесе кривична пријава против Р.К.(62), Ж.Д.(56), Е.Д.(42), Ж.К.(67), З.Ј.(56), Ј.Т.(45) и Р.А.(55), сите од Струмица, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“.
Во периодот од 2021 до 2025 година, пријавените-вработени во Агенција за вработување на РСМ – Центар за вработување Струмица, во системот на АВРМ пријавиле лица државјани на Македонија како активни баратели на работа, кои биле надвор од државата, и на тој начин постапиле спротивно од Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност.
Лицата кои биле во странство користеле и гарантирана минимална помош, а која требало да биде укината и со тоа на државата и нанеле штета во вкупен износ од 333.968 денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на експресниот пат Кочани-Штип
Од 23:25 часот, вчера вечер сообраќајот на експресниот пат Кочани-Штип целосно е нормализиран, извести АМСМ.
Претходно, од 19:10 часот, поради сообраќајна несреќа на експресниот пат Кочани – Штип во близина на село Тркање, сообраќајот беше во целосен прекин.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

