Македонија
Забрана за камиони на Плетвар и Стража поради обилни снежни врнежи

Поради обилни врнежи од снег е воведена забрана за камиони на Плетвар и Стража, информира АМСМ.
„Денес во 16:30 часот е воведена забрана за движење на тешки моторни возила на планинскиот превој Плетвар, поради обилни врнежи од снег“, велат од АМСМ.
Првично на Стража беше воведена задолжителна употреба на зимска опрема (ланци) за сите моторни возила, но во 16 и 50 часот е воведена и забрана за движење на камиони поради снежните врнежи.
Исто така, воведена е забрана за камиони и на патниот правец Дреново – Прилеп.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Премиерот јавно демонстрира незаконска политичка моќ да го контролира процесот на разрешување и запирање на разрешувањето на јавниот обвинител“, велат од ДУИ

„Во Република Северна Македонија, Премиерот целосно го зароби правосудниот систем, обвинителството и судството. Тој ја диктира динамиката на процесите, јавно ги определува осомничените и виновните уште во првата фаза, дури и пред обвинителството да започне истрага. Тој на јавна сцена демонстрира незаконска политичка моќ да го контролира процесот на разрешување и запирање на разрешувањето на јавниот обвинител, не штедејќи притоа и закани за уличен јавен линч“, велат од ДУИ.
„Истражувањето на трагедијата во Кочани претставува најгротескен пример на селективна правда што некогаш се случил во земјава.
Овој процес се претвори во карикатура на правна истрага, каде што сите се виновни, освен ако се од ВМРО-ДПМНЕ.
Оваа сериозна состојба бара активирање на сите механизми за да се спречи целосното пропаѓање на правната логика, што ќе има непоправливи последици врз политичкиот развој на општеството и неговата усогласеност со принципите и вредностите на Европската Унија.
Република Северна Македонија е кандидат за членство во Европската Унија, и затоа ќе ја повикаме Европската комисија преку тим експерти одблизу да ја следат оваа фарса од истрага, каде што Власта обвинува сѐ околу себе за да ги заштити оние кои биле одговорни да ја спречат оваа трагедија.
Само како пример: во група на верижни виновници веригата чудно не го опфаќа и Министерот за внатрешни работи, кој 13 месеци пред трагедијата бил запознаен со постоењето на нелегален ноќен клуб што ги прекршувал сите можни безбедносни стандарди, како и Државниот инспекторат и Управата за јавни приходи, кои не презеле никакви мерки.
Напротив, токму одговорниот Министер го гледаме како секојдневно ни ги преставува сите други виновници кои треба да го ослободат дури и од моралната политичка одговорност.
Ја повикуваме Европската комисија итно да испрати правни експерти и директно да се вклучи со засилен мониторинг на овој случај; по тоа, со својата експертиза и сознанија, ќе ѝ помогне на собраниската комисија која веднаш треба да биде воспоставена под меѓународен надзор.
Демократијата, владеењето на правото и почитувањето на основните човекови права се основните правила и принципи на Европската Унија, и тие мора да бидат заштитени и во Република Северна Македонија“, соопштуваат од ДУИ.
Македонија
Јавен повик за финанска поддршка на проектот „Прослава и животот на Горан Стефановски“

Градоначалникот Горан Герасимовски информира дека општина Центар објави јавен повик за финансиска поддршка за проектот „Прослава на животот на Горан Стефановски“, кој ќе се реализира на 27 април 2025 година, во чест на роденденот на еден од најголемите македонски драматурзи.
„Горан Стефановски е еден од нашите најголеми културни творци и имаме обврска да го зачуваме неговото наследство, особено за помладите генерации. Овој проект е многу важен за Општина Центар и за македонската култура бидејќи преку организацијата на настанот „Горан е тука!“, покажуваме дека луѓето кои оставиле голем белег имаат само датум на раѓање и во една друга уметничка форма се секогаш присутни во нашето општество. Роденденот на Горан Стефановски, на 27 април, се одбележува од 2019 година, па така и овој април посветуваме внимание на легендата која потекнува токму од нашата општина, од срцето на Дебар Маало“, рече Герасимовски.
Проектите поддржани со овој јавен повик ќе бидат составен дел од Годишната програма за култура на Општина Центар за 2025 година, и согласно на тоа, вкупниот износ на финансиската поддршка за проектот изнесува 300.000 денари.
Право на учество имаат сите здруженија, организации и правни субјекти кои дејствуваат во областа на културата најмалку една година и се регистрирани со седиште на територијата на Општина Центар.
Рокот за пријавување е 5 дена од денот на објавување на Јавниот повик (26.03.2025) на веб-страницата на Општина Центар, а сите заинтересирани може да ги поднесат своите пријави и документација преку пошта или лично во архивата на Општина Центар-Скопје.
Пријавата за финансиска поддршка е достапна на веб-сајтот на Општина Центар.
Македонија
597 сообраќајни прекршоци вчера на патиштата во државата, 200 за непрописно паркирање

Вчера, во рамки на тие активностите на полициските службеници на ниво на целата држава, беа издадени 597 платни налози, од кои 200 се однесуваат на непрописно паркирање, а во 92 случаи стануваше збор за непочитување на пропишаната брзина на движење, извести МВР.
„Покрај ова, а по однос на прекршоците по основ на неносење сигурносен појас и користење мобилен телефон при возење, евидентирани беа 47, односно 16 прекршоци. Полициските службеници исто така детектираа 50 лица што учествувале во сообраќајот без возачки дозволи, во осум случаи санкционирани се возачи кои управувале под дејство на алкохол, додека пак изречени се и четири мерки за возачи на моторцикли кои неноселе заштитна кацига, а изречени се и 13 санкции за прекршоци што ги прават пешаците.
Следствено одредбите од Законот за возила вчера беа детектирани 17 нерегистрирани возила во сообраќајот а седум возила се исклучени од сообраќај поради техничка неисправност.
Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови“, соопштуваат од МВР и апелираат до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.