Македонија
Заев за изборот на Бајден: Иднината пред нас е светла
Македонскиот премиер Зоран Заев на социјалните мрежи упати честитки за новоизбраниот американски претседател Џо Бајден и потпретседателката Камала Харис.
„Сигурен сум дека ќе продолжиме да ги развиваме одличните односи кои ги имаме со САД и да го продлабочуваме нашето сојузништво во НАТО, но и на сите полиња. Иднината пред нас е светла!“, порача Заев.

Откако пристигнаа резултатите од Пенсилванија, која носи 20 избирачки гласови, американските медиуми го прогласија демократскиот кандидат за победник.
Во својата прва објава на „Твитер“ по објавувањето на резултатите, Бајден порача дека ќе биде претседател на сите Американци, без разлика дали гласале за него или не.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Четиринаесет години Мировно образование во Македонија
Мировното образование е важно затоа што гради разумни и толерантни личности, кои знаат да почитуваат и кои конфликтите ги решаваат вербално, по ненасилен пат и тоа е исклучително важно за да може општеството да напредува, истакна министерката за образование и наука, Весна Јаневска, на Конференцијата за мировно образование во Скопје, што четврта година по ред ја организира Првата детска амбасада – Меѓаши.
„Меѓаши многу помага да се реализира мировното образование преку спроведување на посебна програма и воннаставна активност, за која имаме склучено меморандум за соработка. Помага со обуки на наставници и со вклучување на деца во рамки на истата. Денес имаме средба со поголем број наставници и клучната тема е токму мировното образование, па преку размена на искуства ќе се обидеме да дојдеме до нови идеи и заклучоци за тоа како да го унапредиме истото во иднина“, рече Јаневска.
Министерката рече дека таа ќе се залага за обезбедување континуитет на мировното образование и дека постојано треба да се истакнува неговото знаење, затоа што придонесува во градење млади генерации со вистински вредности.
„Македонија е мала земја и можеби не може да влијае на надминување глобални конфликти помеѓу многу посилни држави, но можеме да влијаеме на зачувување на мирот во своите граници. Тоа е основа за напредок во сите сфери“, додаде министерката.
Мировното образование во Македонија се спроведува од 2011 година, како проектна активност со која се опфатени над 70 училишта, а повеќе од 300 наставници се обучени да ги предаваат наставните модули што на предлог на Меѓаши се одобрени од Бирото за развој на образованието.
Македонија
„Оваа генерација има светла иднина, Скопје е одбрано на светската мапа “ – Николоски на настанот на УМС
На денешниот настан организиран од страна на Унијата на млади сили и Меѓународната демократска унија, во изјава за медиуми потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски истакна дека овој настан е еден од најголемите настани организирани од Унијата на млади сили предводена од Сергеј Попов, како резултат на посветеноста, развојот и работата на Унијата.
„Би сакал да честитам, ова е најголемиот настан којшто Унијата на млади сили го има реализирано од своето основање, Меѓународната демократска унија е најголемото семејство на центар-десни, конзервативни и центар политички партии во светот, и со тоа нејзиниот подмладок е најголемиот политички подмладок којшто ги застапува овие идеи и овие политички визии. Со самото тоа, тоа што Скопје е одбрано на светската мапа и тоа што Унијата на млади сили е избрана од сите подмладоци да го организира овој настан, мислам дека многу говори за посветеноста на Унијата на млади сили, на тимот предводен од Сергеј Попов“, рече Николоски.
Николоски истакна дека овој настан е доказ дека Унијата на млади сили се развива, со посебно внимание од страна на државата во делот на образованието, поддршката на студентите, како и вработувањето на млади лица.
„Ова е најдобар доказ дека Унијата на млади сили се развива, нешто што е гордост за сите нас, секогаш најдобрите идеи и најдобрите кадри во ВМРО-ДПМНЕ произлегувале токму од Унијата на млади сили. Оваа генерација има светла иднина и дека партијата ќе црпи многу од овие луѓе коишто се сега во рамки на Унијата на млади сили. Европската народна партија е најголемо политичко семејство во Европа, низ еден дијалог ќе може Унијата на млади сили да презентира што правевме во изминатиот период и кои се нашите визии и планови за иднината. Посветуваме големо внимание, дали е тоа во делот на реформи во образованието, во делот на поддршка на студентите, вработување на младите лица, обучување и прифаќање на предизвикот за новите технологии кои што доаѓаат, навистина имаме еден широк спектар кадешто се бориме да помогнеме на младите луѓе“, вели Николоски.
Македонија
(Видео) „Власта ги одби амандманите за прогласување на Кожув и Огражден за заштитени подрачја“, велат од партијата Левица
Пратеникот од Левица, Сашко Јанчев, на седницата на Комисијата за финансирање и буџет, ги образложи амандманите со кои пратеничката група повторно предложи да се издвојат по 200.000 евра во Буџетот за 2026 година за изработка на студии за валоризација на планините Кожуф и Огражден – како прв чекор кон нивно прогласување за национален парк, односно заштитено подрачје. И покрај образложението и јавната поддршка за заштита на овие региони, власта ги одби предложените амандмани, известува партијата Левица.
Јанчев потсети дека Кожуф претставува национално богатство што повеќе од една деценија е под континуиран притисок од поединци кои, во трка по профит, се обидуваат да ја загрозат планината. Како доказ за јасната волја на граѓаните, тој го наведе референдумот од 2017 година во Општина Гевгелија, кога од излезените 69% граѓани, дури 99% гласале за заштита на Кожуф.
Јанчев истакна дека Кожуф одамна не е локална тема, туку национален интерес и национален проблем, што се потврди и ова лето со 72-дневната блокада на Дошница, организирана од граѓани од целата држава, со цел спречување на изградба на две мали хидроцентрали на најчистата река во Македонија.
Пратеникот исто така го образложи и амандманот за издвојување 200.000 евра за студија за валоризација на планината Огражден, неопходна за нејзино прогласување за заштитено подрачје. Тој предупреди дека веќе една деценија овој регион е под закана од отворање рудник кај Иловица и Штука – проект што граѓаните со право го нарекуваат „рудник на смртта“.
Јанчев нагласи дека планираното хидројаловиште, со предвидена брана висока 276 метри (највисока од овој тип во светот) претставува директен ризик за здравјето на граѓаните, водите и земјоделството во Струмичката котлина. Дополнителен ризик е и фактот што регионот е трусен, а евентуален дефект или земјотрес би имал катастрофални последици.
Пратеникот истакна дека е време власта конечно да ја избере вистинската страна – страната на народот и заштитата на природното богатство, а не страната на профитерите.
„Сепак, власта, исто како и минатата година, и овој пат ги одби и двата амандмани, оставајќи ги процесите за заштита на Кожуф и Огражден без поддршка и во 2026 година“, се додава во соопштението на партијата Левица.

