Македонија
Заев до Рот: Не дозволуваме неодговорни ултиматуми да нѐ оддалечат од НАТО
Блиску сме до членството во ЕУ и НАТО, нема да дозволиме процесот да го нарушат или да го доведат во ризик неодговорни ултиматуми. Ова денеска го истакна првиот човек на Владата, Зоран Заев, за време на средбата со државниот министер надлежен за Европа, Михаел Рот.
Премиерот се осврна на актуелната политичка ситуација, со посебен акцент на процесот на постигнување политичка согласност за основните принципи и прашања поврзани со реализацијата на референдумот за договорот со Грција, кој ги донесе пред успешна завршница евро-атлантските аспирации на Македонија.
Заев ја нагласи поддршката што во изминатиот период дојде од Германија и од канцеларката Ангела Меркел во трансформацијата на политичката криза во која беше Македонија.
„Многу сме блиску до реализацијата на стратешките цели на Македонија – членството во ЕУ и НАТО, и нема да дозволиме процесот да го нарушат или да го доведат во ризик неодговорни ултиматуми. Остануваме посветени до крајот да стигнеме до решенија што ќе овозможат услови за фер референдум во интерес на граѓаните на нашата земја. Законот е еднаков за сите, амнестијата за политичкиот криминал е невозможна и особено нема да попуштиме пред притисокот да отстапиме од владеењето на правото“, рече Заев.
На средбата државниот министер надлежен за Европа во Министерството за надворешни работи на Германија, Михаел Рот, истакна дека Македонија со датумот за преговори со ЕУ и со поканата за НАТО отвори ново поглавје во својата историја и истовремено отвори ново значајно поглавје и во историјата на Европа во периодот кога за ЕУ е од огромна важност единството на сите европски земји.
Рот додаде дека Македонија и понатаму може да смета на целосна и силна поддршка од Германија. Тој потенцира дека претстојниот референдум е момент за одлука за европската иднина за Македонија и дека одговорноста сега треба да ја преземат сите релевантни политички субјекти во земјата вклучувајќи ја и опозицијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

