Македонија
Заврши твининг-проектот за подобрување на управувањето со посебни видови отпад
Денеска и официјално заврши твининг-проектот за јакнење на административните капацитети за спроведување на Рамковната директива за отпад и директивите за посебните видови отпад, информираат од Министерството за животна средина и просторно панирање. На завршната церемонија свое обраќање имаа заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, раководителот на одделот за оперативни работи на Делегацијата на ЕУ, Вирве Импари, и амбасадорот на Кралството Шпанија, Емилио Лоренца Сера.
„Проектот имаше за цел да им помогне на надлежните органи да го усогласат националното законодавство за управување со посебните видови отпад со правото на ЕУ и да ги зајакнат капацитетите на Министерството за животна средина и просторно планирање за имплементација за имплементирање на директивите во оваа област. При тоа посебен предизвик беше постигнување на целите на Европската Унија за воспоствување систем за управување со контролираните текови на отпад, преку кој се пренасочува индустријата кон постигнување на целите на циркуларната економија“, информираат од Министерството.
Европската Унија, преку инструментот на претпристапна помош, го почна овој твининг-проект во септември 2016 година со времетраење од 24 месици и со буџет од 1.01 милиони евра. Со овој проект, додаваат од Министерството во своето соопштение, се подготви подобрен систем за управување со отпад, им се помогна на сите вклучени сектори да добијат појасна слика за нивните задолженија и се отворија можности за развој и функционирање на системите за управување со отпад. Како резултат на ова, ќе се постигне поголем степен на рециклирање и ќе се подобри системот за отстранување на другите видови отпад, додаваат од Министерството за животна средина и просторно планирање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

