Македонија
Заев: Велосипедско-пешачката патека во Свети Николе е доказ дека се грижиме за рекреацијата во локалните заедници

Премиерот Зоран Заев и градоначалникот на Свети Николе, Сашо Велковски, денеска извршија увид на новата пешачка и велосипедска патека во општината, која веќе е готова и подготвена за користење.
Патеката води од Свети Николе до археолошкиот локалитет Била Зора во селото Кнежје и е долга околу 2.100 метри.
Како што истакна Заев, станува збор за модерна и урбана зона, која е хортикултурно уредена со зеленило и претставува прекрасно место каде што граѓаните ќе може да се релаксираат.
„Спортските активности имаат витална улога кај младата популација, од една страна, во однос на здравјето и правилниот развој, а од друга, ги учат младите на вредностите на заедничката работа, дисциплина, делењето на успесите и наградите за постигнатите резултати“, рече премиерот.
Градоначалникот Велковски посочи дека по должината на патеката се посадени 1.000 садници, поставени се 66 канделабри и повеќе места за одмор.
„Патеката веќе се користи, што е потврда дека вакво место за релаксација му беше потребно на нашиот град“, рече Велковски додавајќи дека нејзината вкупна вредност е околу 17 милиони денари, од кои пет и пол милиони кофинансирала Општината Свети Николе.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.