Македонија
Заев: Видовме каде ќе биде подигнато нашето знаме во НАТО, очекуваме официјална покана
Ја очекуваме и официјално поканата да станеме 30. членка на НАТО, изјави премиерот Зоран Заев на заедничката прес-конференција со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во седиштето на НАТО.
„Го видовме местото каде што треба да биде подигнато нашето знаме како 30. членка на Алијансата. Тоа го чекаме од 2008 година кога беше констатирано дека ги постигнавме стандардите. Оттогаш активно учествуваме на мисиите на НАТО за сузбивање глобални терористички и ектремистички закани. Припадниците на АРМ добиваат доверба да бидат главни актери во сериозни безбедносни предизвици. Со мисиите растеа капацитетите на Армијата“, рече Заев.
Првиот човек на Владата додаде дека особено значајно место во владините политики има регионалната соработка.
„Договорот со Грција го откочи нашиот прием во Алијансата и нашата земја го добива местото што го заслужува. Со Грција изградивме пријателство. Со Бугарија остваривме договор што долго се одложуваше и ќе ја продлабочи економската соработка“, рече Заев.
Обраќајќи се кон граѓаните на Република Македонија, Заев истакна дека чекор по чекор за една година нашата земја го постигнала она што никој не можел да го предвиди.
„Остануваат нашите домашни задачи, но сега имаме околу што да се обединиме на широкиот автопат и да кажеме ‘да’ заради нашата иднина, нашата држава и идните генерации. Искуствата велат дека земјите членки на НАТО се силни промотори на економскиот раст. Благодарност до Столтенберг и нашите сојузници, кои се подготвени да ја имаат како 30. членка на НАТО нашата земја“, рече Заев.
Во врска со објавите дека Македонија ќе биде принудена да изгради бегалски кампови во замена за интеграциите, Заев изјави дека Владата ги следи европските политики и никој не побарал такво нешто.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Аеродром и Шуто Оризари денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ке останат:
· од 09.00 до 11.00 часот корисниците, од булевар Јане Сандански бр. 30. (Општина Аеродром)
· од 09.00 до 11.00 часот дел од корисниците на ул. Индира Ганди. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат.
Намалена видливост до 100 метри поради магла има на планинскиот превој Плетвар, Ѓавато и Пресека, извести АМСМ.
Од 05:25 часот на патниот правец P1105 Удово-Валандово има излевање на Калковска Река на коловозот, се воведува забрана за сообракајот на тој патен правец и се пренасочува на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремен слаб дожд и ветер
Времето денеска ќе биде облачно со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Денеска наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините снег се очекуваат од четврток.

