Македонија
Забрането е нехумано однесување кон коњите – АХВ почна кампања за подигнување на јавната свест
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) денес почна со реализација на кампањата за подигнување на јавната свест за благосостојбата на работните коњи, како дел од приоритетите од Стратегијата за благосостојба на животните. Во рамки на оваа кампања изработен е едукативен аудио и видеоспот, постер на македонски, албански и ромски јазик и билборди кои ќе бидат поставени во Скопје, Тетово, Битола, Штип и Прилеп.
Кампањата за благосостојба на работните коњи е една од компонентите на кампањите за подигнување на јавната свест за благосостојбата на животните, со која во рамки на проектот „Подобрена имплементација на законодавството во делот на здравјето на животните, безбедноста на храната и фитосанитарната област и соодветните информациски системи” се опфатени и фармските животни, зголемување на контролата на популацијата бездомни животни преку зајакнување на одговорното сопствеништво, за благосостојба на животните за време на транспорт, благосостојба на кокошките несилки и за благосостојбата на животните при колење.
Проектот е вреден 1,6 милиони евра и се реализира со финансиска поддршка од Европската Унија во рамки на ИПА 2015. Агенцијата за храна и ветеринарство е носител на активностите на овој проект, кои се реализираат во соработка со Фитосанитарната управа, Државната фитосанитарна лабораторија и Државниот инспекторат за земјоделство при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Почетокот на кампањата е со заедничкиот состанок кој денес Агенцијата го одржа со претставници од Министерството за внатрешни работи, Заедницата на единиците на локалната самоуправа – ЗЕЛС, Град Скопје, Општина Шуто Оризари и Коњичкиот клуб Бравадос – Скопје. На состанокот се дискутираше за клучните аспекти, потенцијалните решенија и потребата од подигнување на свеста на сопствениците на коњи кои ги користат за влеча, превоз и работа, но пред сè за потребата од унапредување на здравствената заштита и благосостојбата на оваа категорија животни, која претставува и сериозен сообраќаен и безбедносен проблем на патиштата, особено во урбаните средини. Недоволната грижа за овие животни влијае директно на нивното здравје и работна способност, а сериозно ја загрозува и благосостојбата, не само на животните туку и на нивните сопственици, бидејќи коњите претставуваат ресурс за остварување приход и преживување на многу семејства.
За оваа категорија животни, до Агенцијата за храна и ветеринарство се упатуваат голем број претставки од страна на невладините организации, но и од граѓаните кои алармираат за негрижа за здравјето и благосостојбата на работните коњи. Животните често се во лоша здравствена кондиција, се доведуваат и до изнемоштеност. За жал, и покрај спроведените инспекциски постапки, состојбата со заштитата на овие категории животни засега е непроменета.
Прашањата за заштитата и благосостојбата на животните во Република Северна Македонија е уредена со Законот за заштита и благосостојба на животните и со подзаконски акти. Законската регулатива во овој дел е целосно усогласена со Европската. Законските обврски за заштита и благосостојба на коњите, кои се однесуваат на сопствениците и одгледувачите, регулирани се со Законот за заштита и благосостојба на животните, со Кривичниот законик, со членот 233 кој се однесува на измачувањето на животни. Ова прашање го регулираат и законите од областа на безбедноста во сообраќајот и комуналните закони.
За чување и употреба на работните коњи, согласно Законот за заштита и благосостојба на животните неопходно е да бидат исполнети минимум услови. Животните не смее да се изложени на глад и жед, да се заштитени од неудобност и да се сместени во средина која е соодветна за нивниот вид. Тие треба да бидат заштитени и од болка, повреда или болест, неминовно е да им се овозможи нормално однесување, а неминовно е да се води сметка и да не бидат изложени на страв и вознемиреност.
На коњите треба редовно да им се обезбеди свежа вода за пиење и храна со соодветна хранлива вредност, хигиенски исправна и соодветна за нивната возраст заради одржување на здравјето, физиолошките потреби и работната кондиција. Во случај кога коњите не се во добра здравствена состојба, или покажуваат промени во однесувањето, сопственикот и/или одгледувачот без одлагање треба да преземе мерки да ја утврди и отстрани причината. Доколку преземените мерки не покажуваат ефекти, сопственикот и/или одгледувачот треба веднаш да повика ветеринар.
Забрането е предизвикување болка, страдање или повреди, сурово и нехумано однесување кон коњите! Забрането е присилување на животните на работа која го надминува нивниот физиолошки капацитет, здравствена или кондициона способност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Потпишан Меморандум со највисоко рангираните универзитети во Македонија за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, објави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, заедно со највисоко рангираните универзитети во Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со што академската заедница официјално се вклучува како активен и рамноправен партнер во овој значаен европски културен процес, информираат од Град Скопје.
Со Меморандумот се потврдува јасната европска ориентација на универзитетите и нивната улога како двигатели на знаење, креативност и иновации, како и нивната општествена одговорност во развојот на заедницата. Вклучувањето во „Скопје 2028“ отвора можности за интеграција на културата во наставните и истражувачките програми, поттикнување на студентската креативност и младинскиот ангажман, развој на интердисциплинарни и меѓународни партнерства и зголемување на академската видливост на европско ниво.
Академската заедница останува посветена на активна, професионална и визионерска улога во реализацијата на „Скопје 2028“, со цел зајакнување на европските вредности, продлабочување на интеркултурниот дијалог и создавање одржлива, солидарна и креативна иднина за Скопје и Македонија.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.

