Македонија
Заев за виенски „Стандард“: ЕУ треба да го забрза процесот на донесување одлуки
„Понекогаш членките на ЕУ ја забораваат причината зошто работиме заедно, а тоа е затоа што сме заемно корисни. ЕУ е најдобриот проект во светот што гарантира демократија и слобода и затоа треба да го забрза процесот на донесување одлуки и тоа значи дека малите држави не треба да се третираат на ист начин како и големите држави“, вели претседателот на Владата Зоран Заев во интервјуто за австрискиот весник „Стандард“.
Премиерот Заев пред посетата на претседателката на Комисијата на ЕУ, Урсула фон дер Лајен на Скопје, вели дека по шеснаесет и пол години чекање, нема веќе што многу да се направи со оглед на тоа што нашата земја беше добар пример во последниве години кога станува збор за однесување на европски начин.
„Сигурно не сме најдобри, но ние сме добрата вест од Западен Балкан. Во моментов, ЕУ размислува за препораките што ќе бидат дадени на Самитот за Западен Балкан на почетокот на октомври, а има држави од ЕУ кои дури и не сакаат Унијата да продолжи да се фокусира на Западен Балкан“, вели премиерот Заев истакнувајќи дека кога станува збор за управувањето со континентот, ЕУ е заинтересирана да нé има таму, бидејќи Кина и Русија, исто така, имаат економски интереси на овој простор, што, како што нагласи Заев, не мора нужно да имаат врска со европските и демократските вредности.
Во интервјуто, премиерот Заев посочи дека Северна Македонија може да даде повеќе примери на решавање на разни спорни прашања, кои ќе ги сподели со останатите Европејци.
Еден од нив е Охридскиот мировен договор, кој е целосно имплементиран и е модел, кој покажува дека со малцинските прашања најдобро може да се справиме со зајакнување на локалната самоуправа.
„Ова е многу корисен модел, не само за Босна и Херцеговина, туку и за земјите од ЕУ кои имаат меѓуетнички проблеми. Тие би можеле да го искористат тоа – станува збор за давање моќ на граѓаните. Кога станува збор за прашања за идентитетот, договорот за името од Преспа со Грција може да биде пример за Европа, додава Заев во интервјуто за австрискиот медиум.
На прашањето за бугарското вето и можниот излез од оваа ситуација, премиерот Зоран Заев вели дека продолжуваат разговорите со нашиот сосед и дека, според него, направени се чекори поблиску до решение.
„Мислам дека е можно да се постигне придвижување пред Божик, односно на Советот на ЕУ на 22 декември, бидејќи Бугарија до тогаш ќе избере нов парламент на 14 ноември, а вториот круг од претседателските избори таму ќе се одржи една недела подоцна. Така, тие имаат повеќе од еден месец да донесат одлука. Министрите за надворешни работи напорно работат на тоа. Ние се обидуваме да ја разбереме позицијата на Бугарија и тие се обидуваат да ја разберат нашата позиција“, истакнува претседателот на Владата.
Заев подвлече дека овој процес е билатерална работа, дека во него ЕУ е наш заеднички пријател и дека имаме целосна доверба во европските институции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Силјановска: Како никој не се сети да им каже во ЕУ дека самите во член 4 гарантираат немешање во внатрешните работи и почитување на уставните структури
Како може некому да ветите дека ќе го смените Уставот, кога Уставот може да го сменат само пратениците во Уставот. Како знаете, дека вие можете однапред да ветите нешто што не е ваша надлежност?, му порача кандидатката за претседателка од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова на нејзиниот опонент Стево Пендаровски во телевизиско соочување вечерва.
„Деновиве Макрон даде изјава дека ЕУ не е само територија, туку е концепција на човештвото и правото. Е, од тоа тргнувам и јас кога размилувам за ЕУ. За нејзините темелни вредности и принципи без кои таа не е политине заедница туку е само машинерија. Значи таа не е догма. Што ќе направам јас? Најпрво ќе направам регионални чекори. Штом ќе завршат изборите јас сакам да разговарам со моите соседи и заради регионалната политика и заради очекуваната поддршка од нив. Сакам да објаснам дека и кога има една преговарачка рамка не е логична заканата со вето. И дека може, дури и кога преговарачката рамка е ваква, низ интерпретација поинаква да се примени. Од типот, ако вие речете дека нема да употребувате вето за идентитески прашања, за историските дилеми и слично, протоколите, туку за Копенхагенските критериуми, јас ќе бидам сосема согласна. Значи, мислам дека е време кога ќе се смени власта, да чуе што мислиме и ние. Оти тоа е дијалогот што е нужен за добрососедски односи. Ако некој не го кажувал и ова досега, веројатно и тогаш било се во нивни раце“, рече Силјановска-Давкова.
Понатаму, како што додаде, како никој не се сетил да им каже на оние од Советот и од Европската комисија и сите останати со тоа се рушат темелните вредности на ЕУ? Бидејќи ЕУ гарантира во членот 4 почитување на уставните и политичките структури, немешање во внатрешните работи, почитување на дигнитет и интегритет, различности, неставање на билатерални спорови во рамката. Ако тоа не го кажете, вие ќе останете на прагматичните решенија.
Доаде и дека ниту еден од темелите на кои почивала програмата на Пендаровски во 2019 година не останале. Сите се урнале и ништо не е остварено.
Македонија
СДСМ за Димитриевски: Ароганција е кога човек-партија одработува против своите довчерашни сопартијци
Ароганција е кога човек-партија одработува против своите довчерашни сопартијци и во тоа нема ништо социјалдемократски ниту вредносно туку единствено и само личен интерес, реагира СДСМ по обвинувањата кои ги упати Максим Димитриевски од ЗНАМ, дека дозволиле отварање на бугарски клубови во Македонија и нивната ароганција е ненадминлива.
„За тоа кој ги отвораше клубовите со имиња како Ванчо Михајлов адресата е Белиот дворец на ДПМНЕ. Многу позната адреса каде ЗНАМ ги договара идните чекори за соработка заедно со поддршката на Гордана Силјановска Давкова.
Освен сликите на Ванчо Михајлов по штабовите на ДПМНЕ доволно говорат сликите на Мицкоски со основачите на тие клубови по манастирите низ државава за кои не слушнавме ниту збор од ЗНАМ.
Дали е тоа поради враќање на стари долгови за локалните избори 2021 година во Куманово или нови долгови јавноста ќе види многу скоро“, се вели во реакцијата на СДСМ.
Македонија
Утревечер и во петок нестабилно време со пороен дожд и грмежи
Времето утре ќе биде променливо облачно.
Од пладневните часови на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на краткотрајно невреме со засилен ветер и услови за изолирана појава на град. Услови за пороен дожд ќе има во текот на ноќта. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 18 до 25 степени.
Во Скопје променливо облачно. Од пладневните часови во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за изолирана појава на краткотрајно невреме. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 23 степени, јавува УХМР.
Во наредните денови, следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Утре, во ноќта кон петок и во петок на повеќе места ќе има развој на нестабилна облачност проследена со пороен дожд и грмежи, локално во форма на краткотрајно невреме со засилен ветер и услови за изолирана појава на град.
Дневната температура од утре до сабота ќе биде во постепено опаѓање, а во недела ќе се покачи за 2 до 4 степени..