Македонија
Жители на „Треска“: Со години се случуваат пожари, ова е небезбедно место за живеење
Дел од жителите на работничките станови кај „Треска“ реагираат дека никој не нашол решение за нивната безбедност и дека денешниот пожар не бил прв, а тие стравуваат и од нови експлозии.
„Не е првпат да апелираме дека ‘Треска’ е небезбедно место за живеење, каде многу често доаѓа до пожари, а неодамна испративме и известување до јавноста дека старата фабрика за мебел е еколошка темпирана бомба.
Повеќепати сме биле сведоци на палење на електрични кабли поради крадење на бакарот, што доведувало до бројни пожари и интервенции на Противпожарната служба, меѓутоа поради непристапноста на теренот последиците биле огромни. Секојдневно гледаме разбојништва во напуштениот индустриски капацитет и ‘Треска’ веќе одамна е прибежиште на крадци, бездомници и наркомани.
Стравуваме за безбедноста на нашите животи и безбедноста на нашите деца, кои наместо да живеат во урбанизирана населба сред центарот на Скопје, во своите дворови гледаат наезди од инсекти, змии и стаорци.
Практично од самото затворање на фабриката, оваа локација е потенцијална опасност не само за нас жителите, туку и за сите граѓани на Скопје, и бараме итно решавање на проблемот и конечно урбанизирање на овој дел од градот. Од нашето уставно загарантирано право на достоен живот нема да се откажеме, а денешниот пожар е само уште една потврда дека овде до овие рушевини повеќе не е безбедно да се живее.
Ние жителите стравуваме дека може да има нови експлозии и нови поголеми пожари, а нашите повици за урбанизација на оваа локација не доаѓаат само поради денешната катастрофа, туку поради сè понеподносливите услови за живот.
Како и сите граѓани, и ние сакаме отворени прозорци со свеж воздух и зеленило, а не смрдеа, страв од разбојници и живот на депонија“, се наведува во нивната реакција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Влен“: Со еден глас, Албанците го запечатија крајот на ерата на Ахмети!
„Изборите што ги нарекоа „референдум“ завршија како политички суд против оние што го држеа албанскиот народ како заложник 23 години со лаги и измами. Граѓаните јасно проговорија дека времето на манипулаторите е завршено“, велат од „Влен“.
„Двата круга од овие избори докажаа дека Демократската Унија за Интеграција е избришана од политичката карта на Северна Македонија. По две децении манипулација, оваа партија стана мала структура, без поддршка и без политички легитимитет.
Ова не го кажува ВЛЕН, го кажува слободниот глас на Албанците.
Во првиот круг, ВЛЕН убедливо победи во Чаир, Сарај, Арачиново, Желино и Теарце. Во вториот круг, Албанците ја запечатија промената во Боговиње, Дебар, Струга, Долнени и Тетово. Овие победи не се случајности, тие се отворено отфрлање на старата политика и потврда на вербата во новата политика.
Албанците точно знаат кој работи, а кој измамува, кој дели, а кој обединува.
Ова јасно гласање е крај на една ера и почеток на нова визија за албанската политика.
ВЛЕН го чита овој резултат како почеток на политика на одговорност, мерена со работа, понизност и почит кон граѓанинот. Нема да зборуваме за губитниците бидејќи Албанците веќе проговорија“, соопштија од „Влен“.
Македонија
Делови од пет скопски општини денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од село Долно Лисиче. (Општина Аеродром)
· од 08:30 до 12:30 часот, корисниците од дел од ул. Димче Милошевски. (Општина Гази Баба)
· од 09:00 до 12:00 часот, корисниците од дел од ул. 1 во с. Сопиште. (Општина Сопиште)
· од 09:00 до 13:00 часот, корисниците од дел од ул. Димитар Мирсачев. (Општина Кисела Вода)
· од 09:00 до 15:00 часот, корисниците од објектите во околината на ул. Леринска бр. 3. (Општина Карпош)
Македонија
Променливо облачно, претпладне слаба магла, попладне повремени врнежи од дожд
Променливо облачно, претпладне по одделни котлини со појава на магла. Попладне и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд и услови за ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 8, а максималната ќе достигне од 16 до 21 степен.
Во Скопје, променливо облачно, претпладне во делови од котлината со појава на слаба магла. Попладне и во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на променливо облачно време, по одделни котлини со појава на утринска магла. Во вторник ќе има повремени локални врнежи од дожд и ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер. Дневната температура ќе опадне за неколку степени. Во среда и четврток ќе преовладува претежно стабилно време, а локални врнежи од дожд повторно се очекуваат во деновите од следниот викенд.

