Македонија
Заев: Драго ми е што предводам влада што вложува сериозни пари во спортот
Премиерот Зоран Заев синоќа присуствуваше и се обрати по повод свечениот настан „Спортисти на годината 2018“, кој го организираше Агенцијата за млади и спорт и Сојузот на спортски федерации.
На настанот беа присутни спортисти, спортски работници, претставници на спортските федерации, како и поддржувачи на спортот.
Заев во своето обраќање истакна дека убаво е да се заврши годината со доделување спортски награди, со надеж за уште поголеми успеси во годината што доаѓа.
„Мене ми е драго да бидам предводник на извршна власт што има силна мотивација да вложи сериозни пари и веќе вложува сериозни пари во поддршка на спортот, затоа што веруваме дека идоли за сите нас сте токму вие спортистите од нашата земја. Затоа, она што до сега го правиме, вложување сериозни и квалитетни средства во федерациите и спортските клубови ќе го продолжиме. Следната година имаме дополнителни 6 милиони евра, ваучерскиот систем стартува од јануари 2019 година, што дополнително значи нови 6 милиони евра за сите спортски клубови“, истакна премиерот во обраќањето.
Тој ги покани спортските работници во првите два месеца од 2019 заеднички да ја изработат Националната стратегија за спорт.
„При крај се фазите на одлуки што треба да донесат, сите спортски објекти коишто беа под Јавното претпријатие за стопанисување со спортски терени и објекти да бидат доделени на федерациите и општините за да може да ги користат сите спортисти“, кажа Заев и додаде дека зборува од срце бидејќи навистина сака да мотивира спортски цели и успеси.
„Ви благодарам од името на граѓаните на Македонија што ни ја претставувате нашата убава земја“, заврши премиерот.
За најдобар спортист за 2018 година е избран каратистот Емил Павлов, европски првак во карате-борби во категоријата до 60 килограми и прв шампион од Македонија во еден олимписки спорт, додека за најдобра спортистка е прогласена ракометарката Сара Ристовска, која со РК „Вардар“ имаше настап на фајнлфор-турнирот во Лигата на шампиони.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Неколку скопски општини денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека за денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина:
· од 06:00 – 10:00 часот, корисниците од ул. Пајак и ул. Наум Наумовски Борче. (Општина Центар)
· од 08:00 – 12:00 часот, дел од корисниците од ул.Пејо Јаворов (општина Кисела Вода)
· од 09:00-11:00 часот корисниците од улиците со бр. 406 и бр, 408 во с. Марино. (Општина Илинден)
· од 09:00-15:00 часот корисниците од улица со бр. 101 во нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)
· од 09:00-15:00 часот корисниците од улиците Индира Ганди, Брсјачка Буна, Овчеполска, Пелагонија, Демирхисарска, Сландол, Хаџи Јован Шишков,Злетовска, Тиквешка и ул.Нов Живот. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Претежно облачно, попладне и кон крајот на денот повремен дожд
Променливо облачно, попладне и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини врнежи од дожд и снег. Ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 6, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје, претежно облачно, попладне и кон крајот на денот ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува период на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Ќе дува умерен, повремено засилен јужен ветер што ќе услови до недела релативно високи температури. Од недела попладне ќе започне да дува северен ветер и температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
Магла на неколку патни правци, слаб снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Слаби врнежи од снег на Попова Шапка без задржување на коловоз. Намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 100 метри, Стража до 80 метри и кај Крушево до 30 метри, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

