Македонија
Заев, Анѓушев и Тевдовски работат за интересите на олигарсите, обвинува опозицијата
СДСМ својата неспособност на економски план се обидува да ја прикрие со штетни договори и капитулација на сите страни. Огромната нула на економски план не може ниту еден капитулантски договор да ја прикрие. Нула проценти раст на БДП за 2017 година, и очаен раст од 0,1 процент за првиот квартал од 2018 година е резултатот од неспособноста на црното економско трио Заев, Анѓушев и Тевдовски, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Според опозициската партија, Заев, Анѓушев и Тевдовски работат единствено за сопствените бизнис интереси и интересите на олигарсите кои се стекнаа со огромен капитал на грбот на граѓаните за време на криминалната транзиција повторно дело на СДСМ.
„Стравот кај граѓаните е реален, а се враќаат спомените од мрачните 90-ти кога илјадници граѓани остана без работни места и беа доведени на работ на егзистенцијата. Повторно се склучува договор со Грција со кој Македонија повторно губи и повторно тоа го прави влада на СДСМ. Секојдневно во медиумите може да прочитаме вести за стечајни постапки на фирми кои до пред една година успешно работеа, исто како во време на транзиција. Додека за сето тоа време кланот Заеви ги брои милионите на своите сметки.
Економијата е руинирана, ништо од ветувањето на СДСМ за 500 евра просечна плата, ништо од враќањето на парите кај граѓаните, поврат на ДДВ нема, единствено нешто што е сигурно е тоа што ќе бидат зголемени давачките на граѓаните кон државата. Даноците ќе се зголемуваат, акцизата веќе се зголеми, а куповната моќ на граѓаните е во континуиран пад. Буџетот се полни на грбот на граѓаните, а секојдневно можеме да прочитаме за некое ново задолжување на државата. И покрај тоа што државата е на работ на должничко ропство, капитални проекти нема, реализацијата на капиталните инвестиции за првиот квартал од 2018 година е под 11 проценти. Каде одат парите, за кои граѓаните ги задолжува СДСМ? Дали можеби се инвестираат во плантажите за марихуана на Заев или пак во фирмите на Анѓушев?“, прашува партијата.
„Едно е јасно додека Македонија се носи кон економска депресија, истовремено се распродаваат државните и националните интереси наоколу. СДСМ е едно големо цунами за државата на сите полиња, а цената за тоа ја плаќаат граѓаните. Народот знае што се случува, народот го живее ветениот „живот“ секој ден и се погласно вели, нема да ви помине“, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Зелени коридори на сите премини и размена на искуства и податоци: Скопје и Атина со заеднички план за побрза трговија
Блиската соработка на Царинските управи на Македонија и Република Грција носи видливи придобивки за економиите на двете земји, при што двете страни се длабоко посветени кон унапредување на безбедноста и забрзување на протокот на стока преку засилена соработка, размена на искуства и споделување податоци.
Проширување на примената на зелените коридори на сите граничните премини, споделување на најдобрите практики и искуства на државната хемиска лабораторија на Грција, како и унапредување на соработката помеѓу службите за контрола и истраги, се дел од иницијативите што ќе бидат опфатени во заедничкиот Акциски план на коишто двете страни започнуваат да работат веднаш. Ова се дел од заклучоците на денешната билатерална средба на делегации од двете царински управи предводени од директорите Бобан Николовски и Димитриос Бурикос, на која активно учествуваше и директорката на Националната лабораторија на Грција, Софија Зиси.
„Овој состанок го гледам како можност за утврдување на конструктивни заеднички активности во областа на ефикасни контроли и практични мерки за олеснување на трговијата на границата, имајќи ги предвид напорите и активностите кои Царинската управа на Република Северна Македонија ги спроведува на патот на интеграцијата кон Европската Унија“, истакна Бурикос.
Директорот Бурикос во своето обраќање особено се осврна на реформата на Царинската унија на ЕУ, која значително ќе влијае на идната соработка. Во оваа насока, тој се осврна на трите главни области кои се акцентирани со реформата – централизација на царинските податоци преку заеднички Царински податочен центар на ЕУ, целосна дигитализација, како и поедноставување на постапките преку унапредување на програмата за Овластен економски оператор како клучна за олеснување на трговијата и зајакнување на безбедноста во синџирот на снабдување преку партнерство со приватниот сектор.
Директорот Николовски нагласи дека Царинската управа е цврсто посветена кон спроведување на реформската агенда за побрза интеграција во единствениот пазар на ЕУ, при што размената на искуства со Грција, како земја членка е од големо значење за понатамошно усогласување со европските системи и практики.
„Преку соработката со грчката Царинска управа јасно потврдуваме дека нема отстапувања од нашата цел, изградба на модерна царинска служба што работи по највисоки стандарди. Во фокусот на нашата соработка во периодот што следи се модернизација на царинската лабораторија, унапредување на контролите базирани на анализа на ризик, зајакнување на истражните механизми и олеснување на трговијата преку проширување на зелените ленти и размена на податоци во реално време. Нашата блиска соработка е основа и за унапредување на условите за водење бизнис, како клучно за зголемена трговска размена помеѓу двете држави“, вели директорот Николовски.
Македонија
Таравари поднесе тужба за клевета против Изет Меџити
Претседателот на поделената Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, преку својот адвокат, Aбидин Абдули, вчера поднесе тужба за клевета во Основниот суд Скопје 2 против градоначалникот на Чаир, Изет Меџити.
Тужбата доаѓа по изјавите дадени од Меџити во телевизиска емисија на „Лајм“, каде што тој тврдел дека Таравари за време на својот мандат како министер, издал седум лиценци за фабрики за преработка на канабис.
Според соопштението, пред поднесувањето на тужбата бил даден и законски рок за јавно извинување, кој Меџити не го искористил.
Таравари категорично ги демантираше овие обвинувања, оценувајќи ги како невистинити и клеветнички. Тој претходно најави дека ќе преземе правни чекори доколку не биде упатено јавно извинување за дадените изјави.
Со поднесувањето на тужбата во Основниот суд Скопје 2, случајот сега се очекува да добие институционален тек.
Македонија
Пријава против поранешниот градоначалник на Кичево, го оштетил буџетот за 1,4 милиони денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на Кичево, Фатмир Дехари, две други лица и еден правен субјект, за злоупотреби и несовесно работење со што го оштетиле буџетот на општина Кичево за сума од над 1.400.000 денари.
„ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Ф.Д.(52) од кичевското село Србица, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, против Б.К.(46) од кичевското село Аранѓел поради постоењер основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“, против Д.С.(41) од кичевското село Длапкин Дол за сторено кривично дело „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“, како и против едно правно лице со седиште во Длапкин Дол“, соопшти МВР.
На 08.01.2025, Ф.Д., во својство на градоначалник на општина Кичево, искористувајќи ја својата службена положба донел план за јавни набавки за 2025 година на општина Кичево спротивно на одредбите од Законот за комунални дејности. Иако, општина Кичево има јавно комунално претпријатие, Ф.Д. сите комунални дејности ги доверил на пријавеното правно лице со седиште во Длапкин Дол со намера да се стекне со поголема имотна корист на штета на буџетот на општина Кичево.
Второпријавениот, одговорно овластено лице за одржување на зелени површини, пропуштил должен надзор и несовесно постапил во вршењето на своите овластувања и должности, додека третопријавениот во својство на управител во правното лице, свесно ги повредил прописите на постапката за јавен повик.
Со тоа, вкупно исплатените парични средства за одржување на зеленилото околу зградата на општината изнесува вкупно 1.457.205 денари на штета на општина Кичево.

