Македонија
Заев: Влеговме во НАТО, очекувам за 6 години да ги завршиме преговорите со ЕУ
Влеговме во НАТО – можеме и во ЕУ, изјави претседателот на СДСМ, Зоран Заев, коментирајќи дека освен што НАТО значи безбедност и стабилност, носи и повеќе пари за граѓаните.
Само по добивањето на поканата за членство за НАТО во 2018 година, рече Заев, странските инвестиции достигнаа рекорден износ зголемен над 300 отсто во споредба со оној од 2017 година. Невработеноста денес е на рекордни најниски 17 отсто, а платите растат буквално во сите сектори.
„Веќе од оваа година се отвора пазар вреден 4 милијарди евра годишно за нашите компании преку нашето членство во НАТО. Агенциите на НАТО за услуги, набавки, информатика и комуникации стануваат достапни за сите македонски компании да конкурираат и да ги пласираат нашите домашни производи. Го повикувам бизнис-секторот да биде наш активен партнер и да ги искористи максимално економските придобивки што произлегуваат од членството“, нагласи Заев.
Како што додаде, денес сме чекор поблиску до преговорите со Унијата и отворање на првите поглавја. Последениот доказ за тоа, вели Заев, е вчерашниот извештај на Европската комисија.
„Извештајот нотира значаен напредок во сите области: во правосудството, во борбата против корупцијата, во реформата на безбедносните служби и реформата на јавната администрација. Тоа е потврда, тоа е печат за успешните реформи што ги остваривме со многу работа и во тешки услови, тоа се успеси на граѓаните, на државата, на Владата, на парламентот и на институциите“, додаде Заев.
Првиот човек на СДСМ порача дека на ред е ЕУ да ја исправи грешката и да почне преговори за членство. Со добра стратегија и цел, Заев очекува до 2024 година да бидат отворени 80 проценти од поглавјата за ЕУ.
„Ние, за 6 години, успешно ќе ги завршиме преговорите со Европската Унија. Со вакво ВМРО-ДПМНЕ преговорите би траеле 60 години и никогаш не би завршиле“, додаде Заев.
Отворањето на преговорите, смета Заев, ќе значи трансформација на целото општество, но и пристап до нови фондови, до повеќе пари за зелена агенда, за енергија, конкурентност, капитални инвестиции, земјоделство, канализација, патишта, водовод, повеќе работни места, повисоки плати за работниците, повеќе профитабилни домашни компании.
„Од европските фондови обезбедуваме 2 милијарди евра за Северна Македонија во годините што претстојат пред нас. Само во последните месеци добивме грант неповратни средства од 13 милиони евра за интерконекторот за гас помеѓу нашата земја и Република Грција, долг 68 километри, 5 милиони евра добивме неповратни средства за граничниот премин, за железничкиот премин и патот околу граничниот премин Табановце, 28 милиони евра добивме грант неповратни средства од ЕУ за патот Скопје – Блаце, плус 50 милиони евра добивме награда за успешно спроведени реформи и 17 милиони евра за развој на регионот Преспа. Тоа се европски пари за европски стандард дома. Бизнис-секторот ќе може да ги искористи максимално економските придобивки што произлегуваат од членството во НАТО и преговорите со ЕУ“, истакна Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Силен земојтрес почувствуван во Македонија
Силен земјотрес беше почувствуван вечерва во 22:05 часот во Македонија.
Според информациите на ЕМСЦ, потресот бил регистриран во Косово, на 15 километри од Тетово, со магнутуда од 4,6 степени.
Земјотресот бил на длабочина од 5 километри.
Засега нема информации за штети.
Македонија
Тополова-Исајловска: Криминалот врз културното наследство остава трајни последици
Јавното обвинителство е една од клучните институции-потписнички на двата меморандуми за разбирање, чија цел е зајакнување на институционалните капацитети за справување со кривични дела против културното наследство и животната средина.
Настанот го означи успешното завршување на твининг проектот помеѓу Италија и Република Северна Македонија,финансиран од Европската Унија со средства од Инструментот за претпристапна помош – ИПА.
“Кривичните дела во овие области се карактеризираат со високо ниво на сложеност. Тие често вклучуваат организирани структури, прекугранични активности, финансиски интереси и значителна материјална штета. Последиците од ваквите дела, за разлика од други форми на криминал, во голем дел се трајни – уништеното културно добро или деградираната животна средина речиси никогаш не можат целосно да се обноват. Затоа, покрај националните механизми, од суштинско значење се и инструментите на меѓународна правна помош, размената на информации и оперативната соработка, како со институциите од регионот, така и со институциите од Европската Унија”, истакна при потпишувањето на меморандумите В.Д. Јавниот обвинител, Анита Тополова Исајловска.
Целта на проектот, во чија реализација беа вклучени италијанските Карабинери со специјална експертиза, беше зајакнување на националните капацитети за спречување, истражување и борба против кривични дела поврзани со културното наследство и животната средина во согласност со стандардите и најдобрите практики на ЕУ.
Меѓуинституционалната соработка беше зајакната преку структурирани механизми за координација, што резултираше со потпишување на двата Меморандуми за разбирање со кои се воспоставуваат национални мултиинституционални платформи за заедничко дејствување против криминалот со културното наследство и животната средина.
Македонија
СДСМ: Корупцијата цвета, Македонија на ниво на Буркина Фасо и Танзанија според Транспаренси
СДСМ обвини дека корупцијата во Македонија „цвета“, повикувајќи се на Извештајот на Транспаренси за 2025 година, според кој, како што наведуваат, земјата е на ниво на Буркина Фасо и Танзанија.
Од партијата тврдат дека граѓаните „секој ден гледаат дека во Македонија цвета корупцијата поради криминалот на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ“.
Во соопштението се наведува дека „161 тендер се доделени на една фирма, 51 тендер за омилената фирма на ВМРО преку општините, 9 милиони евра за фирма само со двајца вработени, 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку Пошта“.
СДСМ ги споменува и петте тони дрога преку граница, оценувајќи дека се случил „најголемиот нарко-скандал во регионот со дрога од Македонија која била шверцувана во Србија“.
Според партијата, „наместо реформи во правосудството, власта презема целосна контрола врз судството и обвинителството и носи закони кои не се согласно препораките на ЕУ“.
„Нема борба против криминалот и корупцијата туку има обиди за заштита на криминалците од врвот на власта“, наведуваат од СДСМ.
Во соопштението се додава дека „сè тоа ја става Македонија во групата на земји како Буркина Фасо и Танзанија, според Извештајот на Транспаренси за 2025 година“.

„Македонија го има својот Мадуро кој ја води земјата кон намерна изолација од ЕУ за може слободно да се спроведува грабежот зад грбот на граѓаните“, додава СДСМ.

