Македонија
Жителите на Чаир и Бутел кои аплицираа за инвертери викендов да ги предадат старите печки

Жителите на општините Чаир и Бутел што аплицираа за субвенции за набавка на клима-инвертери и добиле електронска порака за предавање на печките од Град Скопје, во текот на претстојниов викенд (утре и в недела) ќе можат да ги предадат своите стари печки на дрва или на нафта во дворот на средното училиште „Зеф Љуш Марку“. Акцијата ќе трае од 10 до 16 часот.
Во Град Скопје пристигнаа 5.000 апликации, од кои од општините Чаир и Бутел се пристигнати вкупно 884 апликации на овој јавен повик. Изминатите викенди ваква акции за предавање на старите печки кои користат нееколошки енергенси во замена за инвертер клима-уреди за затоплување се организираа во општините Сарај, Шуто Оризари, Карпош, Центар, Кисела Вода, Ѓорче Петров, Гази Баба и Аеродром.
Во наредните две години, согласно со условите од јавниот повик, градската или државната инспекција може да врши инспекциски надзор на лицата кои добиле субвенција, за да се види дали навистина ги користат инвертерите или е направена измама, за што ќе биде поведена постапка за враќање на финансиските средства.
Јавниот повик за доделување субвенции за инвертер клима-уреди за затоплување на домаќинствата ги опфати граѓаните кои купиле инвертер од 1.1.2020 година, до завршувањето на повикот на 30.11.2020 години или до денот на исцрпување на средствата. На овој повик граѓаните можеа да аплицираат онлајн.
Според условите во повикот, на граѓаните ќе им бидат целосно надоместени трошоците за набавка на инвертер клима-уред, но не повеќе од 62.000 денари во нето-износ.
Целта на јавниот повик за доделување субвенции за набавка на инвертер клима-уреди е да се придонесе за намалување на аерозагадувањето во Скопје преку намалување на бројот на оџаци кои чадат заради загревање на домовите во текот на грејната сезона, односно во зимскиот период.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова: Цинизам и хипокризија е да барате од некого да биде отпорен на трети влијанија, оставајќи го пред портите на Европската Унија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се обрати на годинешната средба на земјите учеснички во „Процесот Брдо-Бриони“, којашто се одржа во Драч, Република Албанија.
Укажувајќи на неодржливоста на предолгото чекање на Западен Балкан пред портите на Брисел, заради насушната потреба од проширување на ЕУ со сите европски држави во функција на зајакнување на нејзината улога, како и заради зголемување на отпорноста на трети влијанија, Сиљановска-Давкова истакна дека е цинизам и хипокризија да барате од некого да биде отпорен на трети влијанија, оставајќи го пред портите на Европската Унија.
Претседателката потенцираше дека годинава, за разлика од лани, Декларацијата е усвоена со консензус на лидерите на земјите учеснички во „Процесот Брдо-Бриони“.
За неа, соработката е неопходна заради решавање на заедничките проблеми, како: егзодусот на младите, опасноста од стагнирање на економијата и надминување на безбедносните предизвици.
„Верувам во добрата волја, верувам во добрите намери, верувам во посветеноста на Хрватска и Словенија на процесот и нивната посебна одговорност кон регионот и неговото забрзано чекорење кон ЕУ“, заклучи претседателката Сиљановска-Давкова.
Иницијатори на „Процесот Брдо-Бриони“ се Република Хрватска и Република Словенија. Во процесот, покрај нас, вклучени се и: Република Црна Гора, Република Србија, Република Албанија, Босна и Херцеговина и Косово.
Претседателите на овие земји се состануваат најмалку еднаш годишно. Следниот состанок ќе се одржи во Република Хрватска.
Македонија
(Видео) Мемов: Дебар Маало е претворено во жртва на урбаното дивеење, Герасимовски е градоначалник со невино лице, без глас

Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија на денешната прес-конференција објави уште еден, како што велат, урбанистички скандал во општина Центар.
Според портпаролот, Никола Мемов, Дебар Маало, симболот на култура, урбана традиција и живеење со душа во срцето на Скопје, денес е претворено во жртва на урбаното дивеење и апсолутната незаинтересираност на градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
„Пред само 2–3 недели никна нова нелегална градба, односно ресторанот „Мечка“ се прошири буквално преку ноќ, на простор кој е јавен: на тротоарот, па дури и зафаќајќи дел од коловозот.
Узурпиран е простор наменет за пешаци и за движење на граѓаните, простор кој треба да биде за сите, а сега е дел од приватен бизнис“, рече Мемов и запраша:
„Кој го дозволи ова? Кој дозволи во срцето на Дебар Маало, на неколку чекори од улицата „Орце Николов“, а на само 200 метри од кабинетот на самиот градоначалник, да се узурпира јавен простор и да се изгради дел од објект?
Дали воопшто градежниот инспекторат на Општина Центар постапил на терен?
Дали постои било каков документ, одобрение или решение – или ова е типичен пример на дивоградба, „пуштена“ да никне преку ноќ?
Дали ова е Општина Центар или Див Запад, каде секој си гради што сака и каде сака?
Кој ќе ја понесе одговорноста што објектот и понатаму стои, како симбол на беззаконие и селективна правда“.
Мемов потенцира дека ова не е прашање кое може градоначалникот Герасимовски да го сокрие со молк, затоа што се случува на улица, пред очите на сите и како што рече тој, и пред очите на Герасимовски, бидејќи тој секојдневно се вози со неговиот скап велосипед по улицата „Дане Крапчев“.
„Ова е буквално во Вашето маало, на неколку чекори од Вашиот дом.
Па, ако тука не реагирате, како граѓаните да веруваат дека ќе реагирате воопшто.
Ова е срамота. Ова е слика на една неспособна и незаинтересирана општинска власт, карактеристична за владеењето на СДСМ.
Жителите на Дебар Маало секој ден гледаат како јавните површини се претвораат во приватни имоти. Како зеленилото исчезнува. Како тротоарите се претвораат во маси и тераси. Како јавниот интерес исчезнува, а на негово место никнуваат бетон, стакло и пари.
Го прашуваме актуелниот градоначалник Герасимовски:
-Како ќе им погледнете во очи на вашите соседи, на луѓето со кои живеете во иста населба, од кои имено барате и поддршка за втор мандат?
-Што ќе им кажете на жителите на Дебар Маало – дека не можете да ги заштитите ни од дивоградба под вашиот прозорец?
Дека не сте виделе што се гради на само 200 метри од вашата канцеларија?“
Тоа што го гледаме денес, вели Мемов е деградација, потценување и отворено понижување на жителите.
Тој потенцира дека ова не е само проблем со една дивоградба кај националниот ррсторан „Мечка“, туку ова е симбол на начинот на кој четири години се владее во Центар.
Македонија
Медицинските сестри бараат да бидат слушнати, реагираат дека не биле поканети на јавна расправа со министерот

Унијата на медицински сестри бараат да бидат слушнати, реагираат дека не биле поканети на јавна расправа со министерот иако, како што велат од таму, претходно им било ветено дека ќе бидат вклучени во истата.
„Како претседател на најголемата и најактивна унија на медицински сестри во државата, остро реагирам на начинот на кој денес беше организирана јавната расправа поврзана со прашања што директно ги засегаат медицинските сестри.
Иако имавме официјална средба со министерот за здравство, на која јасно се договоривме Унијата на медицински сестри, предводена од здружението ЗМСТАС „За-нас“, да биде вклучена во работните групи, денес не бевме поканети. Ова го сметаме за директно игнорирање на реалните потреби и гласот на професионалците кои секојдневно се на терен и го носат товарот на здравствениот систем“, вели претседателката на Унијата, Гордана Бешлиовска.
Таа додава дека медицинските сестри заслужуваат да бидат слушнати — не преку формални претставници, туку преку вистински, активни и професионално организирани тела, каква што е нашата Унија.
Бешлиовска бара објаснување зошто е прекршен договорот со министерот и бара итно вклучување на легитимни и активни претставници на медицинските сестри во сите идни работни групи и јавни расправи.
„Апелираме до институциите да престанат со формални и политички решенија кои ја маргинализираат сестринската професија. Особено разочарува фактот што токму овие денови, додека државата нè игнорира, медицинските сестри од Македонија испишуваат историја. Овој викенд, во Струга, се одржа четвртиот меѓународен конгрес на медицинските сестри и Регионалната ЕСНО конференција, со повеќе од 80 предавања и со присуство на еминентни имиња од регионот, Европа и САД. Тоа беше настан од највисоко професионално и научно ниво, кој уште еднаш ја потврди посветеноста, компетентноста и лидерството на македонските медицински сестри на меѓународната сцена“, вели Бешлиовска.