Македонија
Заев во Виена: Очекувам ЕУ да покаже поголема грижа и внимание за процесите за проширување
Премиерот Зоран Заев денеска учествуваше во дебатата на тема „Северна Македонија: Европски перспективи и зајакнување на домашните реформи за социјална еднаквост“, што се одржа во организација на Институтот „Карл Ренер“ и Фондацијата „Фридрих Еберт“ во Виена.
На дебатата, на која учествуваше и Андреас Шидер, член на Европскиот парламент и претседавач со Делегацијата на заедничкиот парламентарен комитет ЕУ – Република Северна Македонија, во воведното излагање премиерот Заев ги запозна присутните со најзначајните поенти од реформските процеси и истакна дека како целосно посветена на овие процеси Владата ја обнови демократијата и испорача конкретни резултати во 4 области, како што се бараше во заклучокот на Советот на ЕУ во јуни 2018 година, во владеење на правото, антикорупција, безбедносни реформи и реформи во јавната администрација и паралелно беа остварени значајни позитивни промени и во социјалната сфера.
„Ја покачивме минималната плата двапати за две години. Ја зголемивме поддршката за социјална помош 300 отсто во корист на 30 илјади семејства. Зголемена е поддршката за 70 илјади деца. Платите во јавниот сектор, за лекарите, социјалните работници и наставниците се повисоки. Воведовме социјална пензија, така што старите граѓани не остануваат без никакви приходи. Ние сме посветени да градиме општество што е социјално праведно и каде што сите имаат еднакви шанси“, нагласи премиерот Заев на дебатата во Виена.
Премиерот Заев потенцира дека на меѓународен и на билатерален план Владата на Северна Македонија успеа да ги реши билатералните спорови со Бугарија и Грција и тоа ја направи земја без отворени прашања со соседите, како единствена на Западен Балкан од таа перспектива.
„Договорот од Преспа е достоинствено и прифатливо решение за обете страни. Таа се заснова на компромис што гради пријателство. Компромис што е добар и за двете страни. Со премиерот Ципрас создадовме модел за решавање комплексни прашања“, рече премиерот Заев и додаде дека тоа е препознаено и афирмирано од меѓународната заедница, вклучувајќи го и претседателот на Франција, Макрон, кој даде поддршка на овие политики во пресрет на референдумот за промена на името како чекор кон членството во ЕУ и НАТО.
„За Република Северна Македонија, нема алтернатива за интеграцијата во ЕУ и НАТО. Ние го искористивме нашето време во чекалницата и денес сме подготвени и политички и институционално за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Ја разбираме Франција, но сметаме дека проширувањето може да оди паралелно со дебатата за новата методологија за членство во ЕУ“, додаде претседателот на Владата на Северна Македонија, Заев.
Премиерот Заев на дебатата за европските перспективи на Северна Македонија во Виена рече дека е сѐ уште оптимист и дека очекува шефовите и владите на земјите на ЕУ на нивниот самит во Брисел да донесат одлука да почнат преговорите за членство за нашата земја.
„Очекувам ЕУ да се врати на изворните принципи и да покаже поголема грижа и внимание за процесите за проширување за да биде потврдена силата на привлечност за членство во ЕУ и за да се елиминира интересот на трети страни во регионот. Ние веруваме во идејата на ЕУ и ќе останеме посветени на тој пат“, потенцира премиерот Заев на дебатата на тема „Северна Македонија: Европски перспективи и зајакнување на домашните реформи за социјална еднаквост“, што се одржа во организација на Институтот К„арл Ренер“ и Фондацијата „Фридрих Еберт“ во Виена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos

