Македонија
Заев: Гасификација во целата држава и електричен трамвај за намалување на загадувањето
Премиерот Зоран Заев, одговарајќи на пратенички прашања на седницата во парламентот, посочи на активности што се преземаат и со кои, како што рече, се очекуваат конкретни ефекти против загадувањето.
Тој укажа дека проблемот со загадувањето е присутен со години и децении во нашата држава, но дека е сега видлив поради поставените мерни уреди, што е добро бидејќи главната свест за ова прашање расте, а сите граѓани, најмногу институциите, може да реагираат ефективно.
Заев објасни што презема Владата во делот на гасификацијата, што значи употреба на природен гас, а со тоа и значително помало загадување.
„Жалам што ова прашање се отвори во последните една-две години како потребни интензивни мерки за негово решавање.
Минатата влада можеше да инвестира стотици и стотици милиони евра токму во овој проект, кој е еден од приоритетите на оваа Влада. Како опозиција тогаш укажувавме цело време колку е важна навременоста на гасификацијата поради економската и енергетската вредност, но, пред сè, поради еколошката вредност што природниот гас ја носи. За жал, не беше направено ништо. Гасификацијата денес се реализира на 80 проценти од завршувањето на годината со повеќе од 83 проценти во реализацијата на предвидените планови. Се работат двата главни коридора, коридорот Неготинo – Кавадарци и Прилеп – Битола и другиот, покрај Скопје, Tетово – Гостивар. Се извршуваат постапките за експропријација на Гостивар – Кичево“, рече Заев.
„Сите општини добија налог, замолница, да ги работат главните проекти, така и Град Скопје за гасификацијата. Од поголемите градови, повеќе од 50 проценти веќе имаат изработено главни проекти, очекуваме да завршат општините од градот Скопје, некои имаат завршено, Чаир, на пример, со конечна цел да се отвори дебата на готова проектна документација, кој е моделот што ќе се спроведе во Скопје и во другите градови. Гасифицирани градови, кои имаат пуштено цевка во државата, се Струмица и Куманово“, рече премиерот Заев.
Тој соопшти дека методите за гасификација се: сопствени пари од буџетите на општините, тие да се задолжат како општини, државата да земе кредит да им помогне или по пат на концесии и јавни партнерства, како и за интерес од повеќе светски компании што работат во оваа област.
„Очекувам дека во 2020 година ќе почне изградба на секундарни и терцијарни гасоводни системи, барем во поголемите 10-ина градови во државата во согласност со одлуките на општините како надлежни за нив“, рече премиерот Заев.
За Скопје, премиерот Заев посочи дека градоначалникот веќе има набавено електрични автобуси и превозни средства за јавниот превоз.
„Не застануваме тука. Владата има намера да ги заврши своите работни состаноци со Град Скопје и да влезе во проект што ќе го овозможи електричниот трамвај во Скопје, со проектирана вредност некаде околу 100 милиони евра. Сакаме како држава да влеземе во таков проект и поради јавниот превоз, да биде еколошки и економски за граѓаните и поради тоа што претставува конкретна мерка што ќе даде и тоа како голем придонес во севкупните напори на државата против загадувањето. Намерата на Владата е да повлече кредитна линија во 2020 година, а постапката да ја почне уште сега за да се заврши целата тендерска постапка во зимскиот период за да може Град Скопје да влезе во имплементација и реализација на електричен трамвај на гуми“, најави премиерот Заев.
Тој оцени дека загадувањето доаѓа од три главни извори: греењето, јавниот превоз и индустриските објекти и дека се работи на сите три полиња. Тој рече дека Министерството за здравство има определено буџетски средства за системите за греење во многу болници, меѓу кои и болницата во Чаир, дека се работи за промена на целиот систем на котли и греење, а дека ваква одлука од Владата има и за болницата во Куманово, за „Затвор Скопје“ и за студентските домови.
„Имаме конкретни 15 милиони евра предвидени јавни државни пари за борба против загадениот воздух. Покрај редовната програма, секое министерство има определено и алоцирано средства, најмногу во Министерството за екологија, 618 милиони денари, или 10 милиони евра за инвертерите. Постапката почнува во неколку општини, во Скопје, Битола, Тетово, Кичево, а во согласност со одлука на Владата се проширува и во Куманово и во други општини понатаму. Целта е во партнерство со граѓаните да ги разубедиме во лоцирани зони, да се заменат системите на фосилни горива, дрва, нафта, мазут со инвертери или клима-уреди во вкупна вредност од 1.000 евра земајќи предвид дека има клима-уреди по 270-280 евра“, рече премиерот Заев.
Тој дополни дека инвестициите се насочени и кон обновливите извори на енергија: фотоволтаици и ветерници за што дел од дозволите е издаден, а дел од системите се гради.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Фондацијата „Заедно за едно“ донираше на кочанската болница 90 комплети ракавици за пасивна рехабилитација
Во насока на обезбедување соодветна медицинска и рехабилитациска поддршка за настраданите во пожарот во Кочани, Фондацијата „Заедно за едно“, основана од Македонската банкарска асоцијација, набави и испорача во ЈЗУ Општа болница Кочани 90 (деведесет) комплети S-Touch C1 ракавици за пасивна рехабилитација.
Секој комплет се состои од терапевтска ракавица, контролер и клон ракавица и претставува современо технолошко решение за спроведување на пасивни рехабилитациски третмани кај пациенти со нарушена моторика на горните екстремитети, како резултат на изгореници, повреди или невролошки состојби.
Со оваа донација значително се унапредуваат капацитетите на болницата за обезбедување континуирана и квалитетна рехабилитација, што е од особена важност во процесот на закрепнување на пациентите погодени од трагичниот настан.
„Остануваме посветени на обезбедување соодветни услови за лекување и рехабилитација и на континуирана поддршка на здравствените установи во справувањето со последиците од овој немил настан“, велат од Фондацијата.
Македонија
(Фото) Патот кон Теферич затворен за сообраќај, градоначалничката на Кисела Вода најави најбрзо техничко решение
Патот кон Теферич е затворен за сообраќај објави на социјалните мрежи градоначалничката на општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска.
„По денешниот повторен увид на терен со градоначалникот на Општина Сопиште, Јане Мицевски, и извршените стручни анализи, во координација со сите релевантни институции, донесена е одлука за итно затворање на овој патен правец. Ја информираме јавноста дека интензивно се работи на изнаоѓање на најбрзото и најбезбедното техничко решение за трајна санација на оштетувањето“.

Апелира до сите граѓани доследно да ја почитуваат поставената сигнализација и да ги користат алтернативните патни правци сè до целосно отстранување на дефектот.

„Посветени сме на изнаоѓање на најбрзо и сигурно решение за враќање на патот во нормална функција. Безбедноста на граѓаните е наш врвен приоритет“, напиша таа.
Претходно граѓани алармираа дека повторно се оштетил патот кон Теферич, само пет месеци по неговото реновирање.
Македонија
Беким Сали во работна посета на Украина: „Изразена солидарноста и поддршката кон украинскиот народ“
Првиот вицепремиер и министер за европски прашања, Беким Сали, денес престојува во официјална работна посета на Киев, Украина, каде ќе оствари средби со високи претставници на украинските државни институции.
Во рамки на посетата, Сали учествуваше на комеморативна церемонија во чест на загинатите бранители на Украина, при што беше изразена солидарност и поддршка кон украинскиот народ.



За време на посетата, предвидена е билатерална средба со заменик-претседателот на Владата за европска и евроатлантска интеграција на Украина, Тарас Качка, на која ќе се разговара за напредокот во процесот на европска интеграција, спроведувањето на реформите и унапредувањето на соработката меѓу двете земји во пристапниот процес кон Европската Унија.
Во агендата е предвидена и средба со претседателката на Комитетот за интеграција на Украина во Европската Унија при Врховната рада, г-ѓа Ивана Климпуш-Цинцадзе, со фокус на парламентарната соработка и размената на искуства во пристапните преговори.
Сали ќе оствари средба и со врховниот муфтија на Украина и претседател на Духовната управа на муслиманите на Украина, Ахмед Тамим, на која ќе се разговара за меѓурелигискиот дијалог и улогата на верските заедници во промовирањето на мирот и општествената стабилност.
Посетата има за цел продлабочување на билатералната соработка и реафирмирање на поддршката на Македонија за суверенитетот, територијалниот интегритет и евроатлантската перспектива на Украина.

