Македонија
Заев – Бабиш: Чешка стои зад Северна Македонија да ги почне преговорите со ЕУ
Премиерот Зоран Заев денеска имаше средба на официјално ниво со чешка владина делегација, предводена од премиерот на Чешката Република, Андреј Бабиш.
На средбата, како што соопшти владината прес-служба, била изразена отворена поддршка за Северна Македонија да добие датум за почеток на преговорите со ЕУ.
Бабиш рече дека Чешката Република ќе направи сè што е можно Република Северна Македонија најбрзо што може да почне преговори со ЕУ и да стане членка.
„Премиерот Бабиш констатираше дека е дојдено клучно време за нашата држава, на 9 дена пред Советот на ЕУ и изрази надеж дека Советот ќе го потврди отворањето преговори со ЕУ. Тој оцени дека нашата држава ги испорачала сите политички услови, потенцирајќи ги тука и добрососедските односи и дека европските политичари сега треба да си го одржат зборот. За премиерот Бабиш, Република Северна Македонија е најдобрата земја кандидатка за ЕУ и дека почетокот на преговори на нашата земја со ЕУ го чека целиот регион, а тоа е важно и за Европа. Премиерот Бабиш на прес-конференцијата најави дека ќе побара од Парламентот во Чешка што поскоро да биде ратификуван и договорот за членство на Република Северна Македонија во НАТО, како и дека очекува нашата држава на Самитот во декември на алијансата да стане 30. полноправна членка“, соопштија од Владата.
Заев рече дека без скромност, оценката дека нашата земја е блескав пример за целиот регион и за Европа е заслужена.
„Сработивме. Заедно со нашите пријатели, Република Бугарија и Република Грција, ги надминавме стереотипите на решавање чувствителни билатерални прашања, тргнувајќи од појдовните точки зошто нешто не може. Внесовме нови, прогресивни, лидерски политики на возможното. Преспанскиот договор денес е повеќе од решение на долгогодишниот спор меѓу две земји. Преспанскиот договор е модел на решение на билатерални односи базирани на дијалог – клучната европска вредност којашто го обезбедува заедништвото, тоа на што е поставена и самата ЕУ. И затоа, определувањето датум за почеток на преговорите на Република Северна Македонија со ЕУ ова лето не значи само награда за нашата држава туку и принципиелност на ЕУ. Претстојната одлука на Советот на ЕУ да додели датум за почеток на пристапните преговори на Република Северна Македонија со ЕУ е потреба за нашата држава, за Западен Балкан, за ЕУ“, рече премиерот Заев на прес-конференцијата.
Тој додаде дека „тоа ќе значи почитување на индивидуалните заслуги и мотивација да се продолжи напред кон вредности, а не да се враќаме назад кон национализми и популизми“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Чаир и Студеничани денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 07.30 до 15.00 часот, дел од улицата Никола Тримпаре 15 и дел од улицата Мирослав Крлежа бр.16-20 и дел од локали и влезови на згради на булеварот Климент Охридски бр,54, општина Центар;
– во периодот од 09.30 до 15.30 дел од улицата Мирослав Крлежа по старо Ѓуро Ѓакович бр.52.54.56.58.60.62, општина Центар;
– во периодот од 08.00 до 14.30 корисниците од Ретаил Поинт Парк во Чаир, општина Чаир;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците на дел од село Студеничани кај Бурдем, општина Студеничани.
Македонија
Сончево со мала до умерена облачност, ќе дува повремено засилен северен ветер
Сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (локално до 50 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена облачност и со пониски утрински температури. Во четврток ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Македонија
Дел од Автокоманда денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека за денеска имаат планирано неколку интервенции и тоа:
· поради промена на вентил од 2.5“ на улицата Јани Лукровски 12, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.

